Овој посебен интерес на ЕБОР, нагласи на средбата првиот заменик-претседател на банката Ригтеринк, е резултат на проектите што земјата ги понуди за поддршка и што беа препознаени како развојни и во согласност со политиките на Брисел за исполнување на стандардите на земјите кандидати за членство ЕУ.
Премиерот Заев на средбата ја изрази благодарноста на Владата и на граѓаните на Република Северна Македонија за финансиската поддршка на европеизацијата на земјата во широк аспект на области и потенцираше дека таа поддршка има многу значајно место во економските и финансиските остварувања на земјата и претставува признание за политиките на земјата за поттикнување на развојот според европските критериуми.
Претседателот на Владата, Зоран Заев пред високата делегација на ЕБОР ги претстави приоритетите на земјата во наредниот период со посебна нагласка на инвестициите во енергетските капацитети со обновливите извори и во транзицијата на земјата од фосилни горива во зелена енергија, особено во соларната, во ветерните електрани, како и во гасификацијата во сите нејзини аспекти.
Делегацијата на ЕБОР покажа особено одобрување на проектите поврзани со дигитализацијата, посебно во делот на зајакнување на капацитетите на јавната администрацијата и правосудството во борбата со корупцијата, како во делот на капиталните инфраструктурни проекти во рамките на Коридорот 8.
На средбата на премиерот Заев со заменик-претседателот во Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими, со делегацијата на Европската банка за обнова и развој, нејзините претставници истакнаа дека приоритетите на Северна Македонија ја ставаат земјата на специјално место во политиките за поддршка на банката.