пишува: БОЈАН ПЕТРЕСКИ
Најактуелни случувања во последниве денови се случувањата во Украина. Украина е држава која пред само 5 дена беше воено нападната од страна на Русија. Рускиот претседател Владимир Путин се реши на воен напад врз Украина бидејќи смета дека во источниот дел на Украина живее руско население и дека тој дел на Украина треба повторно да стане дел од Руската федерација. Имено, токму Путин е личноста која не го признава својот колега од украинска страна Володимир Зеленски за легитимно избран претседател и Путин е човекот кој не даде шанса на дијалогот да го надмине овој спор започнувајќи воена агресија врз самостојна и унитарна држава, со желба и намера да припои одреден дел на територија кој самиот тој смета дека и припаѓа на Русија. Секако дека покрај желбата за припојување на дел од територијата на Украина кон Русија има и други причини за започнувањето на воена агресија врз Украина. Тие причини се прекин на снабдувањето на Европа со гас во иднина поради неговата про-американско ориентација, желбата за слава дека токму Путин е рускиот владетел кој успеал да врати дел од територијата на поранешна СССР, како и обидот за докажување дека може да предизвика одредена дестабилизација на Европскиот контитент во секој момент, обидувајќи се да се наметне како важен фактор околу ориентацијата на европските земји.
Па така, на точно 1170 километри од Скопје по копнена линија, се наоѓа Киев, главниот град на Украина, кој во послединве 48 часа е под тотална руска опсада. Руската инвазија врз Украина започна со прогласувањето на градовите Доњецк и Луганск за самостојни републики од страна на Руската федерација. Прогласувањето на овие градови за самостојни републики е обид за прикажување на моќ, со која се порачува дека Русија е подготвена за повторно дестабилизирање на Европа. Откако успеа целосно и полуостровот Крим да го стави под своја контрола, кој важи како најголема копнена маса во Црното Море, се поочигледна е намерата на рускиот претседател Владимир Путин, целосно да и се оневозможи излезот на Украина на море. Сеуште не е почната инвазијата врз Одеса бидејќи во последните часови руските војници се сконцентрирани директно на Киев. Јасна е намерата на Путин, а тоа е целосно поделување на Украина по течението на реката Дњепар. Токму затоа, клучен за освојување во оваа намера на Путин е главниот град на Украина бидејќи токму низ Киев е течението на реката Дњепар. Опсадата на Киев ќе продолжи бидејќи спрема најавите се очекува гранатирање на градот.
Сосема е јасно дека воената агресија врз Украина е класично кршење на меѓународното право од невидени размери и претставува еклатантно потсетување на воените агресии кои беа својствени за Европа за време на втората светска војна. Ова директно навлегување на територијата на друга самостојна, независна и меѓународно призната држава, јасно е видливо дека скапо ќе ја чини Русија. Сите земји-членки на Европската унија и сите земји-кандидати за членство во Европската унија, освен Србија, јасно и недвосмислено го осудија овој чин на воена агресија врз украинскиот народ. Само Србија беше државата која тактизираше со изјаснувањето за ставот околу воената агресија врз Украина, имајќи ги во предвид блиските односи и релации на Србија и Русија. И токму кога сите европски земји искажаа дека го поддржуваат територијалниот интегритет, унитарност и самостојност на Украина и дека се подготвени да воведат санкции против Русија, само Србија кажа дека го поддржува територијалниот интегритет на Украина, ама дека нема да воведе никакви санкции за Русија. Земјите-членки на ЕУ обелоденија дека додека траат воените случувања го затвораат својот воздушен простор за руските авиони. Јасно е дека санкциите од европска страна врз Русија ќе бидат огромни и дека Русија тоа најмногу ќе го почувствува на економски план бидејќи се оди кон целосно трговско запирање меѓу европските држави и Русија и целосна конфискација на имотот кој се наоѓа на европска територија, а е во сопственост на руски граѓани. Санкциите ќе се состојат и во тоа што се предвидува исклучување на Русија и од SWIFT-зоната, односно запирање на сите релации со оваа федерација.
Исто така, кон сакнциите за Русија се приклучи и Турција. Турција раководена од страна Реџеп Таип Ердоган, стратешки многу важна држава бидејќи Турција е држава која поседува голем број на ресурси, кои се исклучително важни и при обезбедувањето на економската стабилност, но и при комуникацијата со останатите држави ширум светот, како и држава чијашто територија се наоѓа и на европскиот и на азискиот контитент, јасно се изјасни дека не ја поддржува руската агресија врз Украина и дека како земја-членка на НАТО-пактот го затвора својот воздушен простор за руските авиони, како и дека го затвора теснецот на Црното Море за руските бродови. Важно е да се спомене дека Турција која важи за блиска и со Русија и со Украина, се понуди да посредува меѓу овие две држави, се со цел запирање на воените судири.
