Денес, на повеќе локации низ Скопје, беа поставени макети на мобилни телефони на чии екрани се претставени некои од најмногу употребуваните дезинформации во нашите интернет портали и преку социјалните мрежи. На истите, во продолжение се напишани и народни поговорки чија цел е да ја посочат штетноста и неморланоста на лажењето. Ако земеме предвид дека дефиницијата на дезинформациите е – Пропагандистичко намерно ширење на лажни информации кои имаат за цел да ги збунат и погрешно да ги наведат луѓето, тогаш сосема е логична употребата на народните поговорки посветени на лагата, во борбата против дезинформациите.
Авторите на инсталациите го вртат вниманието на јавноста на некои од најзлонамерните дезинформации кои во последните години се шират во нашата јавност. „АСНОМ е избришан од Уставот“ е дезинформацијата која се шири преку јавни изјави и социјалните мрежи, а, потоа народната мудрост предупредува: „Отвори си ги очите: Ако мижиш, ќе те лажат!“ На друг екран често употребуваната дезинформација поврзана со Договорот од Преспа – „Со договорот од Преспа станавме Северномакедонци“ која има за цел да задре длабоко во националниот идентите на Македонците, со тоа предизвикувајќи сериозни последици, е соочена со поговорката: „На лагата и се куси нозете, а долги опашките!“
Освен, дезинформациите кои се директно посветени на намерно и злонамерно ширење лаги поврзани со национални прашања, како што е дезинформацијата дека во Македонија ќе се градат огромни кампови за долгорочно сместување (населување) на мигранти во земјата, авторите на овие инсталации, предупредуваат и на стотиците лажни објави на социјалните мрежи кои ветуваат „магично“ решение на проблемите кои ги имаат луѓето, најчесто за одредена сума на пари.
Во оваа акција не е изоставена и светската безбедносна криза која настана со суровата агресија на Русија врз Украина. Експертите од земјите на НАТО и ЕУ подолго време предупредуваат на систематското ширење на дезинформации кои имаат за цел да ја оправдаат неиспровоцираната инвзија на Русија врз Украина. Таканаречената „денацификација“ на Украина (земја чиј претседател има еврејско потекло и огромен дел од неговите предци завршиле како жртви во Холокаустот) е само смислено ширење на безобразна и нечовечка лага која треба да обезбеди идеолошко оправдување на инвазијата, разрушувањата и илјадниците жртви и ранети. За оваа сурова лага, контратежа прави поговорката која, во овие времиња на масовни медиуми, нерегулирани интернет портали и различни социјални мрежи мора да ни биде постојано на ум кога ќе видиме некоја вест, или нечиј статус на интернет кои не можат да бидат потврдени од други извори, а предизвикуваат страв, омраза, или недоверба: Отвори си ги очите: Ако мижиш, ќе те лажат!
Д. Е.