По долгиот молк и по речиси едногодишна блокада на реформите во правосудството, каде што еден од најважните закони е Законот за Јавно обвинителство, се огласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, дел од членовите во новиот предлог закон за јавно обвинителство се неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ бидејќи во неколку наврати се крши Уставот и Обвинителството го става под контрола на власта. Тој рече дека забелешките допрва ќе бидат доставени до претставниците на СДСМ, а дури потоа ќе се согласел на средба.
Мицкоски кажа дека при анализата на Предлог законот партијата консултирала повеќе правни експерти кои, како што кажа, се подготвени да ги бранат забелешките.
Повторно предлагаат, рече Мицкоски, формирање на посебно обвинителство со енормно високи плати и додатоци на посебна каста на привилегирани обвинители, а на штетата на обвинителите во редовното обвинителство.
– Предлагаат закон кој што е антиуставен и во спротивност со кривичното право. Со законот се наметнува обврска на Советот на јавните обвинители да ги префрли обвинителите од СЈО во рамките на новото обвинителство за организиран криминал, што е противуставно и противзаконски, рече лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.
Мицкоски во неколку точки ги образложи, како што кажа, дел од забелешките.
– Начелото на единственост на јавното обвинителство, утврдено во Уставот, не дозволува основање и укинување на „други паралелни обвинителства“ како што предлага СДСМ. Оттука, членот 24 за формирање на такви обвинителства е противуставен, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, член 26, став 2 не води сметка за уставното начело на двостепеност во заштитата на правата на јавните обвинители.
– Став 5 од членот 26 доведува до нееднаков третман на јавните обвинители. Не се јасни причините зошто Јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не можат да бидат упатени во друго јавно обвинителство, рече тој.
Како што кажа, ставот 2 го крши принципот на хиерархија кога вели дека Јавното обвинителство без согласност на ЈО при ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција не може да преземе кривично гонење или вршење на одделни работи за кои е надлежно ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција или да овласти друго ЈО. Со овој став, додаде Мицкоски, повторно се прави паралелизам во ЈО слично на она како што беше со СЈО.
– Изборот на јавен обвинител го врши Собранието како политички орган по предлог на Владата и по прибавено позитивно мислење на Советот на јавни обвинители, па според тоа изборот е политичка проценка и одлука на одредено мнозинство во Собранието. Лицето кое би било предложено треба да е од поширока компетентната правна фела, а за таква треба да се вклучи и научната и стручната универзитетска фела, од редот на редовните професори по право кои се избрани на предмети од правосудна област. Тоа во текот на минатогодишната рунда на преговори односно минато месечните рунди на преговори веќе беше договорено, но повторно се враќаат на почетната позиција, тврди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Со решенијата на членовите 63 и 64, според него, пренагласена е улогата на Советот на јавните обвинители во селекцијата на предложените кандидати преку т.н. претходно позитивно мислење за одреден кандидат за истиот биде предложен од Владата.
– Односно тоа како би изгледало во пракса, Заев би нарачал, а Јовески би испорачал. Терминот „мислење“ нема правно обврзувачка сила. Од решенијата, произлегува дека без претходно позитивно мислење, Владата нема да може да предложи кандидат и огласите да се повторуваат до бесконечност, што претставува правна замка од која нема да може да се избере нов Републички обвинител од страна на новото Собрание, смета Мицкоски.
– Со решението кое СДСМ го предлага доаѓа до неможност новата Влада да предложи, а новото парламентарно мнозинство да го разреши републичкиот јавен обвинител односно постојните политизирани и компромитирани решенија да бидат зацементирани во иднина, рече Мицкоски.
Зборуваше и за платите на односно дека согласно член 102 јавниот обвинител од основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е привилегиран, „односно неговата плата е за 5 отсто помала од платата на државниот јавен обвинител, а платата на другите јавни обвинители е како онаа на јавен обвинител на вишото јавно обвинителство“.
Дополнително, членот 103 остава простор за продолжување на лошата пракса да се доделуваат додатоци, вели Мицкоски, посочувајќи на опасноста да се повтори она што се случуваше во СЈО.
– Членовите во преодните и завршните одредби се противуставни и се во директна колизија со законот за кривична постапка од причина што тој закон не го познава незаконското следење на комуникациите, а уште помалку т.н. кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, па оттука невозможно е обвинителството да ги интегрира тие дела во делокругот на својот прогон, рече Мицкоски.
Мицкоски рече дека со овој закон практично треба да се озаконат процеси што веќе се во тек бидејќи предметите на СЈО се во државното обвинителство и по нив се работи.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев ги дисквалификува тврдењата на Мицкоски како апсурдни и изјави дека зад ставовите на Мицкоски се кријат инструкции од Будимпешта.