Во телефонскиот разговор кој траеше еден час, како што соопштува Белата куќа, Бајден јасно му укажал на Путин што ќе ризикува доколку одлучи да изврши инвазија на Украина, објави Си-Ен-Ен (CNN).
„Претседателот Бајден беше јасен дека, доколку Русија преземе понатамошни чекори кон инвазија на Украина, Соединетите Држави заедно со сојузниците и партнерите ќе одговорат решително и ќе предизвикаат брзи и сериозни последици по Русија. Претседателот Бајден повтори дека натамошната руска инвазија на Украина ќе предизвика широко распространето човечко страдање и ќе го намали угледот на Русија“, велат од Белата куќа.
Претставниците за печатот од Белата куќа додаваат дека Бајден „бил јасен со претседателот Путин дека Соединетите Држави остануваат подготвени да се вклучат во дипломатијата, во целосна координација со нашите сојузници и партнери, но и подеднакво подготвени за други сценарија.“
Повикот меѓу двајцата лидери доаѓа неколку часа откако САД преместија дел од своите сили од Украина и наредија евакуација на поголемиот дел од персоналот на нивната амбасада во саботата, бидејќи се зголемуваат стравувањата дека руската инвазија на земјата може да се случи во следните неколку дена. Потезите беа уште еден знак дека САД стравуваат дека Путин може да нареди инвазија во секое време, само еден ден откако советникот за национална безбедност на Бајден ги предупреди Американците во Украина да заминат и дека воената акција може да започне со воздушно бомбардирање што може да убие цивили.