Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Андреј Жерновски, на денешната прес-конференција упати остри критики кон Владата и министерот Тимчо Муцунски, обвинувајќи го за ширење лаги и самодемантирање во врска со евроинтеграцискиот процес, како и за упатување закани кон опозицијата и граѓаните.
Според Жерновски, Муцунски е „фатен во лага“ откако пред десетина дена (на 3 август) во медиумите изјавувал дека се водат „разговори под радарот за деблокада на ЕУ интеграциите“, за сега самиот да се демантира и да го обвини СДСМ дека лаже.
„Ја објавуваат новата фаза во ВМРО, а новата фаза е откако редовно нè демантираат нас, сега почнаа самите себе да се демантираат. После 10 дена му текна да се демантира самиот себе. Значи не се работи за никакво премолчување, Муцунски едноставно е фатен во лага“, истакна Жерновски.
Тој додаде дека Владата, во отсуство на реални резултати и аргументи, се служи со закани и обиди за замолчување на критиката. Жерновски посочи дека кога опозицијата алармирала за кризата со водата во Гостивар и доцнењето на институциите со реакцијата за западнонилската треска, власта одговорила со закани кон слободата на говорот.
Воедно, тој потсети и на настапите на премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за нарачување процеси против опозицијата од собраниската говорница и навредување на народот со зборот „талог“.
„Сакам да им порачам – немаат аргументи, немаат резултати, немаат одговор на ниту едно прашање. Има само афери и лаги. Зарем сметаат дека нас во СДСМ ќе нè заплашат со вакви закани? Народот веќе не им верува и ќе одговараат за сите лаги и афери“, заклучи Жерновски.






