Годината стартуваше со формирање на техничка влада како резултат на закажаните предвремени парламентарни избори за 12 април 2020, а според Пржинскиот договор.
Ова се втори предвремени парламентарни избори, по Пржинскиот договор, а овој состав на техничката влада од првиот ден офанзивно тргна кон дискредитирање на досегашната работа на Владата, предводена од Зоран Заев.
ЦИВИЛ Медиа на темата разговараше со Џевдет Хајредини, кој даде свој осврт на она што може да очекуваме во следниот период од овој состав на Владата и како тоа ќе влијае на изборите.
„Првите знаци од нивното однесување по преземање на должноста ни зборуваат за нешто крајно чудно, несфатливо и без преседан. Помниме која е интенцијата, целите и задачите и делокругот на овие таканаречени технички влади за да функционираат претходните 100 дена од денот на изборите. Од искуството што го имаме, ваквото однесување кога ситуацијата беше обратна, кога на власт беа ВМРО-ДПМНЕ, а техничката ја формираше СДСМ, немаше вакво однесување. Однапред може да се открие нивната намера. Не им е целта фер и демократски избори и да нема злоупотреби на изборниот процес. Министри и заменици министри при прво влегување во канцелариите веднаш пред јавноста да се појават со информации дека откриле големи криминали, тоа е крајно несфатливо. Од првиот ден имаа цел да започне предизборната кампања во корист на партијата што ја претставуваат. Вниманието на јавноста да се сврти околу криминалите. СДСМ во тоа време (2016), дојдоа откако цел свет и цела Европа се изначуди зошто Македонија дојде до Пржино. Поради откриен масовен криминал. Нивните технички министри и заменици министри не излегоа од првиот ден со такви откритија иако беа познати и аудио снимките и тајното снимање…
Овие сегашниве од ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат како досега во континуитет тие да имале инсталирани информатори во министерствата, што снимале и бележеле и од првиот ден на техничка влада им презентирале на новите министри од опозицијата. Тоа се луѓе што останаа од порано пред промената на власта. Оваа можност не ја исклучувам, затоа што се знаат забелешките кон оваа влада на Заев, дека не изврши никакво чистење на државната администрација од потенцијалните противници. Ова се прави премногу наивно. Не работат тоа што им е работа, туку спроведуваат конкретни задачи – јавноста да ја бомбардираат со наводни спектакуларни негативни однесувања на претходната влада. Мислам дека нивната улога е веќе компромитирана. Од нив државата не треба да очекува никаква помош и придонес, тие немаат намера да придонесат за објективни и демократски избори.
Од овие избори независно од епилогот не треба да се очекува никаква стабилизација на политичката состојба во Македонија. Премногу се ВМРО –ДПМНЕ и ДУИ оптоварени да не дојде до ситуација на некои коренити промени во структурата на правосудството за да сите тие што се обидуваат сега да се покријат со скандалот со Рекет, да се расчисти со судиите кои служеле и уште служат на ВМРО и на ДУИ, останат безбедни, инаку во спротивно ќе завршат во затвор. Нема да им биде лесно на албанските опозициски партии да се соочат на изборите со противник која ако не е на власт се знае дека треба да биде во затвор.
Оваа ситуација ги прави неизвесни изборите и периодот по изборите. Тие очекуваат, по секоја цена, да не дојде до повторно актуелизирање на сите криминали што ги правеле па сакаат сите тие предмети што веќе биле во СЈО сите да се поништат. Доколку дојде до тоа може да очекуваме повторно вклучување на странскиот фактор во нивно решавање, како што беше во 2015 година“, објасни Хајредини.
Б. Јордановска/ЦИВИЛ Медиа