пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Ги видов бројките од пописот, ги слушнав хистерично-националистичките коментари од типот „Албанците ќе ја водат државата, а ние Македонците сме неважни“, па сосема спонтано ми текна на Едмонд Бурк: „Луѓето не ги поврзува хартија и печат. Тие се здружуваат по сличноста, согласноста и наклонетоста. За нациите важи истото кое важи и за луѓето“.
Резултатите од вечерашниот попис се очекувани. Се знаеше дека Македонците ќе бидат во помал број од очекуваниот, а Албанците ќе бидат повеќе од пописот во 2002 кој изнесува 20%. Или во пластичен превод, на пописот од 2021 година, Македонците се 58%, а Албанците 29%.
На што се должат ваквите резултати ако на памет ја имаме дефиницијата на Едмонт Бурк: на тоа што Левица, ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити не се задоволни со бројката на Албанците која изнесува 29% (што значи дека не се наклонети кон Албанците), а не се задоволни ниту од бројката на Македонците која изнаесува 58% (кон нив се наклонети а и од нив се збунети, веројатно очекуваа преку 80% Македонци, иако тоа беше невозможно затоа што направија сè луѓето да се одвратат од попишување).
Практично, шокирани се од бројката на Албанците што за нив претставува идентитетско загрозување на „македонштината“, односно ќе продолжат со својата мантра дека и на овој попис се продолжува идентитетски инжинеринг на Македонецот што во основа, се разбира, е тешка глупост.
Што сака Мицкоски и Левица? Треба да се направи нов попис, така што според нив резултатите да излезат во корист на Македонците кои се 80%, а бројот на Албанците да биде помал од 20%. Ако до сега не беше време за иронија, сега е вистинско време за тоа.
Мицкоски и Левица направија сè за да ги оттргнат граѓаните да се изјаснат за пописот, па сосема предвидливо беше дека ќе оттргнат голема бројка. Според информациите од Државниот завод за статистика, на пописот не се изјасниле преку 132.000 граѓани: целта на Мицкоски и Левица е постигната.
Ги оттргнаа луѓето од пописот, а денес се бунат зошто Албанците се 29%, и тука влегуваме во националистичка кавга во која јас не сакам да учествувам. Поточно, не сакам да учествувам во нивниот идентитетски инжинеринг, туку сакам таа колосална лага да ја растурам.
Имено, додека пописот во секоја земја е помалку-или-повеќе статистичко собирање на разни типови податоци за граѓаните, овде пописот претставува круциално прашање за опастанок и егзистенција, односно од она „разнородно“ битен е само последниот дел – „родното“ (односно етничкото). Во тоа „родно“ – вресокот на опозицијата е дека македонците се само 58%.
Целиот попис, за волја на вистината, прв пат во овие 30 години се случи со меѓународен мониторинг, а негаторските националистички гласови се тие кои велат: „СДСМ го менува етничкиот состав на земјата“, што претставува комплетна будалштина.
Не, СДСМ не се ја менува етничката карта, туку намерно Мицкоски и Апасиев ги оттргнаа своите гласачи да не се попишат, за во таа констелација Албанците да си излезат, да се попишат, и со тоа да бидат онолку колку што излегоа дека се. Така што, ако некој ја менува етничката карта, тоа е ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Од друга страна, овие две партии инсистираат на етничка Македонија, а не на карактерот на мултикултуралноста на нашето општество. Оти, знаете како, Албанците излегуваат, и добро е што излегуваат; не излегува само „патриотскиот“ блок и радикалниот лев-десен Апасиев, сите други излегоа на пописот.
Оттука доаѓаат и пораките: „Не е повеќе исто – Албанец е Албанец“, или „Ете, сега ќе ни земат уште повеќе, а ние сè им дадовме“.
На крај, не може никој да ме убеди во спротивното: Мицкоски ќе запослува партиски луѓе во Општините и ќе го форсира наративот од пописот. Ќе инситира цело време контра Албанците (односно против СДСМ и ДУИ), така очигледно, надевајќи се дека ќе ја преземе државата во 2024 година со неговите денешни коалициони партнери направени од сешто: радикални левичари, радикални десничари до фашисти, по тој редослед.
Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани