пишува: БОЈАН ПЕТРЕСКИ
Имајќи ги предвид случувањата на општествено-политичката сцена во Република Северна Македонија, последниве пет години, како граѓани постојано сме исправени пред одлучувачки процеси во државата. Па така, во декември 2016 година имавме парламентарни избори, во октомври 2017 година имавме локални избори, во септември 2018 година имавме референдумско изјаснување, во мај 2019 година имавме претседателски избори, во јули 2020 година имавме парламентарни избори и во октомври оваа година се случија локалните избори. Имено, секој еден изборен циклус, вклучително и последниов, по неговото завршување, произведе одредени случувања во државата.
Следствено на тоа, можам слободно да кажам дека последниот изборен циклус од пред точно два месеци, направи тектонски поместувања на политичката сцена во нашата држава. Откако ДИК ги официјализираше изборните резултати, следеше прес-конференцијата на сега веќе екс-премиерот на Република Северна Македoнија, господинот Зоран Заев, која практично беше, иницијалната каписла за промените што се случуваат во моментов и кои не се сè уште во целост комплетирани. На таа прес-конференција екс-премиерот Заев ја најави својата оставка и од претседателското место во СДСМ и од претседателското место на Илинденска број 2.
Пред две недели се случија вторите непосредни внатрепартиски избори во владејачката СДСМ. Тие избори го обзнанија новиот претседател на партијата, а тоа е досегашниот заменик-министер за финансии, господинот Димитар Ковачевски. По изборот Ковачевски најави промени во СДСМ, а бидејќи се очекува и тој да биде новиот мандатар за состав на нова Влада, промeни ќе има и во владиниот состав. Па така, неколкумина од досегашните министри најавија дека нема да бидат дел од новата Влада.
Новиот состав на Владата на Северна Македонија произлегува од договорот меѓу СДСМ, ДУИ и Алтернатива околу ресорските позиции. Од новиот коалиционен партнер во Владата, политичката партија Алтернатива, јасно се обелоденети имињата кои ќе седнат на министерските и заменик-министерските фотељи во Владата кои им припаѓаат ним. Исто така и од ДУИ се знаат имињата, практично кадрите се исти, па така најверојатно е дека ќе има само одредени ресорски рокади. Најверојатно ќе ротира само досегашниот министер за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, од МИОА во МОН. Додека пак, најнеизвесна е ситуацијата кај СДСМ. Сведоци сме дека во последниве денови се шпекулираат многу имиња како можни министри. Како и да е, последниот збор ќе го има идниот мандатар за состав на нова Влада, господинот Димитар Ковачевски.
Пред новата Влада ќе бидат исправени неколку исклучително сериозни предизвици. Токму оваа Влада ќе го има жешкиот костен во раце за решавање на билатералниот спор со соседна Република Бугарија. Меѓутоа сега ќе се влезе во еден друг стадиум на решавање на спорот бидејќи конечно нашиот источен сосед успеа да состави Влада, после неколкуте неуспешни обиди. Па така, сметам дека ќе расте и меѓународниот притисок за решавање на спорот, а по најавите и на бугарскиот премиер Петков, кој се очекува да ја посети земјава во јануари, ќе се видоизмени досегашниот пристап за решавање на спорот преку формирање на работни групи за различни области, не само за историските прашања, како што беше случај досега.
Друг предизвик со кој ќе треба да се носи новиот владин состав на Илинденска број 2, е балансирањето на последиците од светската енергетска криза. Светската енергетска криза подразбира дека цената на електричната енергија ќе расте, но задача на Владата ќе биде да ја амортизира целата ситуација сè со цел граѓаните што помалку да ги почувствуваат варирањата на цените. Сето ова дали ќе се реализира врз одредени типови на директна помош за граѓаните, останува Владата да одлучи.
Трет и многу важен предизивик за новата Влада ќе биде справувањето со пандемијата предизвикана од КОВИД-19. Па така целиот терет ќе падне врз грбот на новиот министер, но и врз грбот на Владата во целина. Досегашното успешно справување со пандемијата треба да продолжи и понатаму. Секако тоа подразбира постигнување на баланс со економијата во државата, која пак во ниту еден случај не смее да се доведе во ситуација да трпи. Исто така ќе треба да се продолжи и со кампањата за имунизација, која според мене треба да биде и малку пообемна, како би можела да опфати поголем број на граѓани.
И четврти исто така многу важен предизвик за новата Влада, останува борбата и справувањето со криминалот и корупцијата во државата. Имено, токму за поедноставување на целиот овој процес и полесна меѓуинституционална комуникација беше назначено и вицепремиерското место за борба против корупцијата во Владата. Сериозен акцент се очекува да се стави и на ова бидејќи довербата кај граѓаните во институциите на државата постојано опаѓа. За таа цел неопходни се повеќе јавни кампањи, панел дискусии и преземање на квалитетни мерки за превенција.
Сега се е во рацете на претседателот на СДСМ, господин Димитар Ковачевски, кој се очекува да биде и новиот мандатар за состав на Влада. Неговиот капацитет е неспорен и убеден сум дека во кадровските прашања за тоа кој сè треба или не треба да седне на некое од министерските места, ќе се снајде одлично и убеден сум дека ќе избере квалитетни луѓе кои ќе имаат капацитет да се сносат со сето ова.
Искрено кажано, во исклучително турбулентен период за државата Ковачевски ќе ја има приликата политички ,,да се покаже и докаже” и на тој начин да ги отстрани сите дилеми околу неговиот капацитет кои се појавија изминатите недели во јавноста.
На Ковачевски и на целиот нов владин состав, искрено им посакувам многу успех, благосостојба и успешен мандат. Да работат за доброто и во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија.
Текстот е личен став на авторот. Сите права се задржани.