Eксминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска до судот поднел барање Фијат Цаноски и Ардијан Амзоски да сведочат во случајот ТНТ за уривањето на комплексот „Космос“, пренесува „360 Степени“. Но судот им го одби ова барање бидејќи двајцата присуствувале на рочиштата како оштетени и ги слушале другите сведоци.
„Фијат Цаноски контактирал со Груевски, тој ја знае вистината за овој случај“, рече Јанакиески објаснувајќи ги причините за поднесување на ваквото барање.
„Но, Груевски не е тука“, му рече судијата Огнен Ставрев кој е на чело на судечкиот совет кој го води овој предмет. „За жал, го нема“, прокоментира Јанакиески.
Оваа дискусија се одвива во судницата додека се очекува да се изготват решенијата за назначување адвокати по службена должност за четворица обвинети кои денеска се појавија во судот без бранители.