пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Уставниот суд не поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на Законот за амнестија во целина, додека иницијативата за оценка на членот 2 од истиот закон е отфрлена, бидејќи веќе се одлучувало за тоа. Вест која и не би требало да значи многу во оваа општа предизборна калакурница. Навистина, не многу важна работа. Ова е особено така, бидејќи едната од двете иницијативи ги поднесе Тодор Петров, крајно маргинална фигура во македонската политика, чии мотиви беа да се осуети амнестијата на ликовите опфатени со судските постапки поврзани со крвавиот напад на Собранието на 27 април 2017 година. За строго партиски потреби, а не за потреби на правдата и пошироките државни интереси!
Без да навлегуваме во тоа дали конечната одлука на Уставниот суд е исправна или не, мора да констатираме една работа. Боде очи бавноста на работата на Уставниот суд. Со бавноста, било да е тоа на Уставниот суд или на било која институција, се поддржуваат неефикасноста и им се остава простор на валканите пропагандисти да ги политизираат и да ги блокираат стратешки важните процеси. Особено во пресрет на предвремените парламентарни избори.
Собранието не е за пофалба, ни оддалеку. Но, се случува, токму тоа и такво, проблематично Собрание, да биде во ситуација да дејствува брзо и да носи тешки и одговорни одлуки во краток рок, во крајно деликатни и важни моменти за македонската држава, како што беше случај со постапката за уставни измени пред една година. И тоа го стори, што е за одбележување и пофалба.
Со одолговлекување на постапката по иницијативите во Уставен и носење одлуки во предизборен период, им се дава простор на антизападните структури во земјава, чие главно пропагандистичко оружје е токму борбата против македонската иднина во Европа. Може некој да најде оправдување и за Уставниот суд, но секој што се обидува да ја разбере комплицираната македонска политичка реалност, пред да донесе заклучоци, треба да има предвид што се случуваше тогаш и што се случува сега.
Најважно од сѐ е секој обид за политизација, внатре во одаите на Уставниот суд, да се осуди веднаш и без двоумење. Оваа земја не може да си дозволи повеќе никогаш Уставниот суд да биде само уште една партиска експозитура, како што тоа беше случај за време на режимот.