коментира: ЏАБИР ДЕРАЛА
Антонијо и партијата што ревносно ја претставува во сѐ полошо светло уште еднаш приредија шоу во парламентот со кое имаат една единствена намера – да продолжи блокадата на донесување закон за јавно обвинителство. Тој, по не цели десет минути, си замина (читај: избега) од средбата со министерката Рената Десковска и другите парламентарни партии и работни групи кои требаше да работат на „пеглање“ на разликите во предложениот закон.
Оваа постапка доаѓа ден по шоуто на неговиот партиски шеф, а секако под диктат од Будимпешта, кога изнесоа дузина „експертски“ небулози на сметка на предлог законот за јавни обвинители во кои „стручно“ констатирале дека има низа противуставни елементи.
Пази, богати! Партијата што „докторираше“ во кршење на Уставот и ја зароби државата, ги изгази правото и правдата, пронајде противуставни елементи во законот што го блокираат веќе една година. И диктираат формат во кој тие ќе ги презентираат своите „длабокоумни“ забелешки. Па тој формат во целост е прифатен. Целата јавност, целата држава, уште еднашсе понадева дека процесот ќе се помрдне од мртва точка. Залудно.
Ајде, сето тоа и да го проголтаме (до кога?!), но МВРО и Антонијо не понудија разумни причини за бегството од средбата со министерката за правда, Дескоска. Одненадеж, им текнало дека на средбата не е присутен државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, па не сакале без негово присуство да ги презентираат своите забелешки на законот.
Значи, до вчера се фемкаа, па договараа, па бегаа, па блокираа, па молчеа, па спинуваа… за на крајот и да се согласат на средба. Тие бирале кого ќе поканат, им се исполниле сите желби. А можеле да го поканат Јовески и самите. Секако можеле да му се јават и да се сретнат со него. Накратко, и ова е еден од тие изговори што не би им поминал ни во градинка. До каде стасавме, коментираме толку приземни и примитивни постапки…
И ова бегство треба да остане запаметено како уште еден обид да се блокираат правосудните реформи, за да се заштитат криминалците од правдата. Важно им е да купат што е можно повеќе време до изборите. Секоја минута одлагање е чекор подалеку од правдата. Не е важно колку се апсурдни и глупави изговорите, не е важно колку кукавички изгледаат овие бегства, важно е да се осуети правдата. Ништо друго не е важно.
Едноставно, треба да ја прифатиме реалноста. Со вакви блокади и трикови за мали деца, Закон за јавно обвинителство нема да се донесе.