Лидерите на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и на владејачката ДУИ, Али Ахмети, во сабота во 16 часот ќе се сретнат во Собранието, потврдија за Frontline, партиски извори.
Инаку, премиерот Зоран Заев најави дека во сабота, во 17 часот во Владата ќе одржи средба со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која ќе имаат консултации за техничката влада.
Согласно законот, опозицијата мора да дојде на консултација за предлогот за министер за внатрешни работи и тој да биде прифатен од власта (двете најголеми партии).
На лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, беше договорено на 12 април да се одржат предвремени парламентарни избори. Согласно процедурата, на 90 дена пред изборите треба да се формира техничката влада или во случајов тоа треба да се случи на 3 јануари.
Заев и претходно изјави дека изборите може да бидат одложени сè додека опозицијата во Парламентот ги блокира законите од кои зависат платите, пензиите и инвестициите.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, пак вчера, информира дека владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ постигнала договор да бидат усвоени сите законски предлози од 123. собраниска седница, кои се врзани со примена од 1 јануари.
А. Зеќири