пишува: БОРЧЕ БОКИ ТРАЈКОВСКИ
Во СЈО, освен убави и паметни девојки имаше и момчиња, млади симпатични, посебни па и “специјални“. После две години веќе можев да ги селектирам и класифицирам. Во моите белешки први обезбедија место „ебиветрите“ во две категории, стабилни и нестабилни, нафураните татини и мамини размазенковци, провинциски чалумџии кои првата плата ја земале овде и веруваа дека Господ го фатиле за брада и живееја во занес дека тоа е резултат на нивните дипломи, на нивното знаење, демек, на образованието, а поим немаа ни од животот ни од работата. Кај повеќето од нив исплива лажната самодоверба, провинцискиот чалум, инерцијата од домашното паразитско воспитување од типот „тато носи мама меси“, некоја чудна ама сериозна простачка самобендисаност со очигледен чалум го полнеа просторот во храмот на правдата. Додуша, во белешките не исклучувам ваков тип и кај девојките, па иако имав погдотвено повеќе портрети, решив да не ги објавам од причина дека се строги и секако субјективни, како што впрочем е и целава приказна, па ништо чудно да сум погрешил во некоја квалификација. Затоа во овој пасус ги сместувам сите на купче…
Имено, јасно беше дека овие млади и неискусни тука научија да копираат, да скенираат, да рециклираат, да испраќаат мејлови. Чиниш прв пат тука се соочија со опрема и технологија, а тоа по што ја одбележуваа атмосферата во СЈО беа неколку „значајни“ прашања: Што ќе појадуваме, пардон, ручаме, кога ќе пиеме кафе, види што си купив вчера, ај да тркнеме до „Рамстор“ или „Сити мол“, и слични ангажмани. Толку големо значение даваа на изборот на тоа што и кога ќе јадат, во кое друштво и на која локација, како ќе бидат облечени, нашминкани, намирисани, и оставаа впечаток дека тоа им е најкрупниот дострел од образованието кој секојдневно им создава „тешка“ задача која требаше да ја решаваат во најавторитетната институција во државата.
Неизживеани млади приправници, од кои, и да побараш да завршат некоја работа, ќе добиеш тапа. Плутана тапа. На многумина од овие не им прогнозирам светла иднина, освен, ако продолжат да ја градат на „авторитетите“ на родителите односно роднините кои ги донеле овде, кои им го трасирале и школото без образование и работата без напор и труд. Трутови, а со такви, ниту државата има иднина, ниту имаше СЈО.
Неколкумина, на двете раце можев да изборјам, девојки и момчиња, кои, знаеја да се позиционираат како, вредни, посветени, ангажирани, амбициозни, и она што беше најважно, да го презентираат своето знаење, како и подготвеноста да учат, сакаа да го споделуваат и постојано да се надградуваат, да се „печат“. Лошото влијание од многу поголемиот број класични паразити, со купени или протекционистички дипломи и без основно „знање и имање“, имаа лоша рефлексија кај онаа дузина здрави, вредни и прави. Земаа исти плати, некои од паразитите дури и поголеми од правите, а сиот период во СЈО го поминуваа на најлешперски начин, со препознатливо провинциско курчење, демек, има кој да им ја завршува работата, имам диплома кој те шиша, па копирањето и скенирањето на стручните паразитски соработници на обвинителите им беше врв на завршени дневни обврски, достигнување од кои „заболува глава“. Ебиго друже судија, млади магистри, доктори, дипломирани правници, празни со знаење и каква било подготвеност, интерес, за надградба преку вистинска работа, распоредени во совршена средина со одлични примања, а врвот на достигнувањата им беше оној „лежи лебу да те јадам!“. Имаше кој да ги заштитува, никој ништо не им можеше. Во сите „клубови“ или „лобија“ паразитите го играа истото оро во СЈО. И во гевгелиското, и во радовишкото, и во кочанското, а ороводци беа оние од кичевското. Од горе до доле…
Добро беше тоа што во секоја канцаларија имаше барем по една/еден до двајца максимум кои одлично си ја туркаа вистинската работа, а обвинителите во нив имаа прави соработници, помошници, познавачи на материјата…
Всушност, во СЈО, на клучните позиции, освен материјалното и финансиското работење кое беше покриено од професионалци од надвор, имаше поставено своевидни „ѕверови“ на занаетите, сериозни и посветени, па така, успеваше да ги покрие дупките од наездата на провинциските лешпери, замислени манекенки и манекени, мрачни типки и типови, кои, сабајле се мразат себе, попладне и себе и сите други. Например, најбогата со вредни и посветени беше канцаларијата на дамата каде се контролираа и проверуваа банкарските коресподенции и трансакции на апашите. Таа беше искусна и посветена, во чие одделение, од 10 или 12 вработени, имаше најмалку 6 кои знаеја што работат за да сработат. Кога ќе влезев таму немаше фолирања од типот дека некои девојки и момчиња зјапаат во екраните на компјутерите, глумат дека работат, а не работат, туку, шпартаат по соицијални мрежи за да убијат досада и време, како што воглавно се прожектираше сликата од други канцаларии. Таа со нејзиното искуство и знаење, како и сите оние кои беа посветени на работата таму, не треба да се грижат за иднината…