Кога сме кај земјите од Западен Балкан, како што кажав и погоре, сите јасно се изјаснија дека го поддржуваат територијалниот интегритет, унитарноста и самостојноста на Украина и дека се подготвени да ги спроведат санкциите кон Русија во знак на поддршка и сочувствување со украинскиот народ, освен Србија која одицијално се изјасни еден ден подоцна од сите и кажа дека го поддржува територијалниот интегритет на Украина, но не е подготвена да воведе санкции против Русија. И да, јасна ни е политиката на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој е во извондредни пријателски односи на секое поле со неговиот руски колега Владимир Путин, кој пак јавно го поддржува и финансиски му помага. Вучиќ се обидува да води политика на неутралност кога е во прашање српската гео-стратешка политика бидејќи јасно се изјаснува дека Србија не сака да влезе во НАТО-пактот, а сака членство во Европската унија. Токму Вучиќ е единствениот лидер на Западен Балкан кој често зема руски кредити од руски банки, кога не добива помош од европските фондови. И тоа кокетирање на Вучиќ, за кратко време од сега, може многу скапо да го чини бидејќи се појасно е дека одново се крои светската политика и светското влијание.
Нешто што е клучно да се спомене, а да не заборавиме е дека руското влијание кај земјите од Западен Балкан исто така е поприлично присутно. Само за потсетување, кај нас во Северна Македонија, руски инсталации беа дел од толпата што влезе во македонското Собрание при упадот на 27 април 2017 година. Во Црна Гора исто така руското влијание е присутно и имавме прилика да го видиме при процесот на промената на власта. За Србија кажав и погоре, тие не се стихијни релации преку одредени служби како што е во останатите држави, туку руското влијание е присутно директно преку претседателот Вучиќ. И Босна и Херцеговина да не ја заборавиме, каде руското влијание во оваа држава е присутно преку претседателот на Република Српска. Кај овие држави кои сеуште не се членки на Европската унија сведоци сме на присуство на руско влијание, кое е клучно за остварување на руските интереси на овие простори бидејќи општеството во овие држави е такво да лесно подлегнува на провокации и лесно примамливо за остварување на одредено влијание.
Токму затоа, руско-украинскиот конфликт, повеќе од убеден сум дека европските лидери ќе ги натера да сфатат дека брзата интеграција на Западен Балкан е стратешки битна токму поради можноста за лесно навлегување на руското влијание на овие простори. Убеден сум дека по завршувањето на овој воен конфликт, soft-политиката односно водењето на политика преку градење на што поефикасни решенија за засегнатите страни за кое е потребно поголем временски период, експресно ќе заврши и ќе се прејде на забрзана интеграција на овој дел од Балканот во ЕУ. И да, јасно е дека ќе се стави крај на про-руските инсталации на овие простори преку директно укажување дека стратешката определба на овие држави е про-ЕУ, про-НАТО и про-САД. Само така со брзо решавање на споровите кои се пречка за забрзана интеграција на овие држави во ЕУ, неосврнувајќи се на (не)популарноста која ќе произлезе од овие решенија, ќе се превенира од зголемено руско влијание на овие простори, кои се лесно ранливи и кои лесно ги чувствуваат промените кај соседите.
Гледајќи и говорејќи за нашата држава, во овие моменти каде сме сведоци на воена агресија, кристално јасно се гледа што значи членството на Северна Македонија во НАТО. Нашето членство во НАТО-пактот на ова парче земја му гарантира безбедност, можност за одлучување рамо до рамо со светските сили, инвестиции и траен мир. Токму допрва многумина ќе сфатат дека членството во НАТО како стратешка определба на оваа држава уште од нејзиното осамостојување има одреден бенефит на повеќе полиња, без разлика дали тоа некому му се допаѓа или не.
Никој, ама баш никој во ова време на демократија и во ова време на мирно решавање на настанатите спорови меѓу одредени држави, не очекуваше дека во срцето на светот – Европа, можно е да дојде до воена агресија.
Украинскиот народ не го заслужува ова. Украинскиот народ ќе излезе посилен од било кога.
Не е потребна војна, потребен е мир, толеранција, благосостојба и меѓусебно разбирање кое се постигнува само низ дијалог.
Нашите мисли, нашите срца се со луѓето во Украина!
Никогаш да не се повтори!