Во светот се уште постојат недоумици околу појавата на Ковид-19, ширењето на заразата и развојот на вакцините против коронавирусот. Кампањите за масовна имунизација, ефикасноста на вакцините и нивните евентуални несакани реакции, ковид-сертификатите, строгите епидемиолошки мерки и препораките за „бустер“ дози се прашања што за голем број луѓе остануваат и понатаму енигма. Пандемијата на Ковид-19 поттикна безброј дезинформации, кои ги доведоа луѓето во заблуда и создадоа паника.
Во обид некои од овие прашања да бидат многу појасни, МИА разговараше со потпретседателката и раководител на Одделот за воспаленија и имунолошки истражувања во Фајзер, доктор Елена Пеева.
Доктор Елена Пеева е успешна Македонка која 30 години живее и работи во САД. Има завршено Медицински факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде и магистрирала. По заминувањето во САД го усовршила своето образование завршувајќи специјализација по интерна медицина на Универзитетската болница Stony Brook и субспецијализација по ревматологија и постдокторски студии по имунологија во Montefiore Medical Center/Albert Einstein College of Medicine.
Подоцна работи како лекар и професор по медицина и имунологија на Albert Einstein College of Medicine во Њујорк сити. Научно-истражувачката работа на д-р Пеева е поддржана со грантови од Lupus Foundation, Arthritis Foundation i NIH (National Institutes of Health) и презентирана на национални и меѓународни симпозиуми и конференции.
Во текот на својата клиничка работа, д-р Пеева се соочи со лимитираните терапевтски опции достапни на пациентите со имунолошки болести. Желбата да го премости јазот меѓу истражувачката и клиничката работа, и потребата за нови лекови кои ќе им помогнат на пациентите, ја преориентира од академската медицина во фармацевтската индустрија, каде таа работи прво за Мерк, а потоа за Фајзер. Во изминатите 15 години, д-р Пеева успешно предводи повеќе клинички студии со нови лекови. Таа е автор на повеќе од 50 научни стручни трудови од областа на медицина и имунологија.
По две години пандемија, колкава е досега бројката на аплицирани ковид вакцини и каков е уделот на Фајзер и кои се несаканите реакции од вакцините?
Во светот се употребуваат осум различни вакцини против Ковид-19. Досега се администрирани повеќе од 10 милијарди дози.
Вакцината на Фајзер против Ковид-19 (Comirnati) е првата мРНА вакцина против коронавирусот одобрена во САД и таа е најчесто користена вакцина во САД и ЕУ. Врз основа на резултатите од третата фаза на клиничките испитувања објавени во ноември 2020 година, мРНА вакцината на Фајзер/Бионтек има ефикасност од 95 отсто. Несаканите реакции најчесто се лесни и вклучуваат болка на местото кадешто е инјектирана вакцината, зголемена телесна температура, морници, главоболка, болки во зглобовите и мускулите, умор и слабост, кои траат неколку дена и се знак дека телото развива имунолошка реакција за заштита од инфекција. Ретко може да има појава на отечени и болни лимфни жлезди. Како и со другите вакцини, реакциите се почести и поизразени кај жените отколку кај мажите. Некои луѓе немаат никакви нус појави. Несаканите реакции поврзани со долгорочни здравствени проблеми се екстремно ретки по која било вакцинација, вклучувајќи ги и мРНА вакцините против Ковид-19.
Објаснете ни нешто повеќе за мРНА вакцините и нивното делување. Кои се контраиндикациите на оваа вакцина?
Месинџер РНА (мРНА) вакцините почнаа да се користат неодамна, но науката за мРНА и истражувањата за развој на мРНА вакцините датираат пред повеќе децении. Овие вакцини делуваат поинаку од другите, кои внесуваат протеин, ослабен или инактивиран микроорганизам во телото. Вакцините мРНА им даваат инструкција на клетките како да синтетизираат протеин, што ќе предизвика имунолошка реакција што овозможува создавање антитела за заштита од инфекција кога вирусот ќе влезе во телото.
Вакцината мРНА против Ковид-19 се аплицира интра-мускуларно, влегува во клетките и ги инструира да произведат „spike protein“ (протеинот кој се наоѓа на површината од САРС-КоВ-2 вирусот), а потоа клетките ја разградуваат инјектираната мРНА. Клетките го презентираат „спајк протеинот“ на својата површина, имунолошкиот систем го детектира протеинот како туѓа супстанца и почнува да создава антитела против САРС-КоВ-2. Со тоа имунолошкиот систем е подготвен да го заштити телото против инфекција од вирусот, кој предизвикува Ковид-19.
Контраиндикации од мРНА вакцините против коронавирусот се анафилактична реакција по првата доза од вакцината, акутна алергиска реакција на претходна доза или која било компонента од вакцината, вклучувајќи го полиетилен гликол (ПЕГ) или акутна алергиска реакција на полисорбат поради потенцијална кросреактивност со ПЕГ.
Контраиндикациите од една мРНА вакцина против Ковид-19 се сметаат за контраиндикација и на други такви вакцини од други производители. На пример, ако вакцината Comirnati на Фајзер покажала контраиндикации кај некое лице, тоа значи дека истите контраиндикации се појавуваат и при употреба на Spikevax (мРНА вакцина на Модерна).
Алергиски реакции на јајца, желатин, друг вид на храна, орални лекови и латекс не претставуваат контраиндикација од мРНА вакцините.
Со појавата на новите мутации на коринавирусот се забележува дека вакцината не дава трајна имунолошка реакција. Кое е објаснувањето за тоа?
Студиите покажуваат дека антителата против САРС-КоВ-2 се намалуваат со текот на времето. Засилувачката доза дава значително подобра заштита од омикрон варијанатата, отколку една или две дози од вакцината. Тоа не е ништо необично. Секоја година нова вакцина против грип се произведува за заштита од нова варијанта на инфлуенца.
Може ли да ни објасните нешто повеќе околу таблетите PAXLOVID, за кои експертите тврдат дека претставуваат надеж за луѓето во овој период на ширење на омикрон варијантата. Дали овој лек е наменет само за невакцинираните или за сите? На кој начин се употребува, колку е ефикасен и дали снабдувањето со овој лек е ограничено?
Паксловид (Paxlovid) е орален антивирусен лек. Американската агенција за лекови (ФДА) го одобри Паксловид за дополнителна употреба на 22 декември 2021 година. Таблетите се наменети за лекување на лесна до средно тешка форма на Ковид-19 кај возрасни пациенти и деца постари од 12 години кои имаат позитивен тест на САРС-КоВ-2, и имаат фактори на ризик за прогрес во тешка форма на коронавирус, вклучувајќи хоспитализација и смртни последици.
Паксловид е наменет за пациенти со почетни симптоми на Ковид-19, без оглед дали се вакцинирани или не. Таблетите се примаат двапати дневно во текот на пет дена.
Клиничкото испитување покажа дека земањето Паксловид во првите три дена од појавата на Ковид-19 со лесно до средно тешки симптоми, го намалува ризикот од хоспитализација на 89 отсто за оние пациенти кај кои постои опасност за преминување во тешка форма на Ковид-19.
Моментно, количествата на овој лек се ограничени, но се очекува неговото производство да се зголеми во следните месеци.
Дали е подобро „бустер“ вакцина да се прима на секои четири до пет месеци или треба да се произведе вакцина која ќе се прима еднаш годишно?
Истражувањата се во тек, но мое мислење е дека засилувачките вакцини против Ковид-19 ќе се даваат еднаш до двапати годишно.
Голем број граѓани во Северна Македонија се вакцинирани со по две дози на вакцината на Фајзер. Дали за нив ќе биде потребна и трета „бустер“ Фајзер вакцина или двете се доволни?
Клиничките и епидемиолошките испитувања недвосмислено покажуваат дека засилувачката вакцина дава подобра заштита за омикрон варијантата отколку една или две дози од вакцините против Ковид-19.
Во нашата земја вакцината на Фајзер се дава како трета „бустер“ доза, независно од тоа со кои вакцини се претходно вакцинирани граѓаните. Колку вакцината на Фајзер е компатибилна со остантите типови на вакцини?
Засега немам информации за значителни несакани ефекти по примање на засилувачка вакцина на Фајзер кај луѓе кои претходно се имунизирани со други вакцини. Засилувачката доза не мора да биде иста со вакцината која е користена при првичната имунизација. Американскиот Центар за контрола на болести (ЦДЦ) препорачува дополнителна доза со мРНА вакцина против Ковид-19, односно на Фајзер или Модерна, независно од типот на претходните две дози. Нема податоци за зголемени или нови нус појави кога мРНА засилувачката вакцина се комбинира со претходни дози од различните типови на вакцини.
Фајзер подготвува нова вакцина против коронавирусот, која треба да биде готова во март. Дали оваа вакцина ќе биде решение за омикронот и другите варијанти. Може ли да се очекува конвенционална вакцина со трајна заштита, за што точно станува збор?
Клиничките испитувања и добиените податоци од вакцините против Ковид-19 глобално покажуваат дека засилувачките дози овозможуваат одлична заштита против тешка форма на омикрон, но засега не е познато дали заштитата ќе опаѓа со тек на време. Затоа Фајзер започна клиничко испитување за тестирање на нова верзија на мРНА вакцина, специјално произведена за омикрон варијантата, бидејќи првично примените две дози не даваат доволна заштита од омикрон. Целта на студиите е да се увиди имунолошкиот одговор по примањето на новата Омикрон-базирана вакцина. Кај невакцинираните лица оваа вакцина ќе се тестира во три дози, а кај лицата кои претходно се вакцинирирани со две дози, оваа вакцина ќе се даде како засилувачка, трета доза. Kај оние лица кои досега примиле три дози, Омикрон-базирана вакцина ќе се даде како четврта доза и ќе биде споредена со имунитетот постигнат по четири дози од сегашната вакцина. На тој начин ќе се утврди каква е реакцијата кај сите групи луѓе по примањето на новата Омикрон-базирана вакцина во однос на имунолошкиот одговор.
Досега се имаме соочено со пет варијанти на Ковид-19 (алфа, бета, гама, делта и омикрон). Потребни се нови методи за да се создаде широка и трајна заштита од варијантите на коронавирусот кои се познати, но и од оние кои не сме ги сретнале досега. Оттаму доаѓа терминот „пан-коронавирус вакцина“. Научниците од американскиот воено медицински центар „Волтер Рид“ работат на испитување на Спајк феритин нано честичка (Spike ferritin nano) вакцина против Ковид-19, наречена СпФН (SpFN), која би била прва конвенционална вакцина со трајна заштита против сите варијанти на коронавирусот. Неодамна е завршена првата клиничка студија со СпФН, а резултатите се очекуваат набргу.
Габриела Точко / МИА