Владата на денешната седница усвои Информација со која министерот за култура Хусни Исмаили добива овластување за потпишување на Колективниот договор во културата, а Министерството за финансии се задолжува да ги обезбеди средствата за оваа намена најдоцна до 1 јули 2020 година, соопшти вечерва Министертството за култура, пренесе МИА.
Владата го утврдила и предлог текстот на законот за остварување на јавниот интерес во културата со што тој ќе може да продложи во натамошна постапка на донесување од Собранието.
– Новиот закон во културата ќе се носи по 20 години и по 16 измени на текстот во изминатиов период, а со него се очекува да се придонесе кон унапредување и развој на остварувањето на културата во Република Северна Македонија, унапредување на правната основа за развој на културните активности, надминување на актуелните проблеми во областа, рамноправност на уметниците независно од потеклото, етничката припадност, полот и друго, во создавањето на културата преку овозможување на еднакви права гарантирани со закон, соопшти Министерството за култура.
Раководството на Синдикатот за култура на Република Македонија (СКРМ) во вторникот, кога организираше предупредувачки штрајк во установите од културата, беше повикано во Министерството за култура на итен состанок, на кој им било соопштено дека средствата што ги бараат СКРМ и СОНК се одобрени од Владата, со тоа што одредбите по однос на плати би се спровеле од 1 јули 2020 година.
Сања Арсовска, претседателка на СКРМ, по средбата изјави за медиумите дека таа одлука ќе биде разгледана од нивното членство, како и од членовите на СОНК, по што во најбрз рок ќе имаат конечна одлука и ќе соопштат дали ја прифаќаат понудата од 1 јули да стапат во сила новите одредби за плати.