Нема држава што успеала да се спаси од зголемувањето на цените на нафтените деривати, како последица на растот на цените на суровата нафта на светскиот пазар. Посебен проблем со државите во регионот е тоа што имаат скоро изедначени цени со развиените држави во Европа, во кои граѓаните имаат многу повисоки примања и животен стандард.
Цените на нафтата на светските берзи достигнаа највисоко ниво во последните три години како резултат на руската инвазија на Украина и санкциите кои Европа ги воведе кон Русија.
Свесни за последиците од целата енергетска криза што полека го зафаќа стариот континент, не можеме, а да не кренеме паника дека претстои огромен пад на светската економија. Нашата Влада веќе спреми пакет мерки што треба да се најде пред пратениците во Собранието. Тоа е пакет од 26 мерки за заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите, како и мерките за финансиска поддршка на деловните субјекти, цената на дизел горивото наместо 85,5 денари, колку што изнесува сега, ќе се намали за 10,5 денари и треба да изнесува 75 денари, додека бензинот наместо 91,5 денари ќе се намали околу 11,5 денари и треба да изнесува 80 денари.
Со намаленото ДДВ за нафтените деривати практично се намалува цената на енергенсите за граѓаните со што имаме заштита на животниот стандард од една страна, а од друга страна, преку мерката се зголемува ликвидноста и солвентноста на компаниите. Со намалувањето на акцизите се заштитува куповната моќ на потрошувачите, со директно влијание врз малопродажната цена на овие енергенси, и тоа за околу 1,2 денари, односно 2,3 денари, односно 4,7 денари, вклучувајќи го и ефектот од намален износ на ДДВ за износот на намалена акциза.
Да погледнеме една кратка хронологија. Највисоката цена на нафтените деривати во изминатата деценија била во 2012 година, поточно највисока цена на горивата била утврдена на 27 август 2012 година, кога цената на бензинот Еуросупер-98 била 88,50 денари, а Еуросупер-95 се точел денар и пол поевтино. Нафтата била со почетна цена од 73 денари за литар, иако тогаш не сме биле во светска економска и воена криза.
Во образложението на Регуаторна комисија од 27.08.2012 година се вели:
“Со оваа Одлука се врши зголемување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,45%, односно за 2,43% во однос на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати, утврдени согласно Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија од 13.08.2012 година. Просечната цена на сурова нафта на светскиот пазар во изминатиот 14-дневен период изнесуваше 115,471 $/барел и е за 5,07% повисока од просечната цена на сурова нафта (109,904 $/барел) по која беа формирани тековните цени на нафтените деривати”
Земајќи ја моменталната состојба на светската берза и гледајќи дека минатата недела цената на нафтените деривати беше 130$ по барел и правејќи ја споредбата со 2012 година, ќе забележиме дека цената на горивата е слична, иако цената на светската берза е драстично поголема сега во 2022 година.
Колку за споредба, цената на барел нафта од типот брент во август, 2012 беше од 105 до 115 долари (Доларот беше 0,79 евра), додека пак на почетокот на октомври 2021 година, нафтата од типот брент достигнаla 81,50 долари (доларот беше 0,87 евра).
Да потсетиме и дека во 2012 година минималната плата беше 8080 денари, а во 2022 е 18.000 денари.
Битно е да се спомене дека во наглото зголемување на горивата во 2012 година не биле преземени никакви мерки од тогашната влада. Тогашниот министер за финансии Зоран Ставревски го одбил барањето на опозиција да се намалат привремено акцизите на горивото, иако само една година пред ова нагло покачување и тоа во пресрет на тогашните избори со цени многу помали од овие, владата решила да ги намали акцизите на горивата без некои посебни објаснувања.
Бидејќи сѐ уште е непознато кога ќе заврши војната во Украина, а со сигурност се знае дека цените на нафтените деривати ќе пораснат уште повеќе, денеска, во нашиот законодавен дом беше пратена мерката која на вчерашната седница беше изгласана во владата – намалување на акцизата за горивата.
На прес конференцијата, при најавување на мерките, премиерот Димитар Ковачевски истакна:
Се наоѓаме во сериозна глобална економска криза. Влијанието врз нашите животи, врз нашиот стандард и економијата се големи, но како што реков, заеднички, ќе ги пребродиме. Животниот стандард, квалитетот на живот ни е приоритет. Стратегијата која ја поставивме и која и е преточена сега во овие 26 мерки и препораки, е целосно насочена кон користење на сите ресурси во поддршка на граѓаните и стопанството во време на криза.
Една од главните цели на мерките на Владата е спречуваме сериозен ценовен шок, и на основните прехранбени производи и на енергенсите.
Ве уверувам дека житни култури, храна, гориво и енергенси во стоковите резерви има доволно, граѓаните да не подлегнуваат на никакви шпекулации и да бидат смирени. Од сѐ има доволно, но предизвикот е друг, цените се енормно високи на сите светски берзи. И тоа е она со кое ние се справуваме денес, а ќе се справуваме и во наредниот период.
Во исто време, она што е важно да го знаат граѓаните, е дека буџетот е стабилен, ликвиден и во полна кондиција да ги финансира сите обврски во однос на програмите за финансиска поддршка на граѓаните и стопанството.”
Сепак, сѐ зависи од пратениците, така што надежите и очите на јавноста сега се насочени во нив, во очекување тие да го изгласаат овој пакет мерки, кои ќе им помогнат на граѓаните во овие моменти на економска криза.
Овие цени се можеби знак дека треба повеќе да се движиме на економски план, но важно е и еколошки да ѝ помогнеме на земјата. Штедењето и рационалното користење на енергенсите е она со кое сите ние заеднички ќе придонесеме за да го премостиме овој тежок период кој е пред нас.
В. Крстевски