Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи утре ќе престојуваат во работна посета на Париз, каде ќе остварат средба со Клеман Бон, државен секретар за европски прашања во Министерството за Европа и надворешни работи на Франција.
Маричиќ и Османи, како што соопшти МНР, ќе имаат средба и со Изабел Думон, дипломатскиот советник за континентална Европа и Турција на претседателот на Франција, Емануел Макрон.
Во фокус на разговорите ќе биде европското досие на Северна Македонија, во светло на актуелното француско претседателство со Советот на Европската Унија, а се очекува да бидат разменети мислења и за други актуелни регионални и глобални предизвици. Во рамки на посетата предвидена е средба и со сенаторот, Робер Бадентер, информираа од МНР.
извор: МИА





