Голема е паниката во ВМРО-ДПМНЕ поради слабата работа на нивните градоначалници, па затоа имаат потреба секојдневно да ја дефокусираат јавноста со барања за предвремени избори, велат СДСМ во соопштение за јавноста.
– Јавно во првите два месеци виде дека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ се големо разочарување, тоа им е јасно и во Белиот дворец, па затоа оваа партија неосновано бара предвремени парламентарни избори. Со условувања кон помалите партии, ВМРО-ДПМНЕ покажа дека му се брза на избори затоа што допрва ќе се види неспособноста на нивните градоначалници.
Со предлог законот за укинување на техничката влада, ВМРО-ДПМНЕ свесно или несвесно призна дека Владата предводена од СДСМ и институциите знаат и можат да организираат фер, слободни и демократски избори без тие да бидат оспорувани од кој било. Барањето за предвремени избори во време кога се решаваат предвизиците со здравствената, економската и енергетската криза се неодговорен чин од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски. Граѓаните не сакаат избори, туку конкретни мерки и политики кои нудат излез од кризите и заштита на нивниот животен стандард. Предвремени парламентарни избори нема да има, ќе има работа, реализација на мерки и проекти од Програмата на Владата која има мандат до 2024 година, се вели во соопштението.





