Мора да има нулта толеранција и да се искористи секоја можност и алатка да се бориме против корупцијата. Борбата против корупцијата дава резултати само доколку во неа се вклучат што повеќе институции и поединци што ја делат со нас нашата цел. Да се охрабриме сите, да се движиме кон иста цел, борбата против корупцијата од повеќе страни индивидуално, институционално и на сите нивоа на власта.
Ова е пораката од Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната прес-конференција на која беше промовирана кампањата за јакнење на свеста „Избери го вистинскиот правец – Избери интегритет“.
Таа оцени дека интегритетот е основната вредност на една единка и на целокупното општество, високото ниво на институционален и професионален интегритет е стратешко и одржливо оружје во борбата против корупцијата. Ивановска порача дека зајакнувањето на интегритетот треба да е одговорност на сите институции во системот и на сите нивоа на власт.
Претседателката на Антикорупција информира дека институциите ќе назначат лица за интегритет, а ДКСК развива софтверско решение за олеснување на процесот на мерење на ризиците од коруција и нивното исполнување во односн на спроведувањето на политиката на интегритет.
– Институциите ќе се обврзат да дадат приоритет на јавниот интерес и постојано ќе го следат, превенираат и ќе управуваат со судирот на интереси преку транспарентен процес на решавање на ситуациите во кои се појавуваа судирот на интереси и дополнително ќе ги развиваат постојните механизми за следење на примената на правилата за спречување на судирот на интереси. Ќе се промовира и почитува професионалното работење и почитувањето на етичките кодекси, а за областите кои се нагласено подложни на корупцијата, како што се јавните набавки, соодветните институции треба да усвојуваат посебни кодекси за постапување, информираше претседателката на ДКСК Ивановска.
Како едно од најважните стандарди, истакна таа, е заштитеното укажување и пријавување на неправилности. Укажувачите, посочи Ивановска, се од круцијална важност во борбата против корупцијата, а укажувањето се смета за еден од најефективните начини за борбата против корупцијата. ДКСК, подвлече Ивановска, посветено работи на ова тема, особено во делот на заштита на пријавувачот и јакнење на свеста за важноста на оваа регулатива.
Пламенка Бојчева, директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, во обраќањето наведе дека досегашното искуство покажува дека мал е бројот на граѓани на С Македонија кои го користат уставното и законски загарантирано право за слободен пристап до информации од јавен карактер. Една од основните причини, за малиот интерес на граѓаните да бараат пристап до информации од јавен карактер, потенцира таа, е недоволната информираност за можностите што ги нуди Законот за слободен пристап.
Во Агенцијата сметаат дека практицирањето на ова право на граѓаните не ќе може да се промени преку ноќ и потребна е широка и координирана акција и едукација што ќе придонесе за поголема афирмација на правото за слободен пристап до информации и подигнување на свеста на оваа право.
Бојчева рече дека граѓаните имаат право да побараат и да добијат информации од државните институции на централно и на локално ниво, притоа вршејќи контрола над нивната работа, особено во делот на трошење на буџетските средства.
Овој концепт, оцени таа, директно влијае врз намалувањето на корупцијата и зајакнувањето на интегритетот и транспарентноста на државните институции, како и за одговорност и отчетност на јавната администрација.
– Ефектот што се постигнува е зголемена доверба на граѓаните во работата на државните институции и во системот воопшто, рече Бојчева.
Информира дека Агенцијата делува превентивно преку организирање редовни бесплатни обуки и репресивно преку водење прекршочни постапки против службените лица – иматели на информации кои не ги почитуваат одредбите на законот и постапуваат согласно истите.
За Фрек Јанмаат, раководител на Оддел за економски прашања, градење институции, прекугранична соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје, унапредувањето на транспарентноста и отчетноста на јавните институции е клучна компонента на ефективна политика за спречување на корупција.
Транспарентноста и отчетноста, нагласи тој, може да се каже дека се најважните елементи во минимизирањето на корупцијата и обезбедувањето на интегритетот.
– Обезбедувањето интегритет е тешка задача и оди подалеку од традиционалните мерки за спречување корупција, бара холистичен пристап преку механизмите за транспарентност и отчетност, вклученост на целото општество, Владата, јавната администрација на централно и локално ниво, бизнисите, граѓанското општество, медиумите и граѓаните, порача Јанмаат.
Според него, постоењето ефективни домашни институции и механизми за борба против корупцијата се клучни во процесот на пристапување кон ЕУ и се вклучени во т.н., подвлече, основни области за реформа како што се владеење на правото, јавна администрација и економско управување.
Тој меѓу другото изрази надеж дека наскоро ќе почнат разговорите за пристапување на нашата држава во ЕУ.
– Укажувачот кој делува во насока на заштита на јавниот интерес, е човек кој не ќути кога ќе види дека нешто е наопаку и бара да ја поправи состојбата, дури и ако е тоа ризично. Токму затоа есенцијално е да се воспостават механизми за сите да бидат заштитени во своето пријавување од каков бил вид на одмазда, рече Фрек Јанмаат.




