Бугарските влади во последните десет години направиja бугарофобијата во Република Северна Македонија десеткратно да се зголеми, смета бугарскиот професор Александар Ќосев, предавач по модерна културна историја на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, чии корени се од Дојран, пренесе БТА.
Според него, треба да гледаме на малите работи што нè обединуваат, а не на оние што нè разделуваат.
Ова го истакна професорот Ќосев на видеоконференција на платформата „Зум“ на која беа претставени новиот Клуб за бугарско-македонско пријателство и Повелбата за негово формирање.
Еден од основачите на Клубот, Атанас Шарков, на прес-конференцијата најави дека во рамките на Клубот ќе бидат формирани работни групи од експерти и професионалци во различни области – култура, образование, наука, кибербезбедност, заштита и борба против дезинформации, граѓанско општество и економија.
„Ќе се формира и историска комисија во сенка меѓу историчарите од двете страни“, рече Шарков.
Меѓу основачите на Клубот се и писателите Алек Попов и Чавдар Ценов, универзитетските професори Ивајло Дичев и Маја Грекова, новинарите Бојко Станкушев, Иво Беров и Димитар Кенаров, експертот за одбрана Велизар Шаламанов, економистите Красен Станчев, Тевелиева Маевлева, Драган Зајковски, како и поранешните македонски премиери Љубчо Георгиевски и Владо Бучковски.
Извор: 360 степени