На три локации во Охрид, во авто кампот „Градиште“, кај Музејот на вода и кај градското пристаниште, денеска се одржа меѓународната еколошката акција за чистење на Охридското езеро, „Охрид еко 2022“. Отпадот од дното на Охридското езеро, во организација на нуркачкиот центар Амфора“, го чистеа околу 80 нуркачи од земјава и странство. Настанот го поддржа Општина Охрид, а градоначалникот Кирил Пецаков упати благодарност до организаторите и до сите нуркачи кои се вклучија во еко-акцијата.
„Охридското Езеро е нашиот скапоцен бисер, нашата најголема гордост. Имаме привилегија да поседуваме една ваква уникатна убавина која е препознаена и запишана како светско природно наследство и затоа треба да вложиме максимални напори за да ја сочуваме за идните генерации. Недозволиво е кон овој прекрасен езерски басен, за кој научниците тврдат дека е стар околу три милиони години и во кој живеат ендемични видови на растителен и животински свет, да се исфрла најразличен отпад“, рече градоначалникот Пецаков.
Тој истакна дека потребно е да се организираат многу повеќе вакви акции, кои можат да придонесат за подигање еколошката свест кај населението за поголема грижа за Охридското Езеро и околината која го опкружува.
Претседателот на „Амфора” Јован Секулоски истакна дека најмногу отпад во езерото се собира каде на туристичките локации.
„Има секаков вид цврст отпад, градежен шут, лименки, метални предмети и пластика. Најмногу е загадено кај градското пристаниште, но и сите места каде што се најчесто престојуваат туристи, вели Секулоски.
Утре, за сите учесници во еколошката акција центарот „Амфора“ ќе организира нуркање на подводниот археолошки локалитет „Плоча Миќов град“./МЕТА/