пишува: САШО ОРДАНОСКИ
После секоја објавена анкета на јавното мислење со години наназад во кои се мери кој за која партија би гласал и колкави се рејтинзите на политичарите, може да се констатира истото: општите рејтинзи се толку мали, што би требало многу да ги загрижи сите оние кои се занимаваат со политика во државава.
Така е и со, деновиве, објавените резултати на ИПСОС (анкета направена по нарачка на најголемата опозициска партија), според кои, доколку утре би се одржале предвремени парламентарни избори во Македонија, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 18,2% од анкетираните, за СДСМ 9,5%, за ДУИ 4,1%, за Левица 4% итн. И тоа беа главните, а и единствени наслови во апсолутно сите медиуми објавени по повод оваа вест.
А, всушност, вистинската вест и од ова истражување е податокот дека речиси 60% од анкетираните, вака или онака – неодлучни, одбиваат да одговорат, нема да гласаат, други – не би гласале за никого од актуелната понуда на партискиот пазар во државава!
Оваа очигледна политичка трагедија од епохални размери се потврдува и со објавените податоци во истото истражување за рејтингот на нашите партиски првенци: Мицкоски има дури 9% поддршка во јавноста, со „убедливо“ водство пред Пендаровски кој добил 6% и Ковачевски со само 4%… Па, барем еден да имаше макар двоцифрена поддршка од потенцијалните гласачи.
Што има тука за славење и опозициски триумф, ви се молам?! Или за лутење и обвинувања (како што експресно реагираше СДСМ) дека анкетата била „лажна“ и дека „не може да ги скрие неработењето и криминалот на ВМРО-ДПМНЕ“?! Тажно.
Всушност, и од ова истражување се гледа дека двајца од тројца гласачи во државава или се тотално незаинтересирани за учество во демократскиот изборен политички систем со постојната понуда на политички актери; или само чекаат да се појави некој нов субјект, со нови предводници коишто, можеби, би го привлекле нивното внимание. Но, каква би требало да биде таа нова понуда?
Да речеме, земете ги двете најчесто наведувани теми кои се однесуваат на довербата во правосудството (што го симболизира поапстрактниот поим за состојбата со правдата во општеството) и борбата против криминалот и корупцијата (што е поврзано со јавното чувство за функционирањето на институциите, редот и казнивоста за злоупотребата на моќта во општеството, што повторно води до концептот за дистрибуцијата на правдата). За тие две теми, од повеќе претходни истражувања на јавното мислење може да се заклучи дека јавноста е одамна уморна од бесконечните „реформи“ кои со децении (!) не даваат очекуван резултат. Јавноста сака реформски пристап што ќе даде опипливи резултати.
Прво што паѓа на ум е дека ова може да значи присакување на брзи, револуционерни, старо-нови популистички ветувања („ќе апсиме“, „кадровски метли“, „ќе сечеме раце“ итн.). Но, што ако некој „нов“ понуди – колку за илустрација – радикално нов начин на избор на републичкиот јавен обвинител, па наместо низ партиските „домунѓавања“ во Собранието и пресликаните партиски пазарења во Советот на јавни обвинители, да предложи шефот на сите обвинители да се бира на општи избори во обвинителската или, можеби, дури и во целата правосудна фела (да, да, за него/неа, во одреден ден, да гласаат и обвинители и судии и адвокати и нотари и правобранители…)? И истото тоа да важи и за другите 10-15 (колку и да се) врвни функции во системот на правосудството?
Тоа не значи да се намалат критериумите за потребните квалификации на кандидатите, туку радикално, на самиот „извор“ да се спречи рак-раната во нашето правосудство: партиската „монтажа“ во тие избори, со сите познати последици во делењето на правдата во децениите зад нас.
Па, после да видите што значи вистинска Трета власт и владеење на правото – „ни по баби, ни по стричевима“ – во државата. Ваквите поинаку изведени избори во правосудниот систем не мора да бидат гаранција дека работите ќе се променат преку ноќ, но сигурно драстично ќе се придвижат од „мртвото (партиско) море“ во кое сите се давиме со децении, без разлика кој е на власт, а кој во опозиција. Од овие кои имаат депресивни едноцифрени рејтинзи во партиските анкети.
Што мислите, како на ваков предизборен предлог за вистинска, демократска реформа во правосудството би реагирале гласачите во анкетните истражувања? Ама, во тековните партиски анкети никој не сака да постави прашање што би алудирало на развластување на моќта на партиите во општеството. Не се будали, кога мислат дека и понатаму можат да си владеат со петнаесетина проценти поддршка од една третина од оние што би гласале. Мераци.