Таксистите се надеваат дека градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска ќе си ја преиспита одлуката/најавата за бесплатен јавен превоз затоа што ќе ги остави без работа, оти сите би се возеле со автобус. На тој начин не ќе можат да ги вратат кредитите што ги подигнале за набавка на нови возила. Други пак сметаат дека бесплатниот превоз не може да направи голема штета во такси превозот, затоа што тие што и досега се возеле со такси, тоа ќе го прават и понатаму, пренесува Вечер.(vecer.press)
Некои од таксистите најавуваат и порадикални мерки и се закануваат и со штрајк.
– Во Скопје има 2.700 такси превозници и околу 300 диспечерки. Ние сме како најголемата фабрика во Скопје. Тоа ќе значи дека без работа ќе бидат оставени 3.000 луѓе. Ние не можеме да ја сфатиме таа работа. Прво сакаме да и оставиме време на градоначалничката, убаво да седне на фотелјата и да размисли, а потоа да се состанеме со неа. Од каде да знаеме можеби има магично стапче со кое ќе го реши проблемот. Можеби има начин како со парите од даноците што ги плаќаме да обезбеди бесплатен градски јавен превоз или можеби ќе реши таа да ни купи возила и да ни ги плати кредитите што сме ги земале за нив – реагира Абдула Рушити, претседател на Асоцијацијата на автотакси превозници.
Тој додава дека не може предвреме да зборува, додека не седнат и не разговараат со Арсовска. Во спротивно, Рушити вели дека ќе ги однесат возилата пред Градското собрание сосе кредитите, па Арсовска нека ги плаќа, бидејќи доколку се реализира бесплатниот автобуски превоз тие ќе нема од што да ги враќаат, оти работата многу ќе им се намали.
Со ист став е Ѓорѓи Мариновски, претседател на Синдикатот на автотакси превозници на Град Скопје. Тој дури е порадикален и најавува штрајк доколку се реализира ветувањето на Арсовска.
Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески пред два дена изјави дека бесплатниот јавен превоз може да се реализира во догледно време со, како што рече, зголемена ефикасност на ЈСП „Скопје“.
-Во моментов и изминатите неколку години со проширувањето на правата за користење бесплатен јавен превоз, почнувајќи од пензионерите, зголемувањето на бројот на денови во работната недела, понатаму студентите и други категории на граѓани, најголем дел од корисниците, оние кои се упатени на користење на јавниот превоз, веќе користат бесплатен јавен превоз, изјави Славески по конститутивната седница на Советот на Град Скопје.
Извор: Вечер (vecer.press)





