Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов изјави дека се спремни за избор на техничка влада на утрешната собраниска седница. Тој преку прес конференција го повика претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да предложи кандидат за министер за внатрешни работи кој ќе биде во согласност со Уставот.
„Ништо не се променило во ВМРО-ДПМНЕ. Христијан Мицкоски продолжува по старо, против правдата, против Уставот, против изборите и против граѓаните. Исто како и Никола Груевски, тврдоглаво, Христијан Мицксоки нема доблест да ги признае своите грешки“ – изјави Костадинов.
Костадинов ја потсети јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ со претходниот предлог за МВР, кога предложија активен армиски полковник, се обидоа да го кршат Уставот: „Во белиот дворец им остана навиката да не прифаќаат ништо разумно и во интерес на граѓаните, дури и кога цела нација гледа дека со својот предлог го кршат Уставот. Ова е доказ дека ВМРО-ДПМНЕ не се променети ниту малку. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се спремни да нанесат штети на Уставот и државата само да не ја признаат својата еклатантна грешка. Членот 97 е јасен, лице кое раководи со МВР или со Министерството за одбрана треба да биде цивилно лице најмалку три години пред изборот на таа функција“ – рече Костадинов.
„Кршење на Уставот не е и не може да биде ниту право, ниту правда, најмалку принцип. Ние, исто како и граѓаните имаме отпор против кршење на Уставот. Некакви измислени алиби приказни за кршење на Уставот е несериозно да се коментираат. Измеша Мицкоски денеска и Статут на СДСМ со Устав, што е апсурдно и срамно“ – аргументираше Костадинов на прес конференцијата денеска.
Тој го повика Мицкоски да преземе одговорност и да предложи кандидат за технички министер за внатрешни работи кој ќе биде во согласност со Уставот и веднаш, уште утре да ја формираме техничка влада.
„На 12 април, нереформираната ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ги чека уште еден пораз. Ние сме спремни утре да избереме техничка влада“ – заклучи Костадинов.
Пратеникот на СДСМ не сакаше да коментира ништо дополнително, додека не пристигне официјален предлог од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека денеска името на новиот кандидат за технички министер ќе му го соопшти лично на Зоран Заев во телефонски разговор.
А. З.