19.05.2022 година
Мицкоски и неговата политика на фундиментализам
Јас можам да зборувам, јас можам да пишувам и јавно можам да предупредувам дека Мицкоски ќе биде следен Груевски, што значи дека политиката ќе му биде насилничка и осветољубива. Таков е тој „патриотски“ табиет (на сите бои): кога Македонија ја разбираш како „штур“ идеологем во кој можеш да „шприцас“ се’ што на ум ќе ти падне, а најчесто ти паѓаат глупави работи, насилството му доаѓа како „добро утро“ и „добар ден“.
Понатаму, бидејќи неговите се апсолутно безначајни ликови во политичка смисла, нивната проекција за Македонија ќе биде крајно сиромашна и партикуларна, така функционира нивното „оперативно поле“, а нивната политика се сведува исклучиво на партиското членство и клиентела, се останато кај Мицкоски е медиумска манипулација.
Ама една работа не треба да се заборави: Мицкоски и неговите се амбициозни и опседнати со своите лични имиња, што е обратно пропорционално од талентираноста, така што тоа дополнително ја комплицира ситуацијата.
Амбицијата, сама по себе, не е лоша работа, под услов да е пропратена со компетенција, а во политиката абицијата претставува „бркање“ на себични интереси без способност да се согледа „општото“.
Во тој случај, зборуваме за визии. Визиите и халуцинациите, во чисто онтолошка смисла, припаѓаат на иста природа, ама визијата е – најблиска до реалноста – активна и делотворна, додека халуцинацијата е – затворена внатре во индивидуалната психологија, а притоа е пасивна и штетна.
Еве пример: „Едно општество за сите“ е визија која кореспондира со реалноста; а „Македонија за сите луѓе“ е халуцинација бидејќи ако Македонија се конституира во „чист“ етнички клуч, тогаш многу луѓе ќе бидат исклучени од реалноста, не е од Македонија како идеологем, туку ќе бидат исклучени од општеството односно од заедницата.
„Македонија за сите луѓе“ на Мицкоски нема никаква иднина, всушност, таа нема ниту сегашност, затоа што се води во елузивните предели на фантазијата. Таквата политика на Мицкоски, а претходно и на Груевски, секогаш оперираше со одсуство, со негативитет, со она кое го нема и она кое не може да го има.
Во суштина, нашиот најголем проблем со оваа и онаа политика или идеологија е, тоа што немам јасна перцепција за реалноста. Видовме дека политиката на квазипатриотскиот блок дека е нереална, дека таа не оперира со фактите, туку се обидува фактите да ги прилагоди според сопствените проекции. Оттука и „патриотскиот“ анимозитет према ЕУ, према Европа во целина.
Суверенитет во кој двајца инсистираат, не е суверенитет на нацијата – камо среќа да е така – туку се работи за личен суверенитет и идентитет на недопирливост. Овде така се разбира политиката. Класично племенски. Како тие да се поглавици, а ние делови од нивните племиња.
Европската унија е така устроена што не го загрозува националниот суверенитет на оваа или онаа нација, тука само ја неутрализира или ја насочува узурпацијата на суверенитетот од страна на политичките класи и го ограничува нивниот економски интерес. Или со други зборови: кога Македонија би била дел од ЕУ, Мицкоски би морал да се лиши од низа патриотски задоволства. Нема да може со даночните обврзници да прави што сака, нема да имаат велелепен партиски дворец во центарот на Скопје, немаше да има одела Карл Лагерфелд, немаше да има скапи часовници, купишта пари, хидроцентрали…
Таква политика, драги пријатели, нема никаква иднина. Таа, рековме погоре, нема ниту сегашност. Таквата политика секогаш оперира со одсуство, со негативитет, со она кое го нема и кое не може да го има. Таа политика исклучиво се темели на несреќа, на изгубеност, на јад и беда и многу вешто со овие категории се манипулира.
Политиката Мицкоски ја црпи од слабоста на нацијата; личната благосостојба ја црпи од слабоста на народното осиромашување. Ветувања и грандиозни реченици никого не треба да мамат. Македонија поднесува огромна жртва со тоа што го реши билатералниот спор со Грција, а тоа дополнително ја исцрпува за да го реши и спорот со Бугарија.
Со Мицкоски нема мир, нема да има ниту стабилност, затоа што Мицкоски и неговите фанатици се изворот на нестабилност и немир.
17.05.2022 година
Знам, тешко е да се биде лидер кога никој не те следи
Ќе протестирале, во земјата владеело катастрофа, башка била цела избезумена, дефокусирана, па масовно ќе се протестирало пред Владата. За да сме се врателе во фокус, на „прав колосек“, вели Мицкоски.
Тешко му е, го сфаќам, да се биде лидер а никој да не те следи. Прашајте ги тие од неговото најблиско опкружување. Всушност, лидер може да биде и херојска фигура, или татковски тип, или мудрец кој е преполн со знаење, или да има цврст карактер способен да им одолее на сопствените желби. Во кои од овие личности го препознавате Мицкоски? Каде тука спаѓа Овој што долго останува во вашата свест и го префрла на Други? Оној што кога ќе си замине, останува празнина после неговото заминување?
Тандемот Груевски-Мицкоски, едниот во странство, а другиот тука, се ништо друго освен вируси од широк спектар, дополнително – претставуваат каријатиди на една денунцијантско крило на нивната партија која пред извесен период ја приватизира Македонија. Тие ќе сакаат повторно да одлучуваат за секој еден човек во оваа земја, ќе сакаат повторно да ѝ пресудат на секоја фирма, медиум, институција, партија, затвор, слобода, увоз, извоз. Овие двајца ќе сакаат да одлучуваат дури и за секој криминалец. Се разбира, освен оние кои одлучуваат за нивната судбина.
Сакаат повторно да ни влезат во нашите паричници, како чопор во месара; во нашите домови, во нашите глави, како болест. Тие ги растурија институциите, а сега преку протести ќе се обидуваат да се вратат на власт. Тие ја деформираа правдата, тие ги растегнаа законите. Тие ја бараат државата за да ја претворат во приватни цели. Ќе се обидат уште еднаш себе да се изберат за владетели. Тие од Македонија направија земја која лични на растурена телефонска говорница: сите сè снимаат, душкаат, вадат батерии од мобилните телефони, шепкаат. Тие се класични егземплари дека секоја неформална моќ може да се издигне до семоќ. Тие дел автори, дел наследници на транснационален партиски систем на паралелната власт, организирани според воена хиерархија, тамо кајшто припадници им стигнува награда, ама и казна.
Признавам, Мицкоски не е никаков лидер. Нема харизма, нема мудрост, нема брзи и луцидни аргументи. Премногу очигледно е дека нема капацитет во себе на „заводник“. Единствено има огромна суета на генералисмус. Ама таквата суета за него ќе претставува и казна. Заради Мицкоски и неговата блокада во Собранието, Македонија изгледа како „официјален влез“ за Пеколот, во кој Мицкоски, при влезот, лично кине карти.
Ако сè ова ви звучи премногу претерано, кажете ми тогаш како се нарекува функција во која се вкрстува секаква моќ – не си вмроовец, а се преправаш дека си; мислиш дека имаш коалиционен потенцијал, а всушност немаш, бидејќи не си лидер; располагаш со разни документации – а не си полициски инспектор; се повикуваш на силата на правосудниот систем – а тамо не работиш; се занесуваш дека ќе бидеш следниот премиер – а не си ниту во парламент; велиш дека си лидер – а не си излегол на избори.
Како се нарекува тоа кога имаш толку моќ а минимум одговорност? Има ли таква функција во Европа? Мицкоски не може да биде лидер, не само што никој не го следи, а од Македонија спремни се да прават голема „Поротничка држава“. Тоа знам, го познава таквиот менталитет. И знам што им е на ум. А тамо нема ништо добро, нема ништо вредно. Само промаја, виор и понекоја напуштена конзерва која се тркала на пустата улицата.
16.05.2022 година
Талат Џафери единствено погреши што не беше уште поостар и уште побезобразен
Што е скандалозно во тоа што Талат Џафери, претседателот на Собранието, рече, цитирам: „ако не планираш да се тепаш, тргни се“. Или тоа што Џафери пцуел, па тоа на нашите фолиранти им било скандалозно. Можеби зборовите, „ако не планираш да се тепаш…“ или некоја пцовка, тоа, им било навредиливо, скандалозно… Нека ми простат „навредените“ фолиранти, тоа што Џафери го изговара во Собранието не е ништо страшно. Напротив, така секој нормален и пристоен човек би реагирал. Дури на моменти мене ми звучеше и шармантно.
Може ли, Јовановиќ, да ни ги аргументираш овие изблици на револт на Талат Џафери во Собранието? Се разбира. Да одиме со ред.
Секој оној што дебатирал со „вмроовци“ на отворена сцена знае дека тоа не е дебата, туку насилство. Реторичко насилство. Дури, да бидам уште попрецизен: кога „вмроовци“ одат на дебата, тие ниту го гледат, ниту го слушаат соговорникот, па на неговите тези да нафрлат контратези, јок, море! Тие си испуштаат пропагандни пораки, вртат од шупље-во-празно четири тези, на тоа појачуваат со по некоја навреда, во смисла, „предавник“, „бескичмењак“ и слично на тоа. Тоа е „поубавата“ страна од дебатата.
(За љубопитните: се сеќавате кога Груевски му се пикна во фаца и во тело на Џефери, сакајќи да се тепа во Собранието? Се сеќавате Груевски каков булиевец беше? Сте заборавиле, ако, се случува.)
Гадната страна во нивното дебатирање е внесувањето во фаца, ти се пикаат в лице со цел да предизвикаат контрареакција, а потоа да се претвори целата атмосфера во општа калакурница. Од таква калакурница може само „вмроовците“ да профитираат, ако само за момент им се исфрлите пооштро, побрутално или ако ги испратите во 3ЛПМ. Ако ги испратите тамо, ќе почнат да се жалат дека сте радикален, дека со такви како вас нема разбирачка, дека вие сте хулиган, дилетант, а во случајот на Џафери, вие ќе бидете „командант Форина“, па тоа ќе се прошири кон СДСМ и ДУИ, и знаете веќе како оди тој фолклор.
Фактот е дека ВМРО-ДПМНЕ и Левицата на Апасиев се луѓе родени – како политички субјекти – во таква атмосфера. Тие едноставно не знаат поинаку. Ќе ти се пикнат во фаца, па кога ќе ги испратиш онаму кајшто секој пристоен човек би ги испратил, ќе почнат да му се жалат на светот, на галаксијата и млечниот пат.
Понекогаш, лажните левичари и лажните „вмровци“ ми изгледаат како патници во автобус: влегува некој булиевец (читај, насилник), седнува на предно седиште, а до него седи некоја бабичка. Се sвери булиевчето долж автобусот само колку да ја измерка ситуацијата. Сфаќа дека нема кој да го загрози, ѝ ја граба чантата на бабичката и се обидува на следната станица да побегне. И тука, описно-симболички ќе направиме мала пауза.
Знаете ли за кого ќе навиваат лажните „вмроовци“ и лажните „левичари“? Точен одговор: за булиевецот, за насилникот. Еден нема да рипне и рече „држте ја битангата“. Е, така ми личат ВМРО-ДПМНЕ и Левица во Собранието.
Тие Талат Џафери го гледаат како албанец (или „шиптар“); тие Талат Џафери го гледаат како радикално Друг од себе. Тие го гледаат како некој кој не е наш. Типична националистичка дијоптрија на национални далтонисти.
Јас мислам дека Талат Џафери е многу пристоен во Собранието. Толерентен, тие нему на глава му се качуваат, а тој ги слуша, ги „хендла“. И, уште еден детаљ: Талат Џафери е перцепиран во Собрание како „албанец“ или поточно, „шиптар“. До кога тие ќе ни ја водат државата, до кога ние сè ќе им даваме…
Талат Џафери е репрезентативна личност, претставник на огромен број на Албанци, а воедно е и претседател на Собранието. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од друга страна, не претставуваат никого – барем во овој политички контекст – туку го претставуваат исклучиво Мицкоски и неговата фамозна политичка кариера која гласи: „тате, гледај ме, ќе ти станам премиер“. И тоа е сè. Поточно, тоа е клучната разлика измеѓу Талат Џефери и пратеничињата на Мицкоски. А разликата е огромна. Во светлосни години. Талат некого претставува, претеничињата на Мицкоски освен Мицкоски, кого друг го претставуваат?
Натаму, Талат Џефери беше во Украина. Кај Зеленски. Човекот испрати премногу важни и емпатични пораки, а нашите медиуми скромно известија за постетата на Џафери – како претседател на Собранието на РСМ – оти, нели, „човекот не е наш“. Талат and Џафери е Албанец, море, луѓе, еееј!
И во „случајот Џафери“ гледам уште еден феномен: додека има век и свет, Мицкоски и неговата клика ќе останат тоа: обични дискриминатори-булиевци. Џафери е Албанец кој претставува реални Албанци, а Мицковци кого реално претставуваат? Се претставуваат себе. Таква и партија направија: сите што не сме ние мора да се испратат на буништето на историјата.
Ако се малку чесни, ова треба да им биде слоганот на следните „предвремени парламентарни избори“.
Ненад Јовановиќ