Во светлина на најновите тензии што ги предизвика натрупувањето на руска војска и тешко вооружување на украинските граници и во обид пред македонската и светската јавност да се претстават гледиштата и информациите од украински агол, побаравме интервју со Амбасадорката на Украина, Н.Е. Наталија Задорожњук.
Со искрени и директни одговори, Амбасадорката Задорожњук сподели информации и остри гледишта за руската агресија врз Украина и заканите против европскиот и светскиот мир.
Колку е реална заканата од Русија? Што се случува на украинско-руската граница?
ЗАДОРОЖЊУК: Русија под авторитарното владеење на Владимир Путин излезе од границите на цивилизираните меѓународни односи и затоа нејзиното однесување е апсолутно непредвидливо.
Заканата од целосна инвазија од страна на руската армија е главна тема во Украина веќе цела година.
Првично, ситуацијата ескалира во април, кога Русија се обиде сѐ да објасни со вежби. Но таков број на војска и опрема околу целиот периметар на украинската граница во претходните години немаше.
Во овој период се појави проблемот на Белорусија: беа растерани мирни демонстрации, имаше нелегално слетување на цивилен авион, имаше нагло приближување на Белорусија кон Русија, во формат на Сојузна држава, се случи миграциската криза на границите со Литванија и Полска. Ова е дополнителен голем стрес фактор, кој на сите им покажа дека опасноста се приближува до Украина, не само од исток или од окупираниот Крим, туку и од север.
Второто масовно прераспоредување се случи оваа есен. Русија префрли тенкови, артилерија и системи за противвоздушна одбрана на границата со Украина. Русија досега има концентрирано околу 122.000 војници. На 11 јануари во близина на границата со Украина Русија започна нови вежби. Министерството за одбрана на Русија планира да спроведе вежби на полигони во Воронежската, Белгородската и Брјанската област што се граничат со Украина, како и во Смоленската област. Таму испратија околу 3.000 војници и 300 единици воена опрема. За ова, на 11 јануари соопшти Западниот воен округ. Покрај тоа, министерството соопшти дека единиците на Црноморската флота, како и артилерците на армискиот кор на Јужниот воен округ марширале на полигоните за воена обука, кои се наоѓаат во окупираниот Крим.
Така, заканата од војна е реална, а реални се и дејствата на Русија за дестабилизација на внатрешната ситуација во Украина, со бројни провокации. Режимот на Путин самиот создава конфликтни ситуации и конфликтни зони со цел потоа да бара свое учество во нивното решавање. Овој тренд може да се забележи и во регионот на Западен Балкан.
Со исклучок на Руската Федерација, сите други меѓународни актери – Србија, Косово, сите земји во регионот, меѓународната заедница – се стремат да се реши српско-косовското прашање. На Русија не ѝ одговара решавањето на прашањето на Косово и стабилизирањето на ситуацијата во БиХ, бидејќи решавањето на овие прашања значително ќе ја намали нејзината политичка улога и способност да влијае на внатрешните процеси во регионот.
Денес, земјите од регионот, заедно со Украина, се уште едно место на спротивставување меѓу Русија и Западот. Од појавата на хибридни трупи на Руската Федерација во регионот ја спасува географската оддалеченост и присуството на трупите на НАТО во регионот, но овие фактори не спасуваат од пројавување на хибридни информации и економска (погледнете ги цените на гасот и топлинската енергија во вашата земја) агресија.
Колку добро е подготвена Украина да ја сопре инвазијата?
ЗАДОРОЖЊУК: Украина е во состојба на војна веќе осма година. Ние за ова бевме целосно неподготвени во 2014 година. Првичниот план на Русија беше да ја подели Украина на половина, да ги окупира источните и јужните региони на Украина, создавајќи псевдодржавен ентитет „Новорусија“. Но, дури и тогаш, кога на руските трупи им се спротивставија набрзина собрани одделни единици на украинската армија и доброволци, сè што Русија успеа да заземе во источна Украина беше релативно мала територија, а имено – дел од административната територија на Доњецката и Луганската област.
Во моментов, нашите вооружени сили се неспоредливо посилни. Ако Русија сепак одлучи да војува, ќе треба да смета на исклучително голем број загинати руски војници, што нема да биде споредливо со 2014 година. Тоа ќе биде сериозно крвопролевање и за двете страни.
Ова го разбира и Русија. Пролетта, кога Русија под изговор за вежби ги концентрираше силите на границата со Украина, заедно со другите воени групи беа исто така формирани и мобилни подвижни болници. На сите им е јасно дека такви мобилни подвижни болници никој не формира при редовни воени вежби. Ова покажува дека раководството на руските вооружени сили добро разбира дека ако има наредба за напад на Украина, тоа веќе ќе биде војна на сосема друго ниво.
Покрај тоа, нападот врз Украина може да биде закана за самата Русија. Во текот на долги години таа потроши милиони за да го зомбифицира своето население, да ја демонизира и понижи Украина преку пропагандните медиуми. Сепак, и покрај ова, Кремљ сè уште не разбрал како ќе реагира руското општество доколку од Украина почне да тече бескраен поток од ковчези со руски војници.
Кремљ знае дека станавме значително посилни. Колку и да не им се допаѓа тоа на Русите, нашата борбена моќ расте, нашиот борбен потенцијал се зголемува. Вооружените сили на Украина се доопремуваат.
А колку се помоќни нашите Вооружени сили, толку помали се шансите за успех на воена операција против Украина. И ова, патем, може да биде еден од главните фактори кои ја одвраќаат Русија, бидејќи цената на прашањето ќе биде многу висока за нив. Односно, бројот на загуби едноставно ќе биде неразумно голем во случај на нивна инвазија на нашата територија.
Во случај на инвазија, Украина ќе биде приморана да објави општа мобилизација. Во текот на целата историја докажавме дека за украинскиот народ фундаментална вредност е нашата сопствена слобода. На луѓето може да не им се допаѓа владата, парламентот, луѓето можат да се расправаат меѓу себе, но во моментот кога треба да ја бранат својата земја и слобода, Украинците се способни да се обединат.
Може ли Западот да ја сопре евентуалната руска инвазија на Украина?
ЗАДОРОЖЊУК: Пред сè, ние сметаме на себе, ги зајакнуваме одбранбените капацитети на Украина. Ние немаме друг избор освен да ја браниме нашата земја, нашиот демократски избор. И ние сме им исклучително благодарни на нашите сојузници и партнери, пред сè на земјите од НАТО, и посебна благодарност до САД за нивната силна и толку потребна за нас поддршка. Денес, и ние и нашите партнери знаеме што треба да направиме за да ја демотивираме Русија од целосен напад. Москва мора да биде навистина свесна за цената на прашањето.
Американската администрација во моментов активно работи на обединување на трансатлантската заедница пред заканата за нов бран на руска агресија против Украина.
Претседателот Џо Бајден јавно и директно му стави до знаење на Путин дека доколку Русија одлучи да започне нова ескалација против нашата држава, тогаш цената на оваа одлука ќе биде исклучително висока, а економските последици за Русија ќе бидат катастрофални. Ова е предупредување за нови моќни санкции. Тие би можеле да вклучуваат и санкции против енергетските компании, банките, државниот долг на Русија и руските олигарси, исклучувањето на Москва од платниот систем SWIFT, може да биде и против непосредната придружба на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.
Лажливата пропаганда на Русија им кажува на своите граѓани колку е лош Западот, колку е таму лошо, а сите нивни семејства и роднини живеат и учат во западните земји, додека просечниот Русин едвај врзува крај со крај. Затоа, санкциите против семејството на претседателот и неговите пријатели ќе бидат многу значајни. Ова се опциите кои се наведуваат. Може да има и други.
Во таа насока, се надеваме дека Северна Македонија, како членка на НАТО, кандидат за ЕУ, учесник на Кримската платформа и пријател на Украина, ќе се приклучи на политиката на санкции против Русија.
И уште еден важен аспект во контекст на очекуваната помош од Западот… Тоа е помош во градењето на одбранбените и економските капацитети на Украина, обезбедувањето ефикасна помош, летално оружје – за да можеме да се заштитиме. Подготвени сме да купиме оружје и муниција или заеднички да ги произведуваме. За ова нема никакви ембарга, правни, политички или морални пречки. Украина не нападна никого и не планира да напаѓа. Понатамошното зголемување на воената сила на Украина, која веќе е една од најголемите воени сили во регионот, има чисто одбранбен карактер и е инвестиција во стабилноста на целиот Балтичко-Црноморски простор.
Сега Украина, САД и НАТО работат на дипломатско одвраќање за да не мораме да преминеме во радикална ситуација, за која сите исто така се подготвуваме.
За Западот од витално значење, дури за сопствено самоодржување (најдобро разбрано од земјите од Источноевропската група на НАТО и ЕУ) е да ја запре Русија сега, бидејќи потоа ќе биде многу потешко, имајќи ги предвид искуството со Грузија во 2008 година и Украина во 2014 година.
Што стои зад конфликтот меѓу Русија и Украина? Дали има и други причини за рускиот напад на украинската сувереност, освен „безбедноста“?
ЗАДОРОЖЊУК: Сакам да нагласам дека тука нема и не може да има никакви безбедносни причини. Кои безбедносни причини, кои безбедносни гаранции на Русија, ако Русија ги прекрши сите безбедносни гаранции на Украина!? Како може да бараат „Дајте ни гаранции“ ако самиот Путин ги прекршил сите гаранции што Русија ѝ ги даде на Украина? Ние бевме неутрална земја во 2014 година. А сепак, Путин нападна. Ајде, доколку зборуваме за некои безбедносни гаранции, да зборуваме за безбедносни гаранции за Украина. Според последните анкети, по вооружениот напад на Русија и нелегалната привремена анексија на Крим, поддршката на јавноста за членство на Украина во НАТО достигна 60%.
Какви безбедносни гаранции за Русија, ако, потенцирам, таа, а не НАТО, го окупираше Крим, руските, а не војниците на НАТО се наоѓаат на привремено окупираните територии на Донбас. Украина е веќе трет, по Молдавија и Грузија, предмет на поновата руска воена агресија. И овие конфликти продолжуваат само затоа што Русија ги храни.
Конфликтот во Приднестровје, војната во Грузија, војната во источна Украина и окупацијата на Крим се дел од поголемиот, системски феномен на руската надворешна политика – рускиот експанзионизам. Кремљ ги решава своите надворешнополитички и внатрешнополитички задачи, од кои најважни се зацврстување на сферата на влијание на Русија и консолидирање на руското општество околу идејата за руска суперсила, империја.
Самите провоцираат, напаѓаат, окупираат, анектираат, убиваат и при тоа чувствуваат опасност. Би било смешно да не е толку тажно.
Русија ќе продолжи и понатаму да го ескалира конфликтот, бидејќи ментално, културно, историски, тие живеат во империја. Ние, иако со големи тешкотии и загуби на човечки животи, излеговме од тој тоталитарен систем – Советскиот Сојуз. За жал, подоцна од Балтичките земји, Полска, Словачка, Чешка, Унгарија. Но, ни беше многу потешко, бидејќи режимот едноставно се „залепи“ за нас. Со загубата на Украина, се уништува вековната лажна идеологија на Русија.
Русија се стреми, на сметка на Украина, да ја подобри својата демографска рамнотежа (словенското население изумира и емигрира, бројот на други народи значително расте), како и да си го припише економскиот и научно-техничкиот потенцијал на Украина. Освен тоа, на Русија ѝ е потребна Украина како контролирана пречка за ширење на западните вредности, слободата и демократијата во Русија, кои го загрозуваат авторитарниот режим на Путин.
Без Украина – Русија нема да биде империјата, која Путин толку сака да ја врати. Успешна Украина – тоа е пример за Русите. Успешна Украина – тоа е прилика да се замислат Русите, зошто ние толку лошо живееме, а погледнете ја Украина колку далеку отиде. Кај нив има демократија, слобода, транспарентни институции, безвизен режим со Европска Унија, а можеби и ние така ќе можеме, само треба да го смениме системот. И потребно ли му е тоа на Путин?
И така, силната, просперитетна и демократска Украина е сериозна закана за режимот на Путин.
Русија изврши инвазија на делови од Украина во 2014 година и ги поддржа сепаратистите кои започнаа конфликт во големи делови во источниот дел од земјата. Кои се перспективите на овие територии? Дали постои план за ослободување на окупираните делови од Украина? Што е планот?
ЗАДОРОЖЊУК: Крим и некои региони на Доњецката и Луганската област дефинитивно ќе се вратат под контрола на Украина, дома. Тоа е прашање на време. Не постои единствен „рецепт“ за враќање на териториите на Украина привремено окупирани од страна на Русија, но ние се стремиме да го решиме овој проблем на политичко-дипломатски начин.
Украина презема мерки, преку дипломатски канали да ги врати териториите заземени од Руската Федерација – Крим и одредени региони на Доњецката и Луганската област.
На 29 септември 2021 година, Владата на Украина го одобри Акциониот план на Стратегијата за деокупација и реинтеграција на Крим, кој на 24 март Претседателот на Украина, Володимир Зеленскиј, го стави во сила. Националната стратегија за деокупација и реинтеграција на Крим е првиот задолжителен и темелен рамковен документ кој ги поставува клучните принципи, пристапи и насоки на работата на државата за ослободување на полуостровот.
Акциониот план содржи 158 точки во десет делови: „Заштита на човековите права и слободи“, „Правна заштита на граѓаните и правните лица на Украина“, „Меѓународна соработка“, „Зајакнување на националната стабилност“, „Одбрана и безбедносна политика“, „Карактеристики на јавната политика за обезбедување на деокупација на Крим“, како и делови за економски, социјални, хуманитарни, еколошки и информативни политики. Властите ќе ги преземаат овие мерки сè додека Русија не го напушти полуостровот.
Покрај тоа, на 23 август 2021 година беше создадена „Кримската платформа“ – клучна алатка за деокупација и реинтеграција на Крим на меѓународно политичко ниво, консолидација на меѓународните напори за деокупација на Крим. Русија се обидува да му наметне на светот наратив за конечноста на статусот на Крим како дел од Руската Федерација. Оваа вештачка „нова реалност“ грубо ги нарушува основните принципи на меѓународното право, но поради постојаната употреба на притисок, лаги, уцени и поткупување, Русија не ги напушта напорите да го отстрани прашањето за Крим од светскиот дневен ред. Кримската платформа е заштита од овие дезинформации и ја зацврстува консолидираната позиција за тоа, дека Крим е Украина.
Во овој контекст, ние сме ѝ благодарни на Република Северна Македонија, која заедно со земјите од Европска Унија и НАТО е официјален учесник во Кримската платформа. Ние, исто така, го цениме тоа што Северна Македонија не само што ги поддржува сите украински резолуции за Крим, туку е и нивен коавтор. Конкретно, тоа се резолуциите усвоени во рамки на Генералното собрание на ОН – „Проблемот на милитаризација на Автономната Република Крим и градот Севастопол, Украина и делови од Црното и Азовското Море“ и „Ситуацијата со човековите права во Автономната Република Крим и градот Севастопол, Украина“.
САД и Русија започнаа разговори во ОН во Женева и ќе продолжат понатаму во Брисел, со вклучување на ЕУ и НАТО, но Украина не е на масата. Тоа е чудно, благо кажано, да се дискутира за Украина, без вклучување на Украина. Мировните активисти протестираа, критикувајќи го исклучувањето на Украина од разговорите. Кој е официјалниот став на украинската влада по ова прашање?
ЗАДОРОЖЊУК: Тоа не е така. Русија се обрати со барање до САД за започнување на билатерални разговори за низа прашања, без учество на трети страни – Украина, НАТО, ЕУ. И овие разговори не се однесуваат само на Украина. И ЕУ како институција „не е среќна“ што е исклучена од директниот дијалог. Шефот за дипломатија на ЕУ, Ж. Борел, рече: „Се разбира, не можеме да присилиме никого да седне на преговарачка маса. Но, јас сум во постојан контакт со САД, а САД ме уверија дека ништо нема да се дискутира без јасна координација со Европејците и без учество на Европејците.“ Позициите на Киев и Брисел се идентични.
Се разбира, судбоносните одлуки за една држава кои имаат директно влијание врз одредувањето на нејзината иднина мора да се носат со консултација и претходна согласност на таа држава. Во овој поглед, Украина нема причина да го обвинува Западот – ниеднаш во последните години, ниту ЕУ, ниту САД не го прекршиле овој принцип. А сега, кога почнаа преговорите со Руската Федерација, Џо Бајден дополнително јавно вети дека ќе се води по ова правило.
Слушнавме некои јасни сигнали од САД. Прво: ништо за Украина нема да се решава без Украина. Второ, односите меѓу Украина и НАТО се исклучиво работа на нашата држава и на земјите членки на Алијансата. Трето, Соединетите Држави се подготвени за дијалог, но безбедноста на Европа не може да се реши без Европа. Односно, слушаме од американската администрација многу јасни пораки за поддршка за Украина.
Пред состанокот Советот на НАТО – Русија (12 јануари), на 10 јануари во Брисел се одржа седница на Комисијата Украина – НАТО со учество на вицепремиерката за европски и евроатлански интеграции Олга Стефанишина. Претставничката на украинската влада беше поканета за дополнително да се увери Киев дека разговорите не се одвиваат зад грбот на Украина, а исто така за да го слушне нејзиното мислење за консултациите на НАТО со Русија.
Покрај тоа, за 12-13 јануари во Брисел е закажана седница на Воениот комитет на НАТО, на кој исто така се поканети воените лидери на Украина и Грузија. Од Киев овде ќе дојде врховниот командант на Вооружените сили на Украина, Валериј Залужниј.
Така, постојат три клучни формати во кои државите од Западот зборуваат за руската воена закана за Украина и Европа, но без учество на Русија. Тоа се, всушност, форматот на НАТО (на пример, состаноците на 7 и 10 јануари), НАТО – Украина (вклучувајќи го и форматот на Комисијата НАТО – Украина на 10 јануари) и важниот формат на САД – „Букурешката деветка“. Се работи за девет земји од источното крило на НАТО кои се приклучија на Алијансата во 1990-тите: Полска, Романија, Литванија, Латвија, Естонија, Словачка, Унгарија, Бугарија и Чешка.
Дополнително, би сакала да го додадам официјалниот коментар од Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, за средбата на американската и руската делегација во Женева: „Руската Федерација започна преговори за т.н. ‘безбедносни гаранции’ за максимално зголемување на стапките со однапред поставување на неприфатливи барања. Цинизмот на ситуацијата е во тоа, што Руската Федерација бара безбедносни гаранции во време кога нејзината армија од повеќе од 100.000 мавта со оружје во близина на украинската граница, го држи во заложништво Крим и војува во Донбас, руските специјални служби ја поткопуваат безбедноста на границата меѓу Белорусија и Полска и Литванија, снабдувањето со гас станува алатка на надворешната политика.
Русија нема право да гласа за членството на Украина во НАТО. Ова е црвена линија која нема да ја премине ниту Украина, ниту нашите партнери – „Нема договори за Украина без Украина.“ И токму тој сигнал Русите јасно го слушнаа во Женева. САД нема да одобрат никакви одлуки за Украина без Украина, за Европа без Европа, за НАТО без НАТО. Единството на колективниот Запад ги урива надежите на Русија за постигнување договор со Американците за заобиколување на другите партнери. Безбедноста на евроатлантскиот простор е невозможна додека Украина е во опасност.
Имате ли порака за крај?
ЗАДОРОЖЊУК: За крај, би сакала ѝ се заблагодарам на вашата редакција за желбата објективно да ги покријат настаните, да ѝ ја пренесат на јавноста реалната состојба, повикувајќи се на примарни извори, бидејќи во последно време забележуваме појавување на материјали на низа експерти, аналитичари, кои „наводно“ се занимаваат со анализирање на Украина, украинско-руските односи, а во реалноста земаат информации исклучиво од руски извори, познати по нивното свесно превртување на информациите, и со истото ги пренесуваат пораките на руската пропаганда.
Апелираме до почитуваните експерти да го пренесуваат не само она што го пишува руската пропаганда, туку да користат, ако не украински, тогаш барем сериозни материјали на англиски јазик. Амбасадата на Украина, пак од своја страна, е секогаш отворена за печатот и е подготвена да обезбеди целосни информации за кое било прашање.
Џабир Дерала
CREATIVE COMMONS 4.0 (You are free to: Share — copy and redistribute the material in any medium or format)