пишува: БИЛЈАНА АРСОВСКА
„Дојди, дојди, мој конзервативен пријателe, избриши ја росата од очилата и види дека светот се движи“ – Елизабет Кејди Стентон
Не чувствувам гнев кон општеството. Не обвинувам никој. Не го вперувам својот прст кон одреден калибар на луѓе. Не сонувам за мир и еднаквост во светот. Немам ниту волја за да викам на сиот глас на протести за женските права. Не мислам дека со лутина би променила нешто. А, сепак, се декларирам како феминистка.
Моите бебешки чекори на минското поле во општеството поделено на женски и машки пол се содржат од информирање на луѓето кои феминизмот го доживуваат површно, а феминистките како огорчени чавки кои гракаат дека сакаат полова еднаквост.
Феминизмот е дефиниран како „Политичка струја за целосна рамноправност на жената со мажот“. Ако ме прашате мене, основната дефиниција за феминизмот е маж или жена кој вели: „Да, има проблем со половата дискриминација денес и треба тоа да го поправиме, мора да бидеме подобри од ова. Сите ние, и мажите и жените, мора да бидеме подобри.“ Не трошам многу енергија околу разбирање на женско-машките стеги наложени од општеството. За мене жените и мажите се катода и анода кои взаемно придонесуваат да се движи струјата на животот.
Одамна сум свесна за опасноста од едностраната приказна. Едно од првите прашања што ми ги поставија колегите во Словенија беше: Имате ли во Македонија телевизор во боја? Беше 2013-та и да, имавме телевизор во боја. Пред да тргнете кон осудување на оваа неинформираност, помислете колку такви стереотипи негуваме сите. Тоа е едностраност на приказната. Како што Африка ја асоцираме со сиромаштија, Мексико со имиграција, Германија со ладнокрвност. Така и таму некој, за нас, познавајќи една страна од широкиот спектар, нè сметал за толку неразвиени, што не знаеше ни дали имаме телевизор во боја.
Невозможно е да се зборува за еднострана приказна без да се зборува за моќ. Зборот „нкали“ (Nkali), од јазикот Игбо е именка што во слободен превод значи „да се биде поголем од другиот“. Кога имате моќ, не само што можете на другите да им раскажете приказна за еден човек, туку приказната да ја претставите и како единствената приказна за тој човек.
Родовата нееднаквост е проблематика што осцилира и се пренесува од колено на колено низ вековите. Среќна и горда сум за тоа колку имаме напреднато но во исто време сум гладна за повеќе, за подобро. Неодамна, по не знам кој пат го гледав филмот Суфражетки (Suffragette) во кој е прикажано движењето и борбата на жените во доцниот 19-ти век, бидејќи мажите во Обединетото кралство имале право да гласаат, а жените не.
Во филмот е прикажана субмисивноста на жената во тоа време. Без право на избор на својот партнер, со плата за половина пониска (за идентична работа) од мажот, без право на одлука, без право на… глас – во буквална смисла на зборот. Ете, затоа велам дека сум среќна и горда од оваа позиција во којашто се наоѓаме денес. Може полошо. А, може и подобро.
Од друга страна, со грутка во грло ги проследувам вестите за Кабул, за тоа колку скапо жените ја плаќаат цената на окупаторството од страна на Талибанците кои преку присила им наложуваат на сите жени да носат бурка, да останат во своите домови, да не се едуцираат, да не одат на доктор и единствено да ги задоволуваат потребите и желбите (читај: наредбите) на мажите. Понатаму, за беспомошноста на жените во Северна Кореја дознав преку приказната на Јеонми Парк (Yeonmi Park) која зборува за тоа како сиромаштијата и недостигот на храна за преживување во Северна Кореја ја натерале да избега во Кина, каде единствен начин за опстанок на 13 годишно девојче било тоа да го продава своето тело. Тоа бил единствениот начин за таа да има доволно храна за да преживее. Ова не е приказна од 70ите, ова е приказна од 2007-ма година.
Но, ако се фокусирам само на негативните приказни, го гледам животното искуство само дводимензионално и ги прескокнувам многуте други приказни што ме оформија. Ако се фокусирам на темната страна, ќе станам огорчен човек, а не страсна феминистка. Со едностраната приказна се создаваат стереотипи. Не дека стереотипите не се вистинити, туку се нецелосни. Една приказна ја претставуваат како единствената приказна. Светот е истовремено и убаво, и одвратно место за живеење. Мажите се феминисти и мизогинисти. Жените се почитувани и омаловажувани. Не се сите мажи исти. Не се сите жени исти.
Не, јас не ‘гракам’ за полова еднаквост. Наместо тоа, достоинствено и информирано зборувам за потребата константно да стануваме подобри. Поголеми луѓе, не само посилни жени и мажи. Како што денес јас се гордеам за напредокот од пред 100 години, така сакам да се чувствуваат и оние кои ќе живеат 100 години после нашево време. Активно учествувам во дебати. Понекогаш мојата публика се 7 годишни девојчиња кои како сунѓер ја впиваат секоја моја реченица за тоа колку се силни, храбри, прекрасни такви какви што се и способни да го освојат светот. Неуморно читам, зборувам и творам за потребата од антидискриминаторски регулативи на работното место, потребата од споделено родителско отсуство со цел и таткото да биде подеднакво вклучен во процесот на растење на малото дете, репродуктивните права на жените и здравствената заштита…
Својот тон го повишувам единствено пред оние кои тврдат дека сѐ е одлично и подобро не може. А може. Ете, тоа е мојата револуција. Да ги убедам сите дека промените не се случуваат преку ноќ, но се неопходни. Да ги убедам дека сме исти и еднакви, и ништо помалку од тоа не прифаќам. Да ги уверам луѓето дека не смееме да затвориме очи и да се помириме со неправдите.
Порано мислев дека таму некаде постои совршена жена. Таа жена секое утро се буди прекрасна, ненадуена во стомакот, со коса која останала исто исправена како претходниот ден, со лице чисто ко солза, бестрашна, среќно заљубена, успешна, смирена и самоуверена. Нејзиниот живот е безмалку совршен. Нејзиниот живот е… лесен. Таа совршена жена ме прогонуваше како дух. Силно се обидував да бидам таа жена. Исто толку силно го чувствував неуспехот да бидам таа жена.
Денес, со насмевка му покажувам среден прст на тој дух. Престанав да се обидувам да бидам таа совршена жена и се одлучив да ги прославувам моите несовршености. Јас сум именка, а не придавка!
Открив нов идентитет: Силен човек.
Им соопштив на сите кои светот го гледаат малку пошироко од хоризонтот на стереотипите и помодарството – дека сум хаос и дека се гордеам со тоа! Ја сакам оваа верзија на хаотично суштество што сум. Јас сум истовремено скршена и прекрасна. Имам муда и имам вагина. Некои денови трчам со волците а некои денови се кријам како полжав во својата куќарка. Некои денови имам сила да поместам планини и реки, а некои денови сум најранливата срна што се тресе од страв пред предизвиците.
Е*и се, совршена жено!
Е*и се, совршен човеку!
Сè што навистина треба да бидеме денес, е барем трошка подобри од вчера.
И јас, и ти.
И таа, и тој.
Подеднакво.
Исто.