БЛАЖЕ КОНЕСКИ
Има време кога дрвото му се одмаздува на човека
за сите засеци, за сите убоди,
за сите навреди,
за сите кастрења,
за секој непромислен збор,
за отсуство на благодарност спрема сенката и плодот.
Тоа не може да те начека,
тоа не може да ти се испречи на патот како насилник, –
тоа со своите вечерни сенки само може да влезе во твојот сон,
и така влегува во сонот – како распнат човек,
и со студенило пушта тоа корење во твоите жили,
и страшна е во сонот играта на тие сенки,
во крвта таа студ.
Тоа урочува,
тоа фрла клетва
– Чувај се, насилниче, од силата на врзан човек!
100 години постоење на џинот од Небрегово, а ќе ни требаат уште најмалку илјада за да ја разбереме неговата големина.
избор: Тања Кармзова Костиглиола