Дарко Лешоски
(На Арбен Бајрактарај)
И се научи зеницата твоја да го голта светот и полната месечина ѓоа примерен католик причесна,
како зрно крупна сол да голта рана од куршум на пробиена волнена војничка униформа.
Слободен си, од сета љубов што не си ја дал, а тежи на рамена!
(пробива светло сонце до срцето твое низ крвта како низ есенска густа магла).
Слободен си, од сета добрина несторена, а лесна да се стори била.
Слободен си, пржат од жарот на пеколот стапалата.
Дуваш на нив, дури ги вадиш памуците од образите Марлон,
за да ти изгледа вилицата поширока,
како свеќи од торта да дуваш, како 5 години да имаш,
таква радост ти им должиш на сите, само не на душата своја.
„Кој те врти тебе, кој си па ти тебе да ти се правдам јас?“ си велиш сам на себе дури се насмеваш.
Како Икар сонцето така ти Животот пак го сакаш.
И премногу и преблиску – баш така.
Низ старите себеси јас, ти наново се пробиваш.
(Се насмеваш, пробива тоа низ крвта твоја како низ есенска густа магла).
Се насмеваш…
и сè што е „ништо“ ти е рода,
а ти себе си сам – одвишок!
Дарко Лешоски е роден на 4 јули 1984 година во Струга. По потекло е од Вевчани, но живее во Скопје од своите 14 години. Преведуван е на англиски, словенечки, кинески и на други јазици.
избор: Тања Кармзова Костиглиола