Припадниците на униформираната полиција и други единици во Министерството за внатрешни работи добија нови униформи, кои денеска беа промовирани во кругот на МВР.
Поточно, како што соопштија од МВР, набавени се целосни униформи во состав од 10.000 зимски јакни и 8.550 високи специјални чизми чија испорака се очекува почеток на следната година. Исто така, и 20.000 летни и зимски панталони, 10.000 чевли со дебел ѓон и 20.000 летни и зимски капи со испорака во текот на следниот месец и испорачани се 10.000 кошули со краток и 10.000 со долг ракав, 8.000 поло маички, 10.000 полувисоки чевли и 8.000 чевли со тенок ѓон и флуоресцентни елечиња.
-Во овие пет години направивме системски напори за унапредување на работата на сите полициски службеници и воспоставување функционален амбиент со нормални услови за работа, при што задоволната полиција ќе овозможи и поквалитетен сервис за своите граѓани, потенцираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешното претставување на новонабавените униформи.
Инаку, целосно нови униформи добија повеќе организациски единици во полицијата, меѓу кои Одделот за заштита на определени личности и објекти во рамки на Бирото за јавна безбедност, популарно наречената „Шеста управа“, која доби дводелна цивилна облека и обувки, за воздухопловниот персонал и Хеликоптерската единица набавени се летечки јакни и специјални заштитни и летечки комбинезони, а целосно нова униформа е обезбедена и за младите полицајци и приправници.