Неосновани и неаргументирани се тврдењата на одредени пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои го спречија влегувањето на предлог-законот за контрола на опојни дроги и писхотропни супстанци во собраниска процедура, велат од здружението „Макканабис“ откако вчера власта и опозицијата жестоко се судрија околу носењето на овој закон, а ВМРО-ДПМНЕ побара тој да се одложи за после изборите, пренесува А1он.
„Несфатливо е како пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не ги гледаат придобивките од индустријата која на дневно ниво се развива во светот и добива се поширок размер во лекувањето на тешко излечивите заболувања каде класичната медицина не покажува големи резултати“, велат од „Макканабис“ и додаваат дека со недонесувањето на законските измени се создава ризик од затворање на една цела стопанска гранка и дава негативен сигнал за домашните и странски инвеститори.
Сосема спротивно на ставот на ВМРО-ДПМНЕ, тврдат од „Макканабис“, со законот ќе се воспостави целосна контрола над производството, злоупотребата и употребата за медицински цели на опојните дроги и психотропни супстанции, а со тоа и заштита на животот и здравјето на луѓето и ќе се овозможи домашните производители на канабис за медицински цели да го извезуваат својот производ на светските пазари.
Одбивањето на предлог законот за дроги од страна на ВМРО-ДПМНЕ е штетно за економијата, смета Дуковски.
Со законот се регулира и конопот, се регулираат многу други дејствија кои му даваат на министерот овластување да ги донесе и другите подзаконски акти кои се есенцијално битни за да се види бенефитот од оваа индустрија. Штетно е ако не се донесе овој закон, вели Костадин Дуковски од Макканабис за Утрински Брифинг.