Објавено е видео на ФБ во кое се тврди дека три деца умреле од вакцина, а видеото е снимено и објавено од медиумите во Кина кога вакцини против ковид воопшто и не беа измислени, пишува „Вистиномер“.
Рецензираме пост на Фејсбук во кој лажно се тврди, дека на претставеното видео во постот се гледаат три деца кои починале по примањето на вакцина против ковид 19.
27.11.2021 Кина. Вакцинирани 3 деца. Умреа, стои во описот на авторот на видеото.
На видеото се гледа дека три детски безживотни тела се ставени во вреќа како подготовка да бидат изнесени од просторијата во која има лица во бели мантили и луѓе со маски.
Меѓутоа, на видеото не се наоѓаат три деца кои починале по вакцинација против ковид 19. А, доказите за ова се многубројни. Првиот доказ е датумот на објавување!
Видеото е објавено кога вакцините против ковид не постоеjа.
Од следниот линк, се гледа дека ова исто видео е објавено на 11 февруари 2020 година.
Тогаш вакцини немаше ниту за возрасните, а уште помалку за децата. Од тоа е евидентно дека не е можно верзијата, која е претставена во рецензираниот пост, да е вистинита. Децата претставени на видео снимката не би можеле да починат од вакцина, затоа што во моментот кога видеото е постирано (почеток на февруари 2020 година), вакцини против ковид не се развиени!
Проблемот, кој се изнесува во новинарскиот напис, е тоа што на почетокот на пандемијата со коронавирусот, медицинските материјали беа оскудни, па се поставува прашањето дали пандемијата со ковид (која штотуку почнуваше на почетокот на 2020 година кога, всушност, се случил овој инцидент со децата), ги истроши болничките ресурси, па три починати деца мора да бидат ставени во една мртовечка вреќа и така да бидат изнесени од болницата.
Веб страницата Чајна Прес, поврзана со истоимениот кинески весник, пишува дека труењето со јаглерод моноксид на овие три деца се случило во Жеџијанг, град во провинцијата Хангжу.
Работата на проверувачи на факти од Полска, покажува дека ова видео не е првпат да се злоупотребува со лажни наративи кои не соодветствуваат на фактичката состојба, со цел да се прошири паника, страв, недоверба и траор во свеста на граѓаните. Така, проверувачите на факти од Полска, на следниот линк имаат објавено рецензија, каде што го побиваат тврдењето дека овие деца на видеото (истото видео кое се наоѓа и во постот што ние го рецензираме), се починати во Вухан од коронавирусот.
Станува збор за три деца, а според полската рецензија, доколку некој е починат од ковид, тогаш медицинскиот персонал нема да ракува со телата на начин без заштитна опрема како што тоа се прави во видеото. Значи и порано тоа видео со три деца, кои се пренесуваат во вреќа во наводна болничка соба, било лажно претставувано како да доаѓа „од болница во Вухан“. Според оваа рецензија од полските проверувачи на факти, првпат видеото се појавува на 11 и 12 февруари 2020 година.
Вакцините за деца во Кина се одобрени неодамна
Уште еден факт е важен во разобличувањето на оваа лага.
Поради фактот што во Кина воопшто немало вакцинација на деца на 11 и на 12 февруари 2020 година (кога првпат е објавено видеото од постот кој го рецензираме), оценуваме дека не е можно овие деца на видеото да починале од вакцинација. Со оглед на тоа што видеото потекнува од почетокот на февруари 2020 година и поради тоа што кинеските медиуми веќе имаат објавено дека станува збор за труење од јаглерод моноксид, оценуваме дека ова видео е погрешно претставено како да е поврзано со ковид и вакцинацијата, за да се спречи успешноста на вакциналната програма во Република Северна Македонија и што повеќе родители да се исплашат со лажните информации споделени во видеото, со цел да се откажат од намерата да ги вакцинираат децата, пишува „Вистиномер“.