САШО ОРДАНОСКИ
Деновиве сите се занимаваат со старата-новата влада. Разбирливо: ново парламентарно мнозинство и пазарења за ресори, најавени министерски оставки на оние кои сакаат (или мораат) да си заминат, пораки и контра-пораки од Бугарија, збунетост кај меѓународната заедница (а кога не биле?!), Заев уште се појавува и шета ваму-таму, Ковачевски и понатаму е енигма за најголемиот дел од јавноста, интервјуа, коментари и анализи по сите медиуми, кој како ќе стигне!
Сепак, по катарзата на изборот на нов партиски претседател, релативно малку внимание и време се посветува на „позадината“ на она што ќе следува во персонално-политичките перипетии во извршната власт, што ќе произлезат од кадровските решенија и екипирањето што прво ќе следуваат во СДСМ, а потоа и во Владата.
Со други зборови, фатив да вртам телефони по партиските и други „кремљолози“ надлежни за СДСМ…
„Партијата – ми вели еден добро упатен социјалдемократски извор – нема лесно да се предаде пред ‘будимпештанската’ инсталација во ВМРО-ДПМНЕ и нивните ‘влажни сништа’ за брзо и лесно преземање на власта!“
По дебаклот на локалните избори, општинските организации на СДСМ поминуваат низ период на комбинирана депресија и исчекување. Партијата во само неколку општини има свои избрани градоначалници и мнозинства во општинските совети, а на другите места нивните градоначалници се во ситуација да водат компликувани меѓупартиски, но и преговори со независни, непартиски фракции и советници за водење на локалната политика.
„Врз“ тоа е надвисната неизвесноста за новото партиско раководство коешто сегашниот претседател Димитар Ковачевски допрва ќе треба да го воспостави, а потоа и да го менаџира. Како што е познато, таму постапката ќе биде прво со конгресно кадровско „проширување“ на членовите на Централниот одбор на партијата (состав избран во мај годинава) со десетина предлози од страна на самиот Ковачевски, за кои потоа се очекува да бидат главната „окосница“, рамката на новиот функционерски состав на Извршниот одбор на партијата, од кого барем половината од сегашните 18 членови ќе ги напуштат функциите.
Од „виледата“ што ја цедам од подсобраните внатрепартиски шпекулации, комбинации, но и кадровски „комеморации“, имињата што се вртат за највисоките места во партијата се колоритни. За партиски генерален секретар „фиксот“ е на Миле Зечевиќ, а за потпретседателските места речиси се сигурни и досегашниот Фатмир Битиќи, а и градоначалникот на Валандово Перо Костадинов. Упатените велат дека Ковачевски и неговите емисари сѐ уште „преговараат“ со Нина Фити Неделковска (владина советничка и на Заев), истакната економистка од помладата генерација банкарско-финансиски експерти, но и со Стефан Богоев, донеодамнешниот градоначалник на Карпош. Сања Лукаревска, избрана на претходниот партиски конгрес на заменичкото претседателско место може да биде разрешена (или самата да си замине) на нов конгрес на партијата, ако не стане нова министерка во владата. Што ќе биде со партиските номенклатури на „старите партиски кадри“, како Оливер Спасовски (и понатаму министер за полиција) или Петре Шилегов (за кого се шпекулира како нов министер за транспорт), на пример, никој точно не знае. А и партиските ангажмани на други лица се „неутврдени“, како пратеничката Славјанка Петровска која можеби ќе „напредува“ на министерско место, доколку Бојан Маричиќ преземе ново министерско портфолио во Владата.
Како и да е, моите извори велат дека во партијата се очекува многу поголема мобилност, теренска активност и партиски ангажман на новоизбраното високо раководство, за разлика од „системот на владеење по пат на секогаш достапниот телефон на Зоран Заев“.
Впечаток е дека и Ковачевски ќе составува „бизнис-менаџмент“ раководство на СДСМ, без многу постари, искусни партиски кадри, со познавања на пошироки „општообразовни“ теми (култура, историја, дипломатија, филозофија, идеологија…). Таков кадровски терк воведе Заев, што катастрофално му се одрази на профилот, а и перцепцијата за компетентноста на партијата во пошироката јавност (вон „дуинг бизнис“/докторските области), но во случајот на Ковачевски, барем на почетокот, факт е дека дискусијата во партиското раководство може да биде пожива и „поконсултативна“, во споредба со резервите на младите социјалдемократи пред досегашниот неспорен лидерски авторитет на Заев. Под услов Ковачевски и навистина, суштински да го преземе раководењето на партијата од и понатаму „активниот член“ Заев.
Дополнително, СДСМ ќе треба да ги земе предвид и „полу-најавите“ за формирање на нова, „преродбеничка“ социјалдемократска партија која, наводно, би ја формирале незадоволни поранешни партиско-државни функционери (Петар Атанасов, на пример минатата недела и во студиото на „Утрински брифинг“ ја најави можноста од формирање нова партија). Тој страничен притисок врз СДСМ несомнено ќе биде деконцентрација, со непредвидливи последици, од обидите за консолидација, обединување и мобилизација на самата партија.
Но, како што стојат работите со распоредот на силите и партиските позиции на сегашната македонска политичка сцена во догледна иднина, СДСМ (а и ВМРО-ДПМНЕ, патем) барем од една работа е „растоварена“ од сопствена одговорност: одлуката за тоа кога и дали ќе се оди на вонредни избори ќе ја донесе ДУИ, а не СДСМ. До тогаш, Ковачевски и партиската дружина ќе мора сериозно да си ги „испотат“ гаќите за да ја одржат релевантноста на СДСМ за идниот развој на настаните во државата.
Од друга страна, знаете како е во Македонија: она што денеска изгледа како сигурно, за два-три месеци се претвора во вересија. И сите се во барабанот што непрестајно се врти.