„Зад димната завеса“ ќе се емитува во живо од прес центарот на Цивил, денеска во 13:30 часот. Водители ќе бидат Зоран Иванов и Џабир Дерала.
Во ова издание од „Зад димната завеса“ јавноста ќе има можност да проследи неколку изјави од експерти што се однесуваат на медиумската писменост и дезинформациите во медиумите.
Дел од тимот на Цивил ќе сподели информации од работата на мониторинг тимот, со практични примери за тоа како се шират дезинформациите и пропагандата во контекст на руската инвазија врз Украина.
Панел дискусијата е дел од проектот „Зад димната завеса“ со кој ЦИВИЛ спроведува медиумска и граѓанска акција против дезинформациите и пропагандата. Проектот се фокусира на странската, антизападна пропаганда преку мониторинг, анализи и обелоденување на дезинформациите и пропагандата за критични теми, како што е агресијата врз Украина, евроатлантските интеграции и други процеси од круцијално значење за нашата земја.
Критичните процеси за земјата се мета на долготрајна пропаганда од истите, меѓусебно поврзани центри. Тие имаат една заедничка цел – поткопување на владеењето на правото, демократијата, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Затоа, ЦИВИЛ ќе преземе серија сеопфатни активности да се спротивстави на тие тенденции.
Дискусијата ќе се емитува во живо, на онлајн каналите на ЦИВИЛ, Фејсбук и Јутуб.