Сите министерства и сектори во земјата треба да бидат дел од зелената економија и дигитализацијата и сите треба да бидат вклучени во зелените политики кои е јасно дека се приоритет на Владата, е главната порака од петтиот панел на тема „Паметна и зелена економија“ на Меѓународниот финансиски форум во Скопје (СЕФФ) што вчера и денеска се одржува во организација на Министерството за финансии.
Зелената и дигитална агенда се цел и на ЕУ и подразбираат и промени на законодавството на земјите и промени во енергетиката. Како поддршка на напорите на земјата овозможивме пристап до средствата за закрепнување, порача еврокомесарот Паоло Џентилони.
-Дигиталниот и зелен план треба да и помогне на вашата земја да се насочи кон поинклузивен и поодржлив модел што овозможува поголемо искористување на дигиталните и зелените технологии. Европската комисија во својата процена ќе се фокусира на кохерентноста помеѓу структурните мерки и приоритетите на зелениот договор на ЕУ и дигиталната стратегија. Проценат ана Комисијата и спроведувањето на договорените структурни реформи ќе помогне да ги насочи вашите политики кон поголем раст и поголема отпорност на екстерни шокови каков што е КОВИД-19 кризата и да направи клима за поголем економски просперитет, рече Џентилони.
Изрази надеж дека тоа ќе придонесе за побрз почеток на преговорите за членство во ЕУ.
-Дигиталниот и зелен пристап за Западен Балкан е сличен на ЕУ и влучува инвестиции во инфраструктура, обновливи извори на енергија, подобра заштитана животната средина, намалување на емисиите на јаглерод диоксид и поддршка на транзицијата кон обновливи енергетски извори. Драго ми е што рамката на Северна Македонија е целосно усогласена со тоа, рече Џентилони.
За извршниот директор на Конституенцата во ММФ, Пол Хилберс, зелената економија треба да е прв приоритет исто како и дигитализацијата која е иднината.
-Верувам дека во глобалните предизвици треба да бидат опфатени сите нивоа за да бидат успешни. ММФ прифаќа дека има клучна улога во дигитализацијата и сака да им помогне на членките за да управуваат со ризиците. ММФ ќе се фокусира на развој на рамка, ќе врши билатерален надзор и ќе дава помош за супервизија на дигиталната индустрија и централните банки, рече Хилберс.
Нагласи дека нашата Централна банка ги поддржува зелените планови и оти иницираше повеќе проекти за подигнување на свеста за дигитализацијата на финансискиот сектор во Северна Македонија.
– Исклучително е потребно да имаме поддршка од сите земјите за да се добијат средствата. Националните власти мора да го земат тоа во предвид кога ги дизајнираат мерките за одговор на кризата, посочи тој.
Директорот на Светска банка за земјава и Косово, Масимилијано Паолучи истакна дека улогата на меѓународните организации во дигиталните инвестиции е да се помогне на земјите да ги идентификуваат ресурсите што ќе им бидат потребни за имплементација на нивните визии за зелена економија и зелени паметни технологии.
-Има повеќе работи што можат да се направат уште сега – да се усвојат такси за јаглеродни емисии и заедно со зелените обврзници да се засилат инвестициите. Проценивме дека во Северна Македонија повисока цена на таксата за јаглеродни емисии би можела да ги зголеми може приходите до 2030 година од 30милијарди денари и да се намалат емисиите до 65 проценти. Покрај тоа може да се мобилизираат ресурси од приватниот сектор преку транспарента рамка што ќе значи подобрување на системот за оданочување и да се овозможи финансискиот сектор да може да инвестира, како и да се стимулираат инвестиции во зелени паметни технологии и обновливи извори на енергија, рече Паолучи и додаде дека тоа е дава да три пати поефективно отколку инвестирање во фосилни горива.
Овие интервенции,додаде, бараат добро смислени стратегии кои владите ќе ги осмислат со сите чинители во општеството и мора да вклучат голема одговорност и да се спроведат во текот на времето иако некои не се популарни.
-Реформите се неопходни, чинат и ќе се исплатат на крајот, потенцира Паолучи.
За министерот за екологија и просторно планирање Насер Нуредини, инвестициите во зелена енергија и енергетска ефикасност се долгорочни и се за штедење на средства на среднорочно и долгорочно ниво.
-Од клучно значење е да се обезбеди управување на економијата. Додека чекаме зелена трансформација веруваме дека иднината е во технолошката трансформација. Кризата во климата ќе влијае врз економијата и тоа веќе се случува. Затоа треба да се имплементираат решенија базирани на животната средина и тоа да не се гледа како трошок, туку како инвестиција, рече Нуредини.
Иднината, како што кажа, е во индустрија базирана на услуги.
-Не треба да бидеме индустриска моќна сила. Имаме природни богатства како Охридското Езеро и планини што може да се користат и во лето и во зима, еко-туризам, органско земјоделство и многу други дејности. Сето тоа ќе создаде одржливи зелени, еколошки работни места, посочи Нуредини.
Нагласи дека мора да се инвестира во проекти кои ќе го подобрат животот на сите граѓани и додаде дека со капацитетите за капитални инвестиции што ги имаме не е возможно во нашата земја да го постигнеме стандардот што го посакуваме и да креираме нови зелени работни места. Затоа, потенцира, мора да се концентрираме на нештата каде досега не е направено доволно како што е основната инфраструктура и загадувањето на почвите и водите.
Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири рече дека иднината на земјава е дигитална и зелена и посочи дека дигиталната технологија може да помогне да се искоренат причините за климатските промени и за загадувањето, како и за губењето на биодиверзитетот.
-Во моментов има прогрес на оваа технологија и има пораст на ИТ секторот. Како Министерство дефиниравме цели за процесот на дигитализација на земјава. Цел ни е да воведеме нови мерки за помош на ИТ секторот за да може да продолжи да расте и до крајот на 2030 година да има 25.000 вработени во овој сектор. Охрабруваме учениците да се образуваат за овој сектор и очекуваме да имаме двојно повеќе вработени во секторот, рече Шаќири.
До крајот на годинава, додаде, планираме да инвестираме во дигиталниот сектор и 85 отсто од домаќинствата ќе бидат опфатени со сигнал.
-До 2030 година ќе бидеме опфатени со 5Г мрежата и повеќе од 50 отсто до домаќинствата ќе имаат интернет конекција од 100 мегабити во секунда со можност гигабитна конекција. Ќе овозможиме интернет конекција од еден гигабит за сите јавни институции до 2029 година, рече Шаќири и додаде дека главната цел е 95 проценти од јавните услуги да бидат онлајн.
Има, како што рече, само мал дел од нашата земја што не е покриен со интернет и во најскоро време тоа ќе го надминеме, бидејќи за да имаме зелена економија неопходна и многу важна е дигитализацијата.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арианит Хоџа порача дека зелената економија е единствено нешто што обезбедува просперитет, а се друго ќе доведе до самоуништување.
-Одлжлив систем за обезбедување на безбедна храна е приоритет на нашата земја. Земјоделството е еден од клучните сектори на нашата економија и важен работодавач во руралните области. Имаме соодветни климатски услови за производство на квалитетна храна и земјоделството е клучна гранка за одржлив развој на земјата., но е еден од клучните сектори што се сензитивни на екстремните временски услови и на природни катастрофи, рече Хоџа.
Инвестирањето во нова технологија за производство и воведување на дигитализацијата во земјоделството, потенцира, се едни од клучните промени што ќе осигураат брз развој на земјоделството.
-Одговорноста за стабилна иднина во нашето општество е во нашите раце. Многу природни катастрофи не потсетија дека економијата е важна. Нема модерно земјоделство без адаптирање на климатските промени и без нив нема зелена економија, истакна Хоџа.
Сега е време, додаде, за дејствување за намалување на сиромаштијата во руралните средини и за приспособување на климатските промени, а како МЗШВ работиме токму на тоа.
Регионалниот директор на МИГА за Европа и Централна Азија, Олга Шловскаја нагласи дека климата е приоритет за МИГА и затоа, како што посочи, се што градиме треба да биде зелено и отпорно на климатските промени.
-Ние во МИГА целиме кон постигнување 35 отсто од гаранциите за поддршка на зелени проекти. Обновлива енергија, одржлив транспорт и паметни отпорни градови се области во кои од клучно значење може да биде поддршката од приватниот сектор, рече Шловскаја.
МИГА кога се комбинира со други кредитни решенија од други меѓународни инвестиции доведува до поголема конкурентност и подобри услови за финасирање.
-Секогаш кога е можно ги охрабруваме инвеститорите производите да бидат во согласност со барањата на Светска банка и МИГА. Тоа придонесува во остварувањето на целите за развој. Гледаме огромен интерес од страна на инвеститорите за инвестирање во зелени проекти. Сакаме проекти кои ги спојуваат владите и приватниот сектор, рече Шловскаја.
За постојаната претставничка на УНДП во земјава Нарине Сахакјан, дигитализацијата и градењето одржливи економи се новото нормално по пандемијата, а не носењето маски и држењето дистанца.
-Никој нема да биде поштеден од климатските промени и затоа УНДП ги смета за клучни во нашата поддршка. Вашата земја ја обнови заложбата кон справувањето со климатските промени и намалувањето на емисиите, рече Сахакјан.
За УНДП, додаде, не изоставувањето на никого е една од главните насоки во секоја земја.
-Инклузивноста е во фокусот на секоја наша инвестиција. Пандемијата ни ги покажа новите придобивки кои може да ги донесе дигитализацијата и не освести дека мора да имаме побрза дигитализација. Таа може да биде овозможувач на континуитетот на работењето на бизнисите, но може да биде и пречка. Дигитализацијата е дел од сите сфери на нашето живеење, ако не ја испланираме соодветно и не се погрижиме да има праведна распределеност кон сите групи во општеството ќе ја зголемиме нееднаквоста и ќе биде уште една точка на поделби. Ако успееме да ги вклучиме сите кои се исклучени на тој начин ќе имаме уште побрз човечки развој и воопшто развој на човештвото, истакна Сахакјан.







