Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска, на првиот состанок со претставниците на органите на државната управа кои учествуваат во усогласувањето на меѓународните договори, им даде препораки на сите институции, во наредниот период активностите да ги насочат кон интензивирање на договорната соработка.
Тоа, рече Османи, ќе биде потврда за посветеноста за развојот на билатералните односи и за развојот на соработката со сите држави со кои Северна Македонија има воспоставено дипломатски односи.
Како што информира МНР, целта на состанокот е основање меѓуресорска работна група за унапредување на билатералната договорна соработка, што беше повод и министерот Османи да ја формира оваа група, потврдена со одлука на Влада.
-Во фокусот на оваа група ќе биде координацијата и поддршката на активностите насочени кон склучување, усогласување и иницирање на нови договори, со што значајно ќе се подобри договорната соработка со другите држави и меѓународни организации, соопшти МНР.
извор: МИА





