пишува: БИЛЈАНА АРСОВСКА
Дариан, мојот 1-годишен внук е најпргавото битие што го познавам. Мирува единствено кога спие. Постојано трча, љубопитно го опипува секој предмет што ќе му се појави пред очи и се протнува под секоја слободна површина. Тоа е безболниот дел. Тоа што за сите нас дома претставуваше забрзано срцебиење, беше делот кога Дариан одлучуваше да излезе од под маса. Несвесен за тврдата површина која му се наоѓа над главата, речиси секојпат се удираше при станување.
Пред неколку месеци, сестра ми го донесе Дариан со огромна џумка на главата. ‘Мислам дека сега ја научи финтата со исправувањето’ безволно ми објасни. После инцидентот, плачел со саати, нормално. Ама, тие солзи и таа болка за Дариан значеа лекција. После таа џумка, научи дека е потребно внимателно и полека да ја заобиколи ‘опасноста’ над својата глава. Да погледне нагоре, да се потсети на тоа колку болеше невниманието и колку го чинеше избрзувањето. Да се исправи, а потоа да ја продолжи својата безгрижна игра.
Дека само универзумот и човековата глупавост немаат крај сум помислувала и одново се уверувам безброј пати. Нејсе, одвреме-навреме, некој убав човек со позитивен гест успева да ме изненади и да ја реинкарнира мојата верба во добродушноста на луѓето.
За Втората светска војна имам апсорбирано информации со непресушна љубопитност. Секојпат кога ќе прочитам нешто поврзано со најголемиот воен судир на европска почва, ме облеваат силни емоции на огорченост и разочараност од човековата лакомост и пакост. До пред некој ден силно верував дека сме ја научиле лекцијата. Дека сме еволуирале во битија доволно напредни, еманципирани и умни, кои во никој случај не би дозволиле да се повтори таков хомицид.
Теоријата „Алчност наспроти незадоволство“ се однесува на двата основни аргументи кои ги издвојуваат научниците за вооружените конфликти при анализа на причините за започнување на граѓанска војна. Во книгата “Колиер-Хофлер модел на граѓанска војна“ Пол и Анке ги анализираат војната и бунтот низ призма на мотив и прилика, но се фокусираат на приликите (можностите), како одлучувачки фактор за бунтот. „Алчноста“ се однесува на идејата дека водителите во вооружените конфликти се мотивирани од желбата да ја подобрат економската ситуација и притоа вршат неформална анализа на трошоците и придобивките при испитувањето дали наградите од приклучувањето во бунт се поголеми од непридружувањето.
„Незадоволство“, пак, се однесува на идејата дека луѓето се бунтуваат поради прашања за идентитетот, како што се етничката припадност, религијата, општествената класа итн., наместо поради економијата. Во пракса, дури и оние кои силно веруваат дека војуваат заради една од овие причини, на крајот признаваат дека и спротивниот аргумент имал одредено влијание врз развојот на конфликтот. Колку ли тежат алчноста и незадоволството на оние кои свесно организираат воена инвазија врз луѓе чијшто мир ќе биде неправедно срушен?
Деновиве со ништо не успевам да ја вратам довербата во добрината на луѓето. Деновиве сум тивка. Не ми се зборува за случувањата во светот. Деновиве сум само… разочарана.
Го гледам внук ми, Дариан, дури спокојно спие покрај мене. Го замислувам плачот и немирот на секое детенце во земјата во која во 2022 година започна војна. Еден век по Првата светска војна. Во време кога човекот е доволно паметен да стигне до месечината, а меморијата му е покуса од иднината. Во дваесет и првиот век, и натаму државата е единствен облик на организирање што му дава сигурност на секое општество, на поединецот му нуди услови за личен развој, економска сигурност и безбедност. Каква плодотворност нуди постисториското уредување?! Зарем е во ред историјата да нѝ служи како крвава крпа од која го чистиме својот месарски нож?! Зарем ништо не научивме?!

Пред некое време Џабир ми напиша дека му е жал и е разочаран од она што неговата генерација ни го остава нам, на младите, во наследство. Размислував за тоа. Вистината е дека, по сè изгледа, без разлика на тоа колку жртви и колкави загуби се претрпеле, колку крв е пролеана и колку време поминало, катиљ луѓето живееле и ќе живеат. Без разлика на векот и лекциите од историјата. Тие опстануваат низ времето како плевел што никнува во тревата ненадејно. Како генетска болест којашто никогаш не замира, се пренесува од генерација во генерација, а се активира вонредно.
Фрустрирачки е што сме сведоци на воено насилство во 2022 година! Би сакала да живеам во свет во кој луѓето задолжително ја читаат книгата за Петар Пан и го гледаат филмот Шиндлеровата листа. Првото е за да се потсетат дека за да пораснеш до возраст на човек, мора да го зачуваш детето во себе. Второто е за да научат дека војната се случува кога човештвото потфрлило. Кога го нема детето во човека кое се сеќава што му ја направило џумката, тој ќе продолжи да ја удира својата глава. Дури не потече крв.







