Претседателот на Странка на демократска акција на Македонија (СДА) Џелал Хоџиќ, како и поранешниот претседател, а сегашен советник во партијата, Авдија Пепиќ, ја посетија Амбасадата на Украина и остварија средба со Амбасадорката, Н.Е Наталија Задорожњук.
Посетата имаше за цел да се изрази јасна поддршка и солидарност со Украина и украинскиот народ. Хоџиќ и Пепиќ остро ја осудија руската агресија, нејзините злосторства на територијата на Украина, убиствата на цивили, а исто така изразија солидарност со народот на Украина во име на целата бошњачка заедница во Северна Македонија. „Бошњачкиот народ, кој го преживеа геноцидот во Сребреница, длабоко ја чувствува болката на Украинците“, истакна претседателот на СДА, Џелал Хоџиќ
Амбасадорката Наталија Задорожњук изрази благодарност за посетата, како и за поддршката и солидарноста од Странка на демократска акција на Македонија. Истакна дека на Украина и значи поддршката од цивилизираниот и демократски свет.
„Тешко ни е, но ќе победиме, бидејќи ние сме на наша територија, се бориме за правото да имаме сопствена земја, за иднината на нашите деца. И ние сме ѝм благодарни на сите што нѝ помагаат, бидејќи Украина се бори за слободата на Европа“- изјави Амбасадорката Наталија Задорожњук.
Украинскиот народ херојски ја брани својата држава, но ги брани и цивилизациските вредности важни за демократскиот свет.







