Вицепремиерт за економски прашања Фатмир Битиќи во интервју за ФРОНТЛАЈН, вели дека за зголемување на платите во образованието треба да се преговара, како што тоа беше кога се договараше покачувањето на минималната плата, а не СОНК да настапува со уцени.
Во врска со ковид и енергетската криза, Битиќи во интервјуто нагласува дека треба да се има предвид дека од почетокот на кризата пред две години, вклучително и со енергетката криза, Владата има потрошено 1,7 милијарди евра за да им помогнеме на граѓаните и на стопанството. Само последнава енергетска криза нè чини над 615 милиони евра, вели Битиќи.
Тој потенцира дека стопанството и граѓаните можат да бидат мирни и да не се грижат, зашто за прв пат гледано долгорочно, имаме резервирано капацитети на гас за наредните 15 години, почнувајќи од 2024 година.
За проектите во инфраструктурата, Битиќи истакнува дека динамиката на реализација се одвива со интензивно ниво. За Коридорот 8 во патната инфраструктура, вели е во завршна фаза и во наредните 4 години ќе биде еден од најкрупните капитални инвестиции што некогаш воопшто е направена во државата.
За жал, гледаме како една страна настапува со уцени, само неколку дена по изгласувањето на минималната плата
„Покачувањето на минималната плата е успех постигнат со преговори и јас сакам да го истакнам тоа, затоа што нашето општество не е научено на преговори. Не е научено исходот на преговорите да биде задоволувачки за двете страни. Затоа сметем дека тоа беше исчекор и тоа не треба да се занемари“, вели Битиќи.
Вицепремиерот потсетува дека истиот принцип треба да се примени сега со СОНК.
„За жал, сега гледаме како една страна веднаш, само неколку дена по изгласувањето на минималната плата настапува со други уцени, дека токму денеска треба да се усогласиме со зголемување на платите. Ние се согласуваме, да, усогласување ќе има кога заеднички на преговарачка маса сите чинители ќе кажат дека треба да има усогласување“ рече Битиќи.
Во кризно време, со кризни мерки потрошивме 1,7 милиарди евра за граѓаните
„Во кризно време мораш кризно да се однесуваш. Ние трета година како влегуваме во различни кризи. Но треба да се има предвид дека од почетокот на кризата пред две години, вклучително и со енергетката криза, ние имаме потрошено 1,7 милијарди евра за да им помогнеме на граѓаните и на стопанството. Само последнава енергетска криза нè чини над 615 милиони евра. И тоа луѓето треба да го знаат. Но луѓето се склони понекогаш да забораваат или да велат да, тоа им е работа. И тоа е точно. Но сепак да потсетам на времето кога ги носевме антикризните мерки, 700.000 наши сограѓани добија ваучери. Но, како сите да го заборавија тоа. А некој тогаш велеше тоа било поткуп. Па ако со тоа поткупивме 700 илјади граѓани ние сега ќе имавме 700.000 гласови. Ама ги немаме. Значи, не било поткуп. Парите отишле кај луѓето кои навистина заслужувале во тој временски период да ги имаат“ вели Битиќи.
Граѓаните и стопанството да бидат мирни, гас имаме за наредните 15 години
Гoворејќи за енергетската криза вицепремиерот Битиќи, вели дека Северна Македонија целосно се посветува на транзиција кон зелената енергија.
„Во овој момент ги финализираме договорите со германскиот инвеститор за ветерниците во вредност од 500 милиони евра, со францускиот инвеститор Акио од приближно 400 милиони евра за фотоволтаична централа, се преговара за една голема гасна централа во близина на Скопје и се работи на целосна транзиција на РЕК Битола од јаглен на гас. Исто така пред три недели потпишавме договор за нашето учество во Александрополис терминалот во кој стануваме сопственици на десет проценти на гасниот терминал, но од друга страна, преговараме за наше учество во гасната централа за производство на електрична енергија од 25 проценти. Со малку пари стануваме сопственици на геостратешки капацитети. И за прв пат сега објавувам дека имаме резервирано капацитети на гас за наредните 15 години, почнувајќи од 2024 година. Значи стопанството и граѓаните можат да бидат мирни и да не се грижат во наредните 15 години. Тоа никогаш ниедна Влада го нема направено“ изјави Битиќи.
Коридорот 8 во патната инфраструктура е во завршна фаза и ќе биде еден од најкрупните капитални инвестиции која некогаш воопшто е направена во државата
„Во овој момент планот за Коридорот 8 во патната инфраструктура е во завршна фаза и во наредните 4 години ќе биде еден од најкрупните капитални инвестиции која некогаш воопшто е направена во државата, затоа што сметаме дека ќе го затвориме целиот круг на коридори: Коридорот 10 и Коридорот 8. Во завршна фаза сме и со Коридорот 8 во железницата кон Бугарија а во септември да го прогласиме тендерот за фазата три. Сите овие заедно се инвестиции вредни над 2 милијарди и би требало до крајот на годината сите да бидат активни, да се градат“, истакнува Вицепремиерот.
Тој нагласува дека работите на регионалните и локалните патишта непречено се одвиваат. Дури и динамиката со која се одвиваат е значително поголема. Издвојува дека Коридорот 8 – автопатот Кичево- Охрид, ќе продолжи со навистина експанзија затоа што сите пречки што ги имавме се отстранети. Одобривме 39 пренамени на земјиште што се услов за да има фронт за работа, истакна Битиќи.
Сулудо е сечење ленти кога луѓето сè уште немаат вода за пиење, канализација и кога возат по лоши патишта.
„За жал дали поради одредени уредувачки политики или затоа што луѓето се склони да сакаат да видат тоа што се навикнале да го гледаат изминатите 15 години па по шест пати да сечеш лента за иста работа, ние не сме такви. Јас мислам дека е сулудо сечење ленти кога луѓето сè уште немаат вода за пиење, канализација и кога возат по лоши патишта“, потенцира вицепремиерот Битиќи во интервјуто за ФРОНТЛАЈН.
Љубиша Николовски
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Биљана Јордановска