Во таканаречениот ИТ сектор, одлични познавачи, и заради тоа, тоа одделение, според мене беше најкомплетно во кадровска смисла на зборот. Момците имаа голема обврска на почетокот. Мораа да ги инсталираат, програмираат, средат, вклучат, и пуштат во работа компјутерските мрежи внатре, да обезбедат соодветен пристап до секој терминал според приоритетите на позициите на корисниците, да го штитат системот од хакерски напади од надвор и од внатре, да интервенираат брзо и ефикасно при секој појавен проблем. Успешно се справија со сите предизвици, и со право, поголемиот дел од понатамошното работење им беше насочен во инцидентна контрола на решавањето на проблемите. Не сакам никого да издвојам, сите, таму, покажаа знаење кое секогаш и секаде можат да го понудат. Не се штедеа и овде. Им симнувам капа на сите од овој сектор…
Во централната архива на СЈО, еден од најважните сегменти во ваква институција, беше вработена жена со долгогодишно искуство. Во таа канцаларија го трошев најголемиот дел од времето кога бев тука, и од страна почнав да ги надгледувам обврските ама и задачите на мојата вистинска шефица, како и големата одговорност во евидентирањето и сместувањето на секој поредмет, допис, одговор, покани, барања, обвиненија, истраги, белешки, на сé што влегува и излегува во и од куќата на правдата, а за секој одделно требаше да се внимава да биде уредно и навремено сместен во соодветен регистратор, папка, дневник, комјутерски фајл, за да може брзо и лесно да се има увид во евиденцијата, во датумите, во распоредот, во припадноста кој предмет, кое барање, која покана, која белешка на кој обвинител припаѓа. И тогаш тврдев и сега ќе потврдам, оваа дама со нејзиното искуство ја имаше добиено задачата со огромна одговорност. Функционираше совршено, до перфекција, од почеток до крај. Сериозна, правична, искрена, другарчина, посветена и одговорна. Строга во погледот, додека не се насмее. Другарка на шефицата, која, ако ѝ беше дозволен пристапот после првите две години, ако шефицата ги црпеше советите и искуствата од неа, СЈО ќе имаше сосема друг тек на настаните. Иако шефицата највеќе се задржуваше во муабети со неа, сепак, ја држеше дистанцата и не дозволуваше советодавен пристап од кој било, па и од најдобрата другарка. Штета…
СЈО имаше и две дами, девојки, за кои го одбрав терминот „пеперутки“. Млади, меки, плишани, насмеани, нежни, секогаш расположени, питоми, одлично воспитани, присни, пристапни без трошка сомнеж за лицемерие, тивки, вредни како мравки. Една Албанка една Македонка. Имаа задача да преведуваат. Има повеќе млади во СЈО, за кои ќе ми биде мака ако после сé што се случи не си го најдат соодветното место, а овие две го заслужуваат највисокото во нивната бранша, секаде и за секого…
Кај истражителите, сликата беше малку помека во однос на онаа кај стручните соработници на обвинителите, мислам на релацијата помеѓу правите наспроти „курајберите“. За нив не сакам многу да пишувам, затоа што ја почитувам конспиративноста во која одбрале да работат и живеат, а се вистински професионалци, прави момци и девојки. И не ги жалам заради фактот дека и кај нив се вгнездија тешки паразити. Тие, моите „ѕверови“ истражители, одлично знаеја како незабележано да ги ескивираат таквите колеги и колешки, за супериорно да ги завршуваат своите обврски без овие да забележат дека се игнорирани, тргнати на страна. А нивните обврски, всушност, беа „клучевите“ за отварања на најтешките врати во архивите каде беа сместени специфични информации, документи, докази и сведоци, челични порти на заглавени и блокирани институции, беа„“токмаци“ и „катерпилари“ за рушење на високите бедеми позади кои се сокриваа големите апаши, а при секоја акција да не кренат грам прашинка. Тие беа сржта за успехот на целата работа на обвинителите, па ако сакате и на институцијата. Без овие професионалци, не би можел да ја прогнозирам успешноста на СЈО. Затоа ги сместувам во оваа графа на уште еден одличен потег во изборот на кадри соработници во СЈО. Тие се оние кои секогаш и секаде треба да се гордеат од својата работа, од своите дела, без разлика на горчливиот епилог, епилог кој, верувам, најголемата лузна на разочараност ја има направено кај нив. Лесно ќе се препознаат. Ниту тие со сиот свој авторитет и сериозност можеа да имаат влијание кај шефицата за да променат некои состојби, да го вратат бродот во вистинскиот правец. Длабок наклон, драги мои “ѕверови“ од истражители.
(продолжува)
Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани.