„Секојдневно на вестите и на утринските блокови гледачите се занимаваат со „македонското прашање“. Всушност и нема дискусија, освен меѓу радикалните и порадикалните. Секој што има поинакво мислење е „национален предавник“ или „колаборационист”. Едноумието е задушувачко“, вели во интервју за Дојче Веле, белгискиот балканолог и универзитетски професор Рајмонд Детрез, одговараќи на прашањето дали ја следи јавната и политичката дискусија поврзана со Северна Македонија.
ДВ: Како научник кој добро го познава минатото на двете земји, нивните култури и население, како ги оценувате актуелните спорови во Бугарија – всушност едноумието, за кое зборувате?
Јас сум на мислење дека Бугарија не треба да прави никакви отстапки за историските прашања. Во исто време, укинувањето на ветото не значи дека Бугарија се откажува од Цар Самуил или од Гоце Делчев или од својата историја. Бугарската историска наука може да продолжи да се држи до своето мислење за сите прашања што се однесуваат на Македонија и Македонците. И што ако за тие нешта во Северна Македонија тврдат нешто друго?
Уште во 1860-те, според Петко Славејков, „македонистите“, кои постојат многу пред Коминтерната и Тито, сметале дека Бугарите се „Татари“. И каква штета претрпе Бугарија од тоа тврдење и кој надвор од Бугарија воопшто обрнува внимание на тоа? Ако ме прашате мене, од таквите навреди најмногу треба да бидат погодени Tатарите.
ДВ: А што мислите за конкретните тврдења на Софија?
Бугарија понекогаш прилично кусогледо и контрапродуктивно ги брани своите интереси. На пример, тврдењето дека вклучувањето на Бугарите во македонскиот устав ги гарантира нивните права веднаш го наметнува прашањето како тогаш се гарантираат правата на малцинствата во Бугарија, чиј устав не споменува ниту едно малцинство. Бугарскиот Устав ги признава индивидуалните граѓански права, но и македонскиот Устав го прави истото. Членот 9 вели дека „граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, без разлика на пол, раса, боја на кожа, национално или социјално потекло, политичко или верско мислење.“ Овој член ги штити Бугарите во Северна Македонија на ист начин како што се заштитени Турците во Бугарија. Освен тоа, кога Бугарија инсистира дека има Бугари во Северна Македонија, заедно со Албанците, Турците, Власите и другите, нели се откажува од идејата дека Македонците се всушност Бугари? Или има два вида Бугари?
ДВ: Многу се спори и околу дефиницијата „фашистички“…
Да, доста проблематично е и инсистирањето да не се спомнува „бугарскиот фашистички окупатор“. Прво да разјасниме едно: Македонците не тврдат дека Бугарите се фашисти, туку само дека имало фашистички окупаторски војски. Овие војски и во Бугарија за време на Втората светска војна официјално се нарекуваат „окупаторски”. Јас никогаш не сум мислел дека во Бугарија постоел фашистички режим, но самите Бугари 45 години инсистираа дека постоел монархо-фашизам, а некои и денес го тврдат тоа. Само погледнете наоколу и ќе видите колку споменици има за „борците против фашизмот“, а има и споменици на советските „ослободители“. Од што ги ослободувале тие Бугарите, ако не од фашизам?
Бугарија е сојузник на фашистичка Италија и Германија. За „ослободувањето“ на Македонија им се благодари на царот Борис III и на Хитлер. Не мора неизбежно да си Македонец за да го воочиш тогашниот бугарски режим како фашистички. Ако Бугарите се толку желни да не ги сметаат за фашисти, дали беше соодветно бугарскиот културен клуб во Битола да се нарече „Иван Михајлов“?
Да, Софија не мора нужно да се придржува до мислењето на Македонците, но европските партнери треба само да кликнат на неговото име на Википедија (дури и бугарската) за да наидат на еден извршител на убиства и терористички напади, личност која одржува врски со Хитлер и Мусолини и е личен пријател на Анте Павелиќ. Што и да бил Иван Михајлов за Бугарите, кога се бара поддршка од европските партнери за бугарската кауза, попаметно ќе беше да се избере име на помалку компромитирана личност. Во Европа веќе не важи ставот дека можеш да правиш убиства во име на нацијата. Од таа гледна точка, споменикот на Солунските атентатори во центарот на Скопје е исто толку неумесен.
ДВ: Зошто, според Вас, толку висок процент од Бугарите покажуваат таква историска нетрпеливост и ја одобруваат политиката на блокирање на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ?
Ги разбирам овие емотивни врски на Бугарите со Македонија, но само затоа што со години се занимавам со Балканот и добро ги познавам тамошните чувствителности. На ист начин Грците не можат да го заборават Константинопол, Србите- Косово, Романците- Молдавија итн. Во Западна Европа веќе не постојат толку силни спротивставени емоции. Франција и Германија, кои со векови водеа војни за Алзас и буквално дадоа милиони жртви, решија да го остават минатото зад себе. И меѓу Французите и Германците има многу чии прадедовци ги дале своите животи за „националната кауза“. Дали, да го надживееш тоа чувство е национално предавство или разумна, морално оправдана одлука?
Слушнав дека една од спорните историски личности е и Крали Марко, но се надевам дека ова е само шега.
Друга причина за овие силни емоции е фактот што на Балканот историјата сè уште се злоупотребува за патриотско, ако не и националистичко, воспитување на младите. Во овие земји историјата е полна со херои и маченици, со историски навреди, катастрофи и неправди кои не смеат да се заборават, туку напротив – мора да се „поправат“ и надоместат.
ДВ: Вие добро ја познавате и Северна Македонија: како го оценувате односот на луѓето таму кон Бугарија и Бугарите?
Јас лично не сум бил сведок на непријателство, но претпоставувам дека има такви случаи. Бугарија има право да бара прекин на дискриминацијата и говорот на омраза. Меѓутоа, ветото води кон спротивното: предизвикува, па дури и го засилува говорот на омраза. Слушнав на една бугарската телевизија како новинар, замолен да даде примери за говор на омраза, зборува за скандирање навреди кон Бугарите од навивачи за време на фудбалски натпревар. И како Македонците викале дека Бугарка вреди пет лева. Во исто време сум слушнал и Бугари да зборуваат слични работи за украинските бегалки. А за фудбалските фанови нема што да се зборува. Се разбира, тоа се простотилаци, но Европската унија воопшто нема да прифати такви изјави како прифатлив изговор за вето.
ДВ: Да се вратиме на главното прашање: што мислите што сакаат бугарските граѓани и повеќето бугарски политичари од соседната земја и нејзините граѓани?
Понекогаш само внесување (на Бугарите, н.з.) во Уставот, понекогаш се појавуваат три услови, друг пат пет-шест. Како да станува збор за некаков недовршен автопат. А славниот Договор за добрососедство изгледа ужасно растеглив. Слушнав дека една од спорните историски личности е и Крали Марко, но се надевам дека ова е само шега. Некои барања се оправдани, ги споменав предмалку, но барањата во однос на идентитет, историја и јазик се апсурдни и изгледаат неразбирливо, дури и смешно во очите на западноевропејците.
ДВ: За крај, како и кога мислите дека ќе завршат актуелните културно-политичко-историски спорови меѓу двете земји?
Со дипломатски компромис кој ќе им овозможи на двете страни да се претстават како победници. Но, тоа ќе чини многу драгоцено време. Во предвечерието на Дејтонскиот договор во 1995 година, Ричард Холбрук ги вразуми југословенските лидери со забелешката „No more historical lectures, gentlemen. No more bullshit”.(„Нема повеќе историски предавања, господа. Нема повеќе срања“.) Да, манирите во Европската унија не дозволуваат страните да бидат третирани на толку груб начин, но од друга страна, ЕУ не може да си дозволи приемот на Западниот Балкан постојано да биде попречуван од вакви симболични несогласувања. Затоа што, замислете какви кавги се наѕираат на хоризонтот кога ќе почнат да се приклучуваат Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора! А Бугарија навистина можеше да одигра историска улога на Балканот, доколку го следеше, не примерот на Грција, туку на Франција и Германија, оставајќи го минатото зад себе.
Професор Рајмонд Детрез е историчар и основач на Центарот за југоисточно-европски студии на Универзитет во Гент, Белгија. Автор е на повеќе книги и трудови посветени на Балканот, а особено внимание привлече неговото истражување на животот и делото на Григор Прличев (1830-1893).
Извор: Дојче Веле