Европската Комисија од блиску ја следи ситуацијата и е во постојан контакт со здравствените власти во ЕУ околу појавата на мајмунски сипаници на европскиот континент, јави дописничката на МИА од Брисел.
Повеќе земји членки на ЕУ пријавија појава на оваа ретка форма на сипаници, и Европската Комисија одржува редовни средби во рамките на комисијата за здравствена безбедност каде учествуваат и земјите членки на ЕУ.
Портпаролот за здравство, Стефан Де Керсмакер, изјави попладнево дека Комисијата е во постојана комуникација и со Европскиот центар за контрола на болести, кој вчера објави и првичен извештај за мајмунските сипаници.
Во извештајот се вели дека нивото на преносливост на оваа болест е умерено, но драстично се зголемува во случај на близок контакт, посебно сексуален, додека доколку нема близок контакт помеѓу две лица, ризикот е низок.
Комисијата за здравствена безбедност на ЕУ ќе се состане повторно идниот вторник за да дискутира за оваа појава, а наскоро земјите членки на ЕУ ќе добијат и процена на ризик изготвена од страна на Европската Комисија врз основа на научните наоди.