Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски доби признание СОС Детското село во Скопје за најголем индивидуален донатор за 2019 година. Две и пол години Николовски своите дневници ги донирал, а за тоа јавноста дозна на денешната церемонија. Тој преку Фејсбук профилот се заблагодари за признанието и повика хуманост и меѓусебно помагање.
„Ми го исполнивте срцето со радост и среќа! Благодарен сум на СОС Детско село за ова признание кое многу ми значи!
Да бидеме хумани и благородни, да донираме, да помагаме, да подадеме рака секому!
Секој ден може да биде повод за мал гест!“, напиша Николовски.
Признанието се додели денеска на Меѓународниот ден на човечката солидарност, а по повод 18 години од СОС Детското село во Македонија и 70 години од првото формирано СОС детско село.
Оваа година настанот се одржа под наслов „Едно семејство” а покровител е првата дама на државата, Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. Во овој повод Ѓоргиевска изјави дека токму поради солидарноста, СОС Детското село може да ја врши својата основна функција за поддршка и згрижување на децата без родители и родителска грижа.
„Треба да бидеме горди што во Македонија функционира најголемата меѓународна невладина организација за поддршка на децата и младите. Честитки за големиот јубилеј, 70 години од отворањето на првото СОС детско село кое до денес не изгуби од актуелноста во давањето на социјална грижа и заштита на секое дете. Секое дете заслужува да има топол дом и да биде опкружено со љубов и грижа. Денеска сме собрани да им оддадеме признание на сите што несебично одвојуваа и средства и време и несебично се залагаа и помагаат да се реализираат заложбите на СОС Детското село”, истакна Ѓоргиевска.
Националниот директор на СОС Детското село, Јулијана Гапо, додаде дека нивната мисија и работа се благородни, но она што прават денес, не би можеле да го направат без поддршка на пријателите и донаторите.
А. Зеќири