ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home СВЕТ

Авганистанците очајни да заминат од Кабул, талибанците смируваат, Бајден ангажира цивилни авиокомпании за помош при евакуацијата 

August 23, 2021 08:16
in ДЕНЕС, СВЕТ
Share on FacebookShare on Twitter

Илјадници луѓе повеќе од една недела се обидуваат да го напуштат Авганистан, при што најмалку 20 загинаа, кои се плашат од одмазда и враќање на строгото владеење под талибанците, кои под две децении ја презедоа контролата над земјата.

Толпата се зголеми на аеродромот во Кабул, каде Авганистанци кои стравуваат од одмаздата на талибанците, со денови чекаат на горештини и во прав во надеж дека ќе се качат на некој од авионите што ќе ги одведе во некоја безбедна земја. Со метежот кој се создава крај аеродромот се попречуваат операциите на САД и други земји кои се обидуваат да евакуираат илјадници свои дипломати и цивили, како и бројни Авганистанци кои работеле за нив.

Според официјалните изјави и локалните извештаи, досега се евакуирани најмалку 28.000 луѓе.

САД, кои имаат стационирано илјадници војници за да го обезбедат аеродромот, поставија краен рок за завршување на евакуацијата до 31 август. Но, има околу 15.000 Американци и 50.000 до 60.000 авганистански сојузници кои треба да бидат евакуирани, според податоците од администрацијата на претседателот Џо Бајден.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин вчера застана во одбрана на планот на  Бајден во однос на Авганистан, но сугерираше дека американските сили можеби ќе треба да останат и по крајниот рок од 31 август, определен од претседателот за крај на евакуацијата. На прашањето од Еј Би Си њуз дали ќе препорача продолжување на рокот, Остин одговори: Ќе продолжиме да ја проценуваме ситуацијата и повторно, ќе работиме колку што можеме повеќе за да извлечеме што е можно повеќе луѓе. И кога ќе се приближиме до тој рок, ќе му дадеме препорака на претседателот.

 

Армискиот генерал-мајор Вилијам Тејлор на брифингот во Пентагон изјави дека 5.800 американски војници остануваат на аеродромот и дека објектот „останува безбеден“.

Талибанците и ветија на американската администрација безбеден пристап за евакуација на Американците и Авганистанците до аеродромот во Кабул и не поставија временска рамка за тоа, соопшти вчера американскиот државен секретар Ентони Блинкен во интервју за Си-Би-Ес.

– Исто така, важно е да се напомене дека талибанците изјавија дека имаат намера да го одржат аеродромот отворен, сакаат да имаат функционален аеродром. Тие се посветени на обезбедување безбеден премин без никакви рокови, рече тој.

Неименуван претставник на НАТО рече дека западните сили „одржуваат строго растојание од надворешните области на аеродромот во Кабул за да спречат судири со талибанците“.

Претходно, телевизијата Ал Џезира објави дека талибанците испратиле баталјон специјални сили на аеродромот во Кабул за да го воспостават редот таму. Телевизијата цитираше авганистански извори. Медиуми посочуваат дека талибанците вршат контроли на повеќе пунктови надвор од аеродромот.

Од друга страна, талибанците се незадоволни од хаосот што се создава, оценувајќи дека за тоа нема потреба и оти никој не треба да се плаши. Тие велат дека соработуваат со Американците кога е во прашање аеродромот во Кабул.

– Талибанците имаат „работен однос“ со Американците на аеродромот во Кабул во однос на безбедносните прашања, изјави за телевизијата Ал Џезира Абдул Кахар Балчи, член на комисијата за исламистичка култура. Тој рече дека контролните пунктови надвор од територијата на аеродромот се под контрола на талибанците, додека оние внатре се под американска контрола. – Тие се во постојан контакт едни со други, истакна тој.

Балчи изрази жалење што жителите брзаат кон аеродромот за да го напуштат Авганистан, велејќи дека нивниот страв и хистерија се неосновани бидејќи талибанците прогласиле општа амнестија, дури и за припадниците на безбедносните сили.

Балчи исто така рече дека талибанците првично не сакале да влезат во Кабул. Тие планираа претходно да најдат политичко решение и да формираат влада со други сили. Тој, исто така, рече дека сите се изненадени од брзината на нивниот напредок.

Но, во меѓувреме, речиси секојдневно медиумите известуваат за нови смртни случаи на меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“. – Најмалку 20 лица загинаа во изминатата недела за време на евакуација во и околу аеродромот во Кабул, изјави претставник на НАТО, кој побарал да остане неименуван.

– Кризата пред аеродромот во Кабул е трагедија. Нашиот фокус е на евакуација на сите странски државјани што е можно поскоро, рече официјалниот претставник, пренесува Скај њуз. Меѓу тие 20 се и седум авганистански цивили кои загинаа во стампедо.

Американските медиуми наведуваат дека околу аердромот е настаната општа турканица, а имало и повредени, особено кога талибанците пукале во воздух, со цел да ги избркаат луѓето што сакале да се качат на секој авион што го напушта Кабул.

 

Британското Министерство за одбрана во вчерашното соопштение наведе дека „условите на терен остануваат многу предизвикувачки, но дека Велика Британија останува посветена да стори сé што е можно за да ја подобри ситуацијата и се да биде безбедно, колку што тоа е можно“, јави „Скај њуз“.

Со цел да се заврши евакуацијата што е можно побрзо, САД вчера вклучи неколку големи американски авиокомпании во евакуацијата на десетици илјади Авганистанци и странци од Кабул.

Пентагон соопшти дека секретарот за одбрана Лојд Остин ја активирал ретко користената воздушна флота на цивилни резерви (ЦРАФ) за да им помогне на луѓето да пристигнат во американските бази на Блискиот Исток. „Способноста на Министерството за одбрана да испраќа воени сили е неразделно поврзана со комерцијалната индустрија, која обезбедува критичен капацитет за транспорт, како и глобални мрежи за да се исполнат секојдневните и итните барања“, се вели во соопштението.

CRAF досега беше активиран само двапати-за превоз на војници за Војната во Заливот во 1990-91 година и повторно во 2002-2003 година за инвазијата на Ирак

Осумнаесет цивилни авиони од Американ Ерлајнс, Атлас, Делта, Омни, Хавајан и Јунајтед ќе им помогнат на десетици воени транспортни авиони, вклучени во евакуацијата, се вели во соопштението. Наместо слетување и полетување од главниот град, авионите ќе превезуваат луѓе од американските бази во Катар, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати во европските земји и, за многумина, во САД.

Ситуацијата дополнително се комплицираше во саботата, кога американската влада ги предупреди своите граѓани да се држат подалеку од аеродромот поради „безбедносни закани“.

 

Но аналитичарите наведуваат дека е важно добрo да се организира не само евакуацијата, туку и прифаќањето на бегалците од Авганистан. Блинкен соопшти дека досега, покрај САД, 12 други земји се согласиле да прифатат привремени бегалци од Авганистан. Меѓу нив се Република Северна Македонија, Албанија и Косово. „Албанија, Канада, Колумбија, Костарика, Чиле, Косово, Северна Македонија, Мексико, Полска, Катар, Руанда и Уганда дадоа великодушни понуди во врска со напорите за преместување на загрозените Авганистанци, рече Блинкен.

– Исклучително ја цениме поддршката што ја понудија и горди сме што работиме со нив на заедничка поддршка за авганистанскиот народ. Охрабрени сме што и другите земји размислуваат да понудат поддршка, рече Блинкен.

Транзитот на евакуираните Авганистанци и државјани на други земји кои го напуштија Авганистан веќе се случува или ќе се случи наскоро преку територијата на 14 земји. Тоа се Бахреин, Данска, Франција, Германија, Италија, Казахстан, Кувајт, Катар, Таџикистан, Турција, Украина, Обединетите Арапски Емирати, Обединетото Кралство и Узбекистан.

Со цел сместување на бегалците, Бајден и шпанскиот премиер Педро Санчез се договорија дека две воени бази во јужна Шпанија ќе се користат за прием на Авганистанци кои работеле за американската Влада. Тие се согласиле дека базите во близина на Севилја и Кадиз ќе се користат за бегалци од Авганистан, додека не се договори нивното заминување во други земји.

Но и покрај засилените напори на Вашингтон, не стивнуваат критиките за начинот на кој се спроведе повлекувањето на американските сили од Авганистан.  Меѓу критичарите од вчера е и поранешниот британски премиер Тони Блер, кој одлуката за повлекување на американската војска ја оцени како „трагична, опасна и непотребна“.

Во нападот врз Бајден поради неиспланираното повлекување на американските војници, Блер пишува дека е очигледно дека одлуката за напуштање на Авганистан не е стратешка, туку политичка. -Не требаше да го правиме тоа, ние го избравме. Го направивме во согласност со имбецилниот политички слоган за завршување на ’вечните војни’, наведе Блер, алудирајќи на слоганот на Бајден што го користеше за време на изборната кампања.

Бајден пред два дена повтори дека со повлекувањето од Авганистан сакал да стави крај на „бескрајните војни“.

„Напуштањето на Авганистан и неговиот народ е трагично, опасно и непотребно, ниту е во нивен, ниту е во наш интерес“, истакна поранешниот британски премиер.

-Мораме да ги евакуираме и да им дадеме засолниште на луѓето за кои имаме обврска – Авганистанците кои ни помогнаа и кои беа со нас. Тие имаат право да бараат од нас да бидеме со нив. Не треба да се одредуваат произволни рокови. Имаме морална обврска да останеме додека сите оние на кои тоа им е потребно не бидат евакуирани. Не треба да го правиме тоа неволно, туку со големо чувство за хуманост и одговорност, рече Блер. Тој додаде дека дури тогаш ќе дојде редот на талибанците.

-По евакуацијата, треба да изработиме начини за справување со талибанците. Треба да видиме како да извршиме максимален притисок врз нив. Ова не е толку едноставно како што изгледа. Изгубивме голема предност, но можеме делумно да ја повратиме. Русија, Кина и Иран ќе гледаат да извлечат корист од сето тоа , заклучи Блер.

Во критиките за Бајден исклучително гласен е и поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој ја нарече целата акција „најголемо понижување на Америка во меѓународната политика“.

Трамп, кој ја разгледува можноста повторно да се кандидира за претседател во 2024 година, го обвини Бајден за падот на Авганистан во рацете на талибанците, иако, како што потсетуваат британските медиуми, повлекувањето на американските војници беше договорено токму за време на неговата администрација.

-Неуспешното заминување на САД од Авганистан величенствено ја покажува изразената неспособност на лидерот на нацијата, можеби на сите времиња, им рече Трамп на своите поддржувачи на митинг во близина на градот Калман, во американската сојузна држава Алабама.

Трамп го обвини Бајден за актуелната ситуација, изјавувајќи дека тој не го следел планот што го осмислила претходната администрација.

-Ова не е повлекување. Ова е целосно предавање, додаде Трамп.

Тој верува дека брзото паѓање на Кабул во рацете на талибанците немаше да се случи доколку тој се уште беше на чело на државата.

-Можевме чесно да го напуштиме Авганистан. Всушност, требаше да излеземе со кренати чела, и наместо тоа излегуваме со нешто што е спротивно на тоа, рече поранешниот американски претседател./МИА/.

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

Костова: Владата на Мицкоски ја претвори Македонија во „тажна балканска приказна“

May 10, 2025

Македонскиот павилјон „Strada Brutalissima“ на Венециското биенале на архитектурата 2025 вброен меѓу 10-те највпечатливи

May 10, 2025

„Марш за ангелите“ во Кочани: Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има!

May 10, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Интервју со Кристина Костова

    Интервју со Кристина Костова: Мицкоски сака да владее во хаос, СДСМ се враќа со конкретни решенија

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Ако не сакаш да бидеш Европеец ќе бидеш ништо и затоа е добро да не сакаш!

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • НАСА: Браната Три Кланци во Кина ја успори ротацијата на Земјата

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Левица: ВМРО-ДПМНЕ менува закони по мерка, веќе нема да требаат ни сертификати за директорско место

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Мастрафот си ти

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk