пишува: БИЛЈАНА АРСОВСКА
Моите родители стапиле во брак после 3 месеци врска. Овој факт отсекогаш ме фасцинирал. Јас сум неодлучна дури и за најобичните работи и не би можела да замислам така брзо да навигирам толку огромна животна одлука.
Кога го прашав татко ми за ова искуство, односно како по ѓаволите одлучил да клекне на колена пред жената што ја запознал пред само 3 месеци, ми кажа: Знаев дека сакам да се скрасам, дека ми е време да започнам семејство. Пред мајка ти, запознав една девојка што беше океј, ама беше доста повисока од мене и потоа една што беше прениска за мене. Тогаш ја запознав мајка ти. Таман ми беше по висина. А, после 30 минути разговор со неа, сфатив дека ми е таман и за муабет. Плус, на свадбата на којашто бевме двајцата поканети, она беше најубава и немаше шанси да не ја примети човек. После некој месец знаев што треба да направам.
И така, моите родители стапиле во брак.
И уште се. 30 години подоцна. Среќно и тоа! Веројатно тие имаат посреќен брак од повеќето парови што ги познавам, а не се земале толку набрзо. Ете, така лесно, плукни-залепи си се нашле и се одлучиле заедно да си го врват животот.
Е, сега, да видиме како функционираме ние младите. Можеби со некои помалку важни животни одлуки, како на пример кога треба да одлучиме од каде да нарачаме за јадење. Нашата потрага вообичаено започнува со обраќање до нашите другари/колеги да нѝ кажат добро место за јадење. Следно, ги гугламе најветувачки ресторани од предложените, да видиме какви reviews имаат. Често, баш за тој ресторан за којшто сме биле речиси сигурни дека ќе го избереме, наоѓаме лоша критика. Потоа, ја посетуваме интернет страната за онлајн да нарачаме од ресторанот што сме го рангирале на второ место… За на крајот да видиме дека баш тој ресторан не врши достава преку страната…
Не ни бројам колку пати овие перипетии кулминирале со прегладнување и најпосле правење сендвич со путер од кикирики и банана. Всушност, јас имам потрошено повеќе време барајќи ресторани за да нарачам храна одошто татко ми за да си најде животен сопатник.
Ете, толку сериозно им пристапувам на одлуките кои треба да ги донесам. Без разлика дали станува збор за тоа каде ќе јадам, кој филм ќе го гледам на Нетфликс или кои патики да си ги купам. Како и многу други луѓе од мојата генерација, т.е. луѓе во нивните 20-ти, 30-ти години, се чувствувам принудено да направам еден тон истражувања за да се осигурам дека ја имам разгледано секоја опција и дека потоа ќе го направам најдобриот избор. Ако овој менталитет го условува нашето донесување одлуки во толку многу области, дали тоа влијае и врз тоа како избираме романтичен партнер?
Доколку некогаш сте разговарале со мене – во живо, бидејќи сум ужасна за комуницирање преку социјални медиуми – сигурно ќе знаете дека сум многу љубопитна личност. Така, откако ме пецна темава, делумно од лични но и поради искуствата на луѓето со кои сум опкружена, чиишто врски честопати завршуваат со обична текст порака, тргнав во мисија. Изминатиов период неуморно истражував на темата љубов и врски – прочитав голем број студии за тоа како луѓето се поврзуваат и зошто остануваат, односно не остануваат заедно.
Денешните генерации исцрпувачки бараат сродна душа, и денес, повеќе од било кога, можностите за тоа се бесконечни. Најголемите промени настанале како резултат на индустријата за запознавање преку интернет која вреди 2.4 милијарди долари. Ова – во комбинација со фактот дека денес луѓето стапуваат во брак доста подоцна во животот, со изговор дека своите 20-ти ги посветуваат на кариера и потрага по вистинскиот партнер – е рецептот за колапс на романтиката.
Сепак, во текот на моето истражување дојдов до заклучок дека нашите телефони, социјални мрежи и целиот концепт на модерно ‘дејтање’, можеби само ќе нѐ завртат еден круг за на крајот пак да му се вратиме на старомодното додворување.
Денес, доколку поседувате паметен телефон, со себе носите 24/7 отворен бар за сингл луѓе. Колку често вие и луѓето кои ги познавате наоѓате потенцијални партнери благодарение на некои од апликациите што ги нуди интернетот? Многу често, ако не и најчесто, нели?!
Лесно е да се забележи зошто запознавањето преку интернет стана дел од нашиот живот до оваа мера. Можностите ни се неограничени. Плус, многу апликации ја нудат можноста да одберете партнер со карактеристики и интереси по ваш избор. Сакате некој што живее на 2км од вас, има црна коса, сака кучиња, спортува и го слуша Мајлс Дејвис? Нема проблем. Пред онлајн дејтањето, би било невозможно вака детално да си ги прилагодите преференците и притоа тој лик да се наоѓа во вашиот град (а не да постои само на Симс).
Наоѓањето на партнер онлајн има и свои лоши ефекти. Исто како и јас со одбирањето на ресторан или филм – секогаш на крајот имам доза несигурност за тоа ‘Дали го направив вистинскиот избор?’ и без разлика на исходот, ја имам помислата дека можеби требаше да продолжам да барам и да одберам нешто друго. Нешто подобро. Така и со дејтањето. Пред некое време едвај се воздржав од не-така-културна реакција кога другар ми, кој што беше на дејт со девојка што ја запозна онлајн отпосле ми раскажуваше за неговите импресии. Рака на срце, ама девојката беше толку интересна, паметна и убава, што кога би се случувало запознавањето во некој бар, наместо на Тиндер, би му рекла на другар ми да размисли два пати пред да ѝ пријде и дека е прилично надвор од неговата лига. Што ми кажа другар ми за тоа како си поминал на дејтот? Цитирам: „Океј е, ама не ги сака Јувентус. Ќе продолжам да барам.“
Пуф! Експлозија на 38 мозочни ќелии! Наоѓаш супер забавна, убава, успешна девојка и не сакаш да излезете пак т.е. ‘ќе продолжиш да бараш’ само затоа што не корне коси по твојот омилен фудбалски тим?! 21-ви век, имаме проблем.
Технолошкиот напредок во последната декада е речиси апсурден. Можеш да стоиш во редица во продавница и да повлечеш со прстот 60 фаци на луѓе дури чекаш да купиш лиснато со песто и моцарела (Бонус инфо: најдоброто лиснато со песто и моцарела е во Joy. Проверено.) Тоа се 20 пати повеќе луѓе од тоа што татко ми запознал во неговата мисија за да си ја најде вистинската. Никогаш не сме имале повеќе избор од тоа што го имаме во денешно време.
Во теорија, колку повеќе опции имаме, толку подобро за нас, така?! Бииип. Погрешно! Професорот по психологија, Бери Шварц, познат по неговата книга Парадоксот на изборот, луѓето ги поделил на оние кои се задоволуваат и престануваат да бараат повеќе и оние кои константно максимизираат односно секогаш бараат подобро, бараат најдобро.
И додека ние луѓето мислиме дека знаеме што сакаме, најчесто грешиме околу ова. Како што Дан Слејтер опишува во неговото истражување на тема Љубов во време на алгоритми, иако првите дејт апликации пробувале да го најдат ‘совршеното совпаѓање’ базирано на нашите желби за партнер, набрзо се покажало дека всушност, постои голема дискрепанција помеѓу партнерот што луѓето го опишувале и партнерот во којшто всушност биле заинтересирани.
Со други зборови, можеме да ја потрошиме целата своја енергија на поставување на филтери за тоа како сакаме да изгледа нашиот партнер, кои интереси да ги има, каква храна да преферира и така натаму, ама на крајот, тоа што навистина треба да се случи за нешто понатаму да се случи, е партнерот да нѝ се допадне на прв поглед. Кристијан Рудер, во неговата книга Датаклизма, вели дека фотографиите привлекуваат 90% од вниманието во целиот процес на онлајн дејтањето.
Во врските, постои посветеност односно обврзување кое подразбира религиозна церемонија во којашто сите твои блиски пријатели и (не толку) блиски роднини те гледаат како ти и твојот партнер си ветувате да останете заедно додека некој од вас двајцата не умре. Во последните години бројот на склучени бракови е речиси ист со бројот на прекинати бракови. Како што пишува Ерик во неговата книга Одејќи Соло, денес, повеќе од било кога – ние експериментираме. И додека сингл животот е супер забавен на одреден период, на крајот од денот, бракот и не е така непосакувана институција. Има премногу позитивни работи за тоа да бидеш во посветена врска.
Велат дека кризата во долгите врски се случува околу втората година. Тоа значи дека тогаш завршила првата фаза – страсната љубов. Тоа е оној период кога ти и твојот партнер сте луди еден за друг. Секое гледање ви е помагично од претходното. Губите претстава за простор и време. Цела зоолошка ви е во стомак. Додека трае оваа фаза, вашиот мозок ги преплавува вашите нервни синапси со допамин, истиот невротрансмитер што се ослободува кога конзумирате кокаин.
Како и сите други дроги, за жал, ефектот поминува после 12 до 18 месеци. Во одредена точка, мозокот се ребалансира. Во успешните врски, кога страсната љубов ќе избледи, настапува придружната љубов. Ако страсната љубов е кокаинот на љубовта, придружната љубов е како да земаш чаша вино. Во книгата Хипотеза на среќата, Џонатан Хајдт идентификува две критични точки во секоја романтична врска. Едната е кога кулминира страсната фаза. Луѓето во овој период се толку возбудени и подготвени главечки да скокнат во брак. Понекогаш, овие парови успеваат да преминат од страсната фаза кон придружната. Кога не се случува оваа транзиција, луѓето започнуваат фаза на расправии и токсични односи и на крајот се разведуваат.
Втората критична точка е кога сте сѐ уште во страсната фаза, но не сте стапиле во брак. Кога почнува да бледее оваа фаза, вас ве фаќа паника. Дали го правам вистинскиот избор? Каде води ова? Истовремено, крајот на страсната фаза значи и крај на сите оние слатки мали работи како љубовни пораки или гестови. Наместо ‘не можам да се фокусирам на работа, цело време те мислам’, сега пораката од партнерот е нешто како: ‘Ај да јадеме во Енрико после?’ Или ‘Твоето куче ми ги изгризало папучите’.
Но, Хајдт вели дека кога ќе стапиме во оваа фаза, треба да бидеме трпеливи. Со малку среќа, доколку инвестираме во другата личност во која сме виделе потенцијал, наместо да се откажеме лесно, ќе имаме шанса покрај себе да задржиме прекрасна доживотна придружба.
Имав искуство од прва рака со нешто слично. Бевме на свадба на којашто младоженците си кажаа толку љубовни и моќни зборови кои воопшто не беа лигави. Би сакала да можам да ви доловам што точно си кажаа, ама јас и 3 чаши вино не соработуваме добро со помнењето. Како и да е, после таа свадба, дознав за 3 парови коишто раскинале. Можеби поради тоа што биле на крајот од нивната страстни фаза и се исплашиле кога ги слушнаа штотуку венчаните колку силно и вистински се сакаат. Можеби си помислиле дека се многу далеку од таква љубов и дека е најдобро да ја бараат својата среќа во друг партнер. И на крајот, доколку било тоа причината, што ако се откажале прерано?
Има многу риби во морето… можеби… работата е во тоа што повеќето риби се скуша и ослич. Што е океј, ако сте и вие скуша или ослич. Ама ако сте некоја друга, ако сте некоја навистина квалитетна риба, тогаш можностите да најдете друга квалитетна риба и не се така многубројни. Затоа, кога ќе ви се случи таква среќа да најдете нешто поразлично и нешто за коешто вреди да се скрасите, можеби… можеби… е најдобро да се обидете вистински и трпеливо.
Кога ја прашав мајка ми како успеала 30 години да не крене раце од бракот, ми рече: Татко ти ми е најдобар другар, пред сè. Не се откажуваш туку така од најдобриот другар. По сè изгледа, во право се кога викаат дека без разлика што е прашањето, одговорот е секогаш: љубов.
А, сега, извинете ме, треба да одберам каде ќе ручам денес.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторката.