На ITF турнирот (категорија W25) во Манакор, Шпанија, нашата најдобра тенисерка Лина Ѓорческа направи големо изненадување и извојува победа во два сета против третата носителка на турнирот, Холанѓанката Лесли Патинама Керкове (7-6 ; 6-4). Тенисерката од Холандија моментално е на 144-тото место на светската ранг листа и важеше за голем фаворит за освојување на овој турнир.
Лина играше одлично, а особено за истакнување е пресвртот во вториот сет. Холанѓанката поведе со 3:0, а нашата тенисерка на крај го освои сетот со резултат 6:4.
Со оваа победа Ѓорческа се пласираше во четвртфиналето на овој силен турнир и обезбеди нови поени и напредок на WTA листата. За пласман во полуфиналето, Лина утре ќе игра против победникот од мечот меѓу двете шпански тенисерки, Ромеро Гормаз и Лазаро Гарсија. Со евентуална победа, во полуфиналето најверојатно ќе игра против 117-тата тенисерка на светската ранг листа, Унгарката Далма Галфи.
А. Лукароски