„Ја осудувам одлуката на Русија да го прошири признавањето на самопрогласените „Доњецка народна република“ и „Луганска Народна република“, изјави вечерва генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пренесува ЦИВИЛ.
– Ова дополнително го поткопува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, ги еродира напорите за решавање на конфликтот и ги прекршува договорите од Минск, во кои Русија е засеганата страна“.
Тој ја обвини Русија дека бара изговор за инвазија на Украина.
Европската унија најави санкции за инволвираните, откако рускиот претседател Владимир Путин го потпиша указот за признавање независност на т.н. Доњецка и Луганска народна република.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Фредерика Фон дер Лајен најостро ја осудуваат одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да продолжи со признавањето на областите Доњецк и Луганск, кои не се контролирани од властите во Украина, како независни ентитети.
„Овој чекор е очигледно кршење на меѓународното право, како и на договорите од Минск“, се истакнува во заедничкото соопштение од Мишел и Фон дер Лајен.
„Унијата ќе реагира со санкции против инволвираните во овој незаконски чин“, најавија ЕУ дипломатите.
Унијата ја повторува својата непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници.
Германскиот канцелар Олаф Шолц во телефонски разговор со рускиот лидер Владимир Путин ги осуди плановите за формално признавање на независноста на проруските сепаратистички региони во Украина.
Пред да го потпише указот за признавање на т.н. Доњецката и Луганската народна република, Путин телефонски го информираше Шолц за намерата, на што германскиот канцелар остро се спротиставил и укажал дека со тоа се гршат Договорите од Минск и оти тоа претставува унилатерално кршење на Договорот од страна на Русија.
Шолц побарал од Путин деескалација на ситуацијата и повлекување на руските војски од границата со Украина. Тој потенцира дека Русија е посебно одговорна за одржување на мирот во источниот дел на Украина.
Во моментов, Шолц спроведува консултации со блиските партнери како францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Владомир Зеленски.