Откако Шведска и Финска и официјално ги доставија апликациите за членство во НАТО до генералниот секретар Јенс Столтенберг, стигнаа силни најави дека Турција ќе го блокира почетокот на пристапните преговори со двете нордиски држави.
Неименуван претставник на НАТО за германската новинска агенција ДПА изјави дека Турција ги блокираше пристапните преговори на Финска и на Шведска за членство во Северноатлантската алијанса. Поради тоа Северноатлантскиот совет, раководното тело на НАТО, не можеше да донесе одлуката, како што беше планирано, за отпочнување на процесот на пристапување. Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека Анкара не може да прифати проширување на Алијансата, а да ја загрози безбедноста на Турција. Тој ги обвинува Шведска и Финска за нивната поддршка на забранетата Курдистанска работничка партија и курдската милиција Единици за народна одбрана во Сирија..
Кои всушност се барањата на турскиот претседател Ердоган и што сака Турција да постигне со блокадата на Финска и Шведска во НАТО?
После овие закани дека Турција ќе ги блокира кандидатурите за влез во НАТО на Шведска и Финска по руската инвазија на Украина, тројца високи турски функционери кои инсистирале да останат анонимни, за Блумберг брифирале за тоа – што всушност нивната влада сака да постигне со поставување на толку високи влогови.
Еве резиме на она што тие имаа да кажат.
Курдското прашање
Анкара првенствено инсистира сите нови кандидати за влез во НАТО да ја препознаат турската загриженост за курдските милиции, и во Турција и надвор од нејзините граници – во Сирија и Ирак.
Ова беше главниот извор на тензии во алијансата, бидејќи додека сите членки на НАТО ја сметаат Курдистанската работничка партија (ПКК) за терористичка организација во Турција, многумина го поддржаа, па дури и го вооружија нејзиниот сириски огранок (ЈПГ) во борбата против Исламската држава.
Турција бара Шведска и Финска јавно да ја осудат не само ПКК, туку и нејзините филијали, пред Анкара да им даде зелено светло да се приклучат на воената алијанса. Турските власти велат дека етикетирањето на ПКК како терористичка организација не е доволно – скандинавските апликанти треба да сторат повеќе за да ги сузбијат симпатизерите на ПКК, за кои Турција тврди дека се активни во нивните земји.
Јакнењето на НАТО
Алијансата би имала поголема контрола врз Балтичкото Море доколку се приклучат Шведска и Финска.
Проблемот со извозот на оружје
Анкара, исто така, сака Шведска и Финска да ги укинат ограничувањата за извоз на оружје наметнати на Турција, заедно со неколку други членки на ЕУ, по нејзиниот упад во Сирија во 2019 година за да ја истиснат ЈПГ од границата, велат официјалните лица.
Иако трговијата со оружје на Турција со двете земји е занемарлива и Анкара не сака да преговара за големи набавки на одбранбена опрема со нив, официјалните лица велат дека нивната земја нема да прифати проширување на воената алијанса во земјите што ги блокираат договорите за оружје. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу го објави ова јавно, велејќи дека таквите ограничувања се „против духот“ на алијансата.
Грешки од минатото. Искуството со Грција
Турција го прифати враќањето на Грција во НАТО во 80-тите години од минатиот век, откако двете земји водеа војна во 1974 година за Кипар. Турција не сака да го повтори она што официјалните лица велат дека сега се смета за грешка во Анкара.
Атина и нејзините сојузници во Кипар подоцна се појавија како клучни пречки што ја блокираа кандидатурата на Турција за ЕУ, го отфрлија и гласањето од Обединетите нации за планот за повторно обединување на Кипар, а вклучени се и во бројни територијални спорови со Турција за делови од Егејското Море и Медитеранот.
Поучена од таа лекција со Грција, официјални лица велат дека не би било паметно да се очекува од Турција да го промени правецот и да се согласи за членство на Шведска и Финска во НАТО, освен ако прво не се решат споровите и двете земји не се обврзат јавно да се солидаризираат со Турција против курдските групи.
Други барања на Турција
Иако официјалните лица велат дека Турција не сака да се пазари за теми кои не се однесуваат на позициите на Финска и Шведска за курдското прашање, споровите меѓу Анкара и НАТО се длабоки, а список со желби на Турција е долг.
Турција сака повторно да се приклучи на програмата на најсовремените американски борбени авиони од петтата генерација Ф-35, од кои беше исфрлена откако купи моќни системи за противракетна одбрана С-400 од Русија. Покрај тоа, Анкара има барање да купат од САД десетици воени авиони Ф-16 и комплети за да ја надградат својата постојна флота. Покрај тоа, Турција сака САД да ги укинат санкциите поради купувањето на системот С-400.
Користењето на сопствената улога кога станува збор за проширувањето на НАТО за да се постигне некоја од овие цели ќе биде голем предизвик. Но, Турција покажа дека е подготвена да оди далеку, дури и да претрпи штета на својата економија, на пример поради неодамнешните геополитички спорови околу притворениот американски свештеник, договорот со Русија за противракетен одбранбен систем, или воените кампањи против Курдите. Сето ова е доказ дека Турција нема лесно да се откажи од своите барања.
Пријателските односи на Ердоган и Путин и изборите во Турција
Официјалните лица ја отфрлија идејата дека противењето на Турција за влезот на Шведска и Финска во НАТО има некаква врска со нејзините врски со Русија или пријателските односи на претседателот Реџеп Таип Ердоган со рускиот претседател Владимир Путин.
Турција бара модел на позиционирање во средина кога станува збор за војната во Украина, бидејќи се обидува да ги балансира односите со Москва, што е клучно за заштита на турските сили стационирани во Сирија, но од друга страна балансира и со Украина, на која Турција ѝ испорачува вооружени беспилотни летала што украинската војска ги користи за да се бори против руските сили
Тие, исто така, негираат дека целата ситуација во НАТО е поврзана со внатрешни политички прашања, отфрлајќи ги шпекулациите дека подигањето на курдското прашање на глобално ниво треба Ердоган да го искористи за да ја консолидира поддршката меѓу националистичките политички елементи пред изборите следната година.
Турција, посочуваат официјалните лица, води надворешна политика во согласност со сопствените национални интереси и би се согласила на проширување на НАТО доколку соодветно се земе предвид загриженоста што Турција ја изрази во однос на двете скандинавски земји.
Одговорот од Финска и Шведска
Финскиот претседател Саули Ниинисто, кој денеска (четврток 19.5.2022 г.) отпатува за Вашингтон со шведската премиерка Магдалена Андерсон, рече дека е оптимист и дека за позицијата на Турција може да се разговара, без да спомене ниту едно од конкретните барања на Анкара.
Финскиот министер за надворешни работи Пека Хаависто, во интервју за „YLE TV1“, рече дека неговата влада е во секојдневен контакт со турските дипломати. Но, тој го заобиколи прашањето за ЈПГ, велејќи дека ако Турција е загрижена за ПКК, таа организација е наведена како терористичка организација и е забранета во Финска.
Финскиот и шведскиот амбасадор во средата (18.5.2022 г.) и официјално ги доставија апликациите за членство во НАТО до генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. Прифаќајќи ги апликациите во седиштето на НАТО, Столтенберг изјави дека потегот е „историски чекор“ во „критичен момент“ за европската безбедност. Шефот на НАТО истакна дека Алијансата ќе ја процени кандидатурата за членство што е можно побрзо, но безбедносните интереси на сите сојузници „мора да се земат предвид“.
Подготви: Ј. Ѓорѓиоски