Сузана Мицева
Кога се враќам дома.
Искршените животи
ги слекувам од плеќите
и оставам да зацелат
на креветот.
Сами се спуштаат завесите
и прекинува баботењето на светот
за сите несреќи и катастрофи.
Се испружувам паралелно до нив
на душемето кое крцка
од тежина и старост
и се обидувам да дознаам
во кој живот претрпев најголема болка.
Пропаѓаат моите неуспеси,
земјата го голта разочарувањето
и дури бревтаат животите,
им менувам облоги и ги превивам.
Никој нема дома,
кога доаѓам да се одболувам себе.
Tајно ги погребуваме поразите
и сосем е неважно
кој од нив прв ќе стане
и ќе ме наметне
кога ќе го напуштам домот
и тргнам да се борам со денот.
Сузана Мицева (1987) е македонска поетеса и новинарка од Струмица. Авторка е на неколку збирки поезија, активна учесничка во повеќе културно-научни настани и добитничка на државни и странски награди и признанија за нејзиното творештво.
избор: Тања Кармзова Костиглиола