Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска имаше средба со македонската делегација во стрелаштво, која од 24 август до 5 септември ќе учествува на Параолимписките игри во Токио.
Како што соопшти МТСП; на средбата е разговарано за подготовките на нашиот тим кој треба да учествува во натпреварите во стрелаштво. Стрелачката Оливера Наковска-Бикова е единствениот македонски учесник на Параолимпијадата во Јапонија.
– Ви посакувам многу среќа и да ни се вратите со медали. По враќањето од Параолимписките игри ви стојам на располагање за средба и разговор за сите предизвици со кои се соочуваат нашите спортисти со попречености. Ќе разговараме не само за правата, туку и за услугите и потребите на лицата со попречености. Во планот на МТСП и на Владата е надоместокот за попреченост од наредната година да се покачи за 15 проценти, рече Шахпаска.
Стрелачката Наковска-Бикова рече дека е убедена оти ќе се пласира во финалето на Параолимписките игри во Јапонија.
– Сигурно ќе успеам да се пласирам во финале во една од дисциплините. Имам три дисциплини, три шанси, здравје боже понатаму сè е среќа. Кога се влегува во финале се почнува од нула, претходниот резултат се брише, рече Наковска-Бикова.
Наковска-Бикова на 31 август ќе се натпреварува во стрелаштво со воздушен пиштол на десет метри, на 2 септември со спорт пиштол на 25 метри и на 4 септември – со пиштол по слободен избор на 50 метри.
Тренерот Бранимир Јовановски соопшти дека во Токио тргнуваат на 23 август и наредниот ден да стигнат, кога ќе биде и отворањето на Параолимписките игри.
– Се надевам дека ќе ги завршиме сите процедури и дека ќе се појавиме на церемонијата на отворање, во спротивно ќе треба некој друг да го носи нашето знаме, рече Јовановски и информираше дека сите во тимот се имунизирани.
МТСП во соопштението наведува дека министерката Шахпаска на средбата упати апел до сите спортисти со попречености да се вакцинираат против КОВИД-19